Призраците Алка, Ло и Ден

17.09.2009 11:34
snovidenija-2_naslovna.jpg

Фамозниот скопски сликар Александар Станковски поголем дел од животот живее карши фабриката “Алкалоид”, во “Автокоманда”. Фактов може да се сфати и метафорично (алхемиски), оти алкалоидите (азотните органски споеви со билно потекло, со горчлив вкус, понекогаш отровни, понекогаш лековити, меѓу кои најпознати се: кининот, кокаинот, кофеинот, атропинот, морфинот, никотинот, стрихнинот итн.), на некој начин, го одбележуваат животот и делото на фабулозниот македонски уметник.

Има една стара приказна (да не речам алегорија:) за Станковски (забележана во апокрифните ракописи на мистериозниот писар Глушо Волкановски), која покажува дека темелот (алем-каменот:) на целото творештво на Станковски е - алкалоид(ен).

Се случило, значи, после едно напорно деноноќие (“и после сликаревата голема изложеност на алкалоиди, алкали и алкохоли”, како што вели запишувачот Волкановски), пред вратата на станот-атеље на Ацо да се најдат три необични персони по име Алка, Ло и Ден. “Алкалоиден раствор ние не сме!”, хорски запејале трите лика пред сосема фрапираниот Станковски, кој им ја отворил вратата, да влезат (“да влезат во мојата алиенација, во фантомскиот албум на низ алузии и илузии изгубената нација, а можеби и во алманахот на ЦИА?!” - вели текстот на Волкановски кој се труди да навлезе во алувијалните слоеви на свеста на Станковски).

“Алелуја, пријателе!”, рекле трите личности. “Ко што рековме, алкалоиди не сме, ниту алкали, ниту алкални метали... Не сме ни алогени, во твојот мозок, туку сме твои!”

“Океј, тогаш, може сте нов вид алкотест (“алкотекст, аха”, по маргините интервенира низ ракописите злобниот писар:), оти имав напорна ноќ и баш и неам алиби за своите алипни психоделични талкања... Или сте мачорот, петелот и магарето, директ од бајка? Или сте светото Тројство?!”, се обидувал изненадениот сликар да се справи со трилингот призраци.

“Ќе ти ја откриеме нашата хемиска тајна, која воедно е и твоја: ние сме алотропната алијанса на хемичарите од карши, доаѓаме директно од тајните алтернативни лаборатории на “Алкалоид”! Под земјата имаме ископано тунел до твојата зграда, иако се движиме и ко испарувања, како што и името ни вели; алотропни сме (ало!, тропни!, разбуди се!, Станковски!) оти се појавуваме во различни форми; знаеш и самиот, јаглеродот, на пример, постои и како графит и како дијамант”, му ја изрецитирале подготвената (ал?)хемиска формула за контакт трите неканети гости на еден од најголемите балкански шамани (“тоа сега веќе можеме да го обелодениме”, вели текстот на Волкановски), Ацо Станковски.
“Копчам”, рекол Станковски пред алотропната алијанса, Алка, Ло и Ден. “Алкалоиден е само надворешниот дел, а внатре се парченцата со опавчиња, што продираат, мутираат и менуваат форми...”
“Глеј, Станковски, ќе бидеме отворени (колку што алотропното битие воопшто може да биде отворено, не?:): алтернативните подземни лаборатории на “Алкалоид” всушност се алуминат, воспитен завод кајшто ги прибираме надарените, посветениците во тајната...”
“И?!”, прашал Станковски. “Кој курац е сево ова, сега?! Пред да ме киднапирате, да ми напраите алокација од атељево, ебате, ми држите алокуција, ко папа пред кардинали?!”

“Во моментов ни треба помош за еден проект кој ги ангажира сите наши ресурси, а се води под името: 'Македонскиот Голем'...”

“Голем е нешто ко робот, скулптура од кал, која се оживува со помош на врежување на волшебни зборови?”, знаел упатениот скопски шаман вешто камуфлиран во сликар.

Тогаш алотропната алијанса од под наметките (од сопствената внатрешност, всушност, токму создадена од наметки, превези и магии) го извадила Алрауна, волшебното човече направено од коренот на растението мандрагора. “Ова е нашата Алма Матер, Станковски, алтер егото на целокупниот просторно-временски Македонец, распослан низ димензиите како партал!”, рекле Алка, Ло и Ден. Станковски во тој момент доживеал шок! Коренот на пра-Македонецот стоел пред него!

“Имаме само еден мал проблем со нашиот пророк-демон, еманацијата на севременската македонштина: мртов е”, рекла алотропната алијанса. “И може да го оживее само алката што недостасува: алкалната алга.”

“Или сакралната лага? А ако и алгата е само уште една дарвиновска алка од гала-лага?!”, прашал соземениот Станковски, секогаш спремен за нови конспиративни пресврти. “Мож севременскиов алипен Македонец ќе го опоравиме со малку скулпторска алопластика?! Има мајка ми малку алоин, од алоја, иам и алва, алуминиум, алкална сол, крлушти од алигатор, прав од лилјачки крилја, менструална крв од девица, алфабет од скрабл...”

И тогаш, во тој момент, како нешто погрешно да измантрал, просто ко алергиска реакција од натрапник, ко утнат алкејски стих, лошо избројани слогови на хаику, кабалистички фијаско... - сè исчезнало!!! Од целата алотропна алијанса не останало ни “Ло”! Штама и празнина! Само сликата на заледениот сликар, Ацо Станковски, како стаписано, низ прозорот на своето атеље, ѕвери во зградата отспротива, на “Алкалоид”, а помеѓу нив, на сликата, фатен е и еден од првите утрински автобуси, раскантаната црвена двојка заакана накај центар...

 

Слики: Александар Станковски

ОкоБоли главаВицФото