Часовникот во Скопје

13.11.2012 11:43
Часовникот во Скопје

Минатиот пат запишав дека цивилизациското доцнење на овие македонски простори, пред сè во однос на Западот, но и во однос на регионот, изнесува меѓи 20 и 100 години.

Се разбира, постојат исклучоци од тоа наше генерално заостанување. Деновиве прочитав за еден таков мошне интересен исклучок, за кој ретко кој би претпоставил дека воопшто е можен, со оглед на вековното технолошко и урбано заостанување на овие простори.

Еве за што станува збор: хугенотот Филип ди Френ-Кане, кој во 1573 година го прошетал Балканот, оставил запис во кој тврди дека првиот јавен часовник во балканскиот дел од османлиското царство се наоѓал на дрвениот ѕвоник во Скопје (Ускуб), каде што бил донесен од хрватско-унгарскиот Сигет (Сигетвар) набрзо по турското освојување на тој панонски град во 1566 година. Часовникот можел да се слушне во целиот град како ги отчукува часовите “на француски начин”, а “во цела Турција”, вели Кане, “немало други јавни часовници, наспроти тоа што Турците часовниците мошне ги сакаат и ги ценат”. Еден англиски патник во 1669 го опишал овој споменик како “дрвена кула со часовник и ѕвоно”.

Американскиот историчар Трајан Стојановиќ (кој е роден во Битола, 1923, а на седумгодишна возраст со семејството заминува за Америка) смета дека вториот јавен часовник на Балканот можеби бил оној на сахат-кулата во Филиполе, поставен пред 1623. По него следел часовникот поставен во Драма, пред 1714. Четвртиот се појавил во Варна околу 1775, веројатно по руско-турската војна 1768-1774 година.

Се лаже оној кој мисли дека ова се само неважни и речиси бизарни историски лунѕања. Историјата на технологијата или на прифаќањето урбани навики е исто толку важна како, на пример, историјата на крвавите политички сплетки и војни. Запрепастувачки звучи податокот дека Србија, на пример, сè до 1866 година имала само еден град (Белград) со повеќе од 25.000 жители (25.178, според пописот направен таа година) и само уште четири града со повеќе од 5.000 жители. Иста е ситуацијата на целиот Балкан; најголемите грчки градови, Солун и Атина, се ближат до 100.000 жители дури кон крајот на 19 век. До 1940 година на Балканот имало само десет града со повеќе од 100.000 жители. Или друг интересен податок: во Србија во 1884 година од 100 жени само 3 биле писмени, а до 1900 година нивниот број пораснал на 7 и главно живееле во градовите.

Трајан Стојановиќ коментира дека помеѓу 1400 и 1800 година трите средоземни европски полуострови ги разбирале просторот и времето на сосема различни начини: во Италија посебната временска или историска перспектива постоела едновремено со снажната просторна, оптичка и картографска перспектива; на Иберискиот полуостров просторната перспектива била изразена, но чувството за хронометарско време било послабо развиено, што ги навело Шпанците да бидат задоволни и со побавни бродови од оние што ги имале Холанѓаните и Англичаните; во отоманскиот, пак, дел од Средоземјето посебно не се чувствувала ниту новата временска, ниту просторната перспектива. Сè до триесеттите години на 19 век, на пример, велат дека само во Едрене имало некој Грк што знаел да прави будилници; во Солун во тоа време имало еден бакалин-часовничар, како и еден часовничар-сенештар, кој поправал часовници, очила и чадори.

Францускиот конзул во Солун во тоа време рекол една работа која и денес звучи интересно и важно: “Онаму каде што постои цивилизацијата, т.е. културата која ги цени редот и стопанскиот раст, таму времето е скапоцен артикл, а неговата вредност ги прави неопходни направите со помош на кои тоа се мери”.

Ете, меѓу безбројните работи поради кои се срамиме од најзаостаниот балкански главен град, Скопје, на мерењето време можеме да се гордееме! За жал - не денес. Скопје денес речиси нема јавни часовници. За времето на Пенов се случи убава иницијатива, се појавија низа градски часовници кои (неверојатно, но вистинито) - не проработеа никогаш; и ден денес стојат, повеќето од нив, ко неми споменици на простотилакот и глупоста на граѓаните и на нивните избраници.

Обрнувам внимание на градовите и на јавните добра зашто тие се неизбежно поврзани со цивлизацискиот раст на секоја општествена средина. Во таа смисла, комунистичката фиксација на јавните и на колективните добра не беше само идеолошки фанатизам или политичка тактика за владеење туку очајнички обид да се забрза историското време во заостанатите земји и јавното да се востоличи како највисока вредност, често на сметка на индивидуалното. Во таа смисла, и денешното занемарување на јавното (во одново заостанатите земји, кои овојпат исто толку непромислено го тераат бруталниот капитализам наместо бруталниот комунизам) е тешка историска регресија, подеднакво страшна како ништењето на невклопливите индивидуалци за време на сомнителниот социјалистички колективизам.

Се навраќам на поблиското и подалечното минато, како и на она што нè прави заедница, оти припаѓањето на некоја човечка заедница пред сè значи заземање став во однос на нејзиното минато, макар и кога тоа минато се отфрла. За човек да има нова визија за иднината, веројатно е неопходно да има нова слика и за минатото.

Слики: Paweł Kuczyński
„Утрински весник“, 18.09.07

Слични содржини

Никола Гелевски
Јавни простори / Став
Став
Балкан / Став / Теорија / Историја
Јавни простори / Став

ОкоБоли главаВицФото