Скопје града покрај тиок Вардар

13.11.2012 12:34
Скопје града покрај тиок Вардар

ЧУМА СКОПЈЕ УМИРИЛА

Ќа те питам, бабо, да ми кажеш,
што е скопје, бабо, умирено?
петли пеат, бабо, пци ’рвајчат,
немат луѓе, бабо, да вреворат;
дали огон Скопје го изгоре,
дали Вардар Скопје го однесе? –
-Ко ме питаш, дете, ќа ти кажам,
што е Скопје, дете, умирено:
нити Огон Скопје го изгоре,
нити Вардар Скопје го однесе;
ја сум, дете, Скопје умирила,
за три дена, дете, за три ноќи.
Ја не сум си, дете, стара баба,
туку сум си, дете, црна чума!


АЈДЕ ЌЕ ТЕ ПРАШАМ, БРЕ ДОНКЕ

-Ајде ќе те прашам, бре Донке,
Донке Вардарике,
ајде дали тече, бре Донке,
Вардар матна вода?
Ајде тече, тече бре, брате,
бели пени фрла,
ајде ми довлече бре, брате,
до два ми јунака.
Ајде првиот е, бре брате,
јунак Мирче Ацев,
ајде вториот е, бре брате,
јунак Страшо Пинџур.
-Ајде ќе те прашам, бре Донке,
Донке Вардарике,
ајде каде тие, бре Донке,
двата загинале?
-Ајде тие в зандан, бре брате,
в Скопје загинале,
ајде тие млади, бре брате,
животта си дале,
ајде тие млади, бре брате,
за мила татковина.


ДУВНИ ИЗДУВНИ ТИХИ ВАРДАРЕЦ

Дувни, издувни, тихи Вардарец,
дувни, издувни низ Велешкото.
Низ Велешкото, сè до град Скопје,
Там’ е убиен борец народен,
там’ е убиен Страшо Пинџурот.
Он е убиен ѕверски, крвнички,
он е убиен од фашистите.
Старо и младо жално жалеат,
старо и младо песни му пеат:
„Стани ми, стани ти Страшо Пинџур,
стани да видиш борци народни.
Они ти пеат, гордо чекорат,
за да зацари твојот силен дух.“


БЛИЗУ ДО ГРАДОТ, ВО СКОПЈЕ

Близу до градот, во Скопје,
ме јотепаја, аман, аман.
Без да ме види мајка ми,
ме закопале, аман, аман.
-Не жали, мајко, не плачи,
Јаска погинав за слобода
на Македонија, аман, аман.
Мали, големи, трчајте,
сите војници, аман, аман.
Германот да го истераме
до града Берлина, аман, аман.


ЗАГИНУВАЊЕТО НА РАЈНА СКОПЈАНКАТА

Пуста останала таја контра чета
што ми поминала низ Богомила
низ Богомила – за Нежилово,
за Нежилово – село партизанско.
Таму го фанале Трајка Недески,
ми го фанале и го прашале.
-Ај кажи, кажи ваши партизани
Мицка Козаров, Стоилка Планински,
Стоилка планински, Апостоле Чолка?-
-И да ги знајам не ги кажујам,
не ги кажујам, клети бре фашисти!-
Пушка ми пукна тамо Бела Река,
тамо Бела Река – Солунска Глава,
и ми ја уби млада партизанка,
млада партизанка – Рајна Скопјанка.
Глава пресекоја – в села ја носеја,
в села ја носеја – мајки расплакаја.


СОБРАЛЕ СЕ МЛАДИ ПАРТИЗАНИ

Собрале се млади партизани,
собрале се на Китка Планина,
собрале се на Китка Планина.
Формирале Дванаеста Бригада,
другар Бузо командант им беше,
другар Бузо командант им беше.
-Слушајте ме, браќа партизани,
да појдеме горе на врв Водно,
да појдеме горе на врв Водно.
И од таму борба да водиме,
да ослободиме поробено Скопје,
да ослободиме поробено Скопје.
Па ми почна борба да се води,
ослободива поробено Скопје,
ослободива поробено Скопје.


СКОПЈЕ

Лисјето од гори паѓат
и весело далеку летат
под широките небеса
радосна вест да разнесат.
Пилињата високо се дигат,
орлите смело се извиват
што погоре да се дигнат
слободно Скопје да го видат.
Славно Скопје престолница
го огреја слатка слободица,
слободица вечна, славна
со тешка борба добијена.
Борбата се намалуват,
а борците ќе се мават
за секој Македонец успомена
со крв врела напишана.
Кој је прави Македонец,
за Македонија ватрен борец,
тој со песна и со свирка
„Да живеј Скопје“ весело вика.


Песните се преземени од книгата „Скопје града покрај тиок Вардар – 40 народни песни за Скопје“, приредена од д-р Томе Саздов.