Нов светски рекорд во емисија на јаглероден диоксид!

14.11.2012 11:19
Нов светски рекорд во емисија на јаглероден диоксид!

Светската емисија на јаглероден диоксид, гасот кој се смета за главен виновник за глобалното затоплување, минатата година пораснала на 24 милијарди тони, што претставува нов рекорд. Кина и понатаму е најголем загадувач со овој гас, соопштува приватниот германски институт за обновливи извори на енергија, IWR.

Во извештајот на IWR се наведува дека емисијата на јаглероден диоксид во 2011 била за 800 милиони тони поголема во однос на 2010 година. Кина учествува во светската емисија со 8,9 милијарди тони, што е значително повеќе од емисијата на САД од 6 милијарди тони.

После падот на емисијата на CO2 по глобалната економска криза, повторно порасна трендот на емисија на овој штетен гас.

„Ако се продолжи со актуелниот тренд, глобалната емисија на CO2 до 2020 година ќе порасне за 20%, на 40 милијарди тони“, вели директорот на Институтот, Алберт Алнох.

Во 1990 година, обемот на емисија изнесувал 22,7 милијарди тони.

На листата на најголеми емитери на штетни гасови, зад Кина и САД се наоѓа Индија, која го зазема третото место со 1,8 милијарди тони, а следат Русија со 1,7 милијарди тони, Јапонија со 1,3 милијарди и Германија со 804 милиони тони.

Меѓу десетте најголеми загадувачи, само САД, Русија и Германија во 2011 година ја намалиле количината на емитираниот CO2, соопштува IWR, додавајќи дека бројките се базирани на глобалната потрошувачка на фосилни горива, за што објави податоци британскиот енергетски гигант BP.

Извор: vijesti.me