Како религијата труе сè (3)

14.11.2012 10:58
Како религијата труе сè (3)

Кратка дигресија за свињата; или, зошто рајот мрази шунка

 

Кај сите религии постои тенденција да наметнуваат наредби или забрани во поглед на исхраната, било да станува збор за сега веќе застарената католичка заповед во петоците да се јаде риба, за обожавањето на кравата како свето и неповредливо животно кај индусите (владата на Индија дури понуди да ги увезе и да ги заштити сите говеда кои требаше да бидат убиени поради кравји енцефалитис, т.е. чумата на „кравјо лудило“ што ја погоди Европа во деведесеттите години на дваесеттиот век), или за одбивањето на некои источни култови да консумираат какво и да е животинско месо или да повредуваат кое и да е друго суштество, па било тоа и стаорец или мува. Но најстар и најистраен од сите фетиши е омразата спрема свињата, па дури и стравот од неа. Тој се појавил во примитивна Јудеја и бил со векови, заедно со обрежувањето, едно од обележјата на Евреите.

И покрај тоа што сурата 5.60 од Куранот ги проколнува пред сè Евреите, но и другите неверници, затоа што се претвориле во свињи и мајмуни - мошне експлоатирана тема во поновите проповеди на муслиманите салафисти - и притоа Куранот го опишува свинското месо како нечисто, па дури и „гнасно“, се чини дека муслиманите не гледаат никаква иронија во фактот што тие го усвоиле ова типично еврејско табу. Целиот исламски свет манифестира вистинска ужаснатост од свинското. Еден таков пример би била континуираната забрана на Животинската фарма од Џорџ Орвел, една од најшармантните и најкорисни басни на модерното време, од чие читање се лишени муслиманските деца. Успеав да дојдам до некои од тие возвишени забрани зададени од арапски министри за образование, кои се толку ступидни што дури не успеваат ни да забележат дека во романот на свињите им е дадена улога на зли диктатори.

Всушност, Орвел и навистина не ги сакал свињите, по неуспехот што го доживеал како мал фармер, а неговите чувства ги споделуваат и многумина други кои како земјоделци морале да работат со овие тешки животни. Натискани во свињарниците, свињите имаат тенденција да се однесуваат свински, какви што и се, и бучно и жолчно да се тепаат. Знаат и да си ги јадат сопствените деца, па дури и сопствениот измет, а нивната неправилна и распуштена впечатливост е честопати болна за пребирливото око. Но често било забележувано дека кога се оставени сами на себе и кога имаат доволно простор, свињите ја одржуваат својата чистота на високо ниво, прават мали засолништа, одгледуваат семејство и стапуваат во социјална интеракција со другите свињи. Овие суштества покажуваат, исто така, и многу знаци на интелигенција, а пресметано е и дека кај нив клучниот сооднос - помеѓу тежината на мозокот и тежината на телото - е висок речиси колку и кај делфините. Свињата добро се прилагодува на својата средина, за што сведочат и разликите помеѓу дивите и „некултивираните свињи“, од една страна, и спокојните свињи и разиграните прасиња што ние ги знаеме, од друга. Но за уплашените верници, овој папкар, или коленичар, станал ѓаволски симбол, макар што, слободно ќе кажам, воопшто не е тешко да се погоди кој настанал прв - ѓаволот или свињата. Здодевно и глупаво е да се прашуваме зошто создателот на сите нешта замислил толку многустрано суштество, кога потоа му наредил на своето најсовршено создание меѓу цицачите целосно да го одбегнува доколку не сака да се соочи со неговата вечна лутина. Сепак, има многу меѓу инаку интелигентните цицачи кои живеат во уверување дека рајот мрази шунка.

Се надевам дека веќе се сетивте на фактот кој, во секој случај, ни е добро познат - дека оваа фина ѕверка е еден од нашите блиски роднини. Ние во голема мера имаме ист ДНК, па во последно време се добредојдени трансплантите на кожа, срцеви залистоци и бубрези од свиња на човек. Кога некој нов доктор Моро би ги злоупотребил најновите достигнувања во клонирањето - што јас искрено се надевам дека нема да се случи - и би создал хибрид, се стравува дека најверојатно ќе се добие „свиња-човек“. Во меѓувреме, користиме речиси сè од свињата, почнувајќи од нејзиното хранливо и вкусно месо, па до кожата и тврдите влакна од кои се прават четки. Морничаво е да се чита Џунгла на Аптон Синклер, сликовит роман за кланицата во Чикаго, во кој авторот опишува како ги закачуваат свињите на ченгели и како тие врескаат додека им ги сечат грлата. Дури и најотрпнатите работници со најсилни нерви се потресени од тоа искуство. Има нешто во тој пискот...

За да ја засилам поентата, ќе потсетам дека децата кои не биле злоупотребувани од рабини и имами се забележително чувствителни спрема свињите, и тоа особено спрема прасињата, и дека пожарникарите, во принцип, не сакаат да јадат свинско или прасешко печено. Варварскиот израз за печени луѓе на Нова Гвинеја и на други места е „долга свиња“ - никогаш лично не сум се здобил со релевантно дегустативно искуство, но се чини дека како храна, ние по вкус сме многу слични на свињите.

Ова помага да се докаже колку е бесмислено вообичаеното „секуларно“ објаснување на оригиналната еврејска забрана. Се тврди дека на почетокот забраната била разумна затоа што свинското месо, во жешки климатски услови, може да се расипе и да развие трихиноза. Оваа забелешка - која можеби важи за некошерската морска храна - во денешни услови е апсурдна. Како прво, трихинозата се среќава во сите климатски услови, и всушност повеќе се појавува на студено отколку на топло. Како второ, археолозите лесно ги идентификуваат старите еврејски населби во земјата Канаан по отсуството на свински коски на местата за смет, наспроти присуството на такви коски во живеалиштата на другите заедници. Со други зборови, неевреите не се разболувале и не умирале од јадење свинско. (Да умирале од тоа, тогаш, ако ништо друго, ќе немало потреба Мојсеевиот бог да бара тие да бидат истребени од страна на оние кои не јадат свинско.)

Според тоа, мора да постои друго објаснување за оваа енигма. Мислам дека имам оригинално решение, иако до него немаше да дојдам без помошта на сер Џејмс Фрејзер и на големиот Ибн Варак. Според многубројни авторитети од антиката, во односот на раните семити спрема свињите имало исто толку почит колку и гнасење. Јадењето тело од свиња се сметало за нешто посебно, дури и за привилегија или ритуал. (Ваква налудничава конфузија помеѓу светото и световното се среќава кај сите религии и во сите времиња.)

Едновремената привлечност и одбивност имаат антропоморфен корен: изгледот на свињата, вкусот на свињата, смртните крикови на свињата и евидентната интелигенција на свињата, на многу непријатен начин потсетуваат на човекот. Свињофобијата - и свињофилијата - веројатно потекнуваат од темниот период на жртвување луѓе, па дури и канибализам, за кој во „светите книги“ честопати има повеќе од просто спомнување. Она што не е задолжително и се прави по избор - од хомосексуалноста до прељубата - никогаш не е казниво, освен ако оние кои ги донесуваат забраните (и бараат строго казнување) немаат потисната желба да се вклучат. Како што вели Шекспир во Кралот Лир, полицаецот кој ја камшикува блудницата гори од желба да ја искористи за истиот престап поради кој ја камшикува.

Свињофилијата може да се користи и за сурови и репресивни цели. Во средновековна Шпанија, каде што Евреите и муслиманите со мачење и со закана за смрт биле принудувани да се преобратат во христијанство, религиозните власти со право се сомневале дека голем дел од конверзиите не биле искрени. Па така, инквизицијата изникнала делумно и од стравот дека на мисите присуствуваат прикриени неверници - кои таму всушност, што е уште поодвратно, се преправаат дека јадат човечко тело и дека пијат човечка крв, олицетворенија на самиот Исус. Меѓу обичаите што произлегле од тоа е и обичајот да се нуди чинија со преработено свинско месо во речиси сите официјални и неофицијални пригоди. Секој што имал среќа да ја посети Шпанија или некој добар шпански ресторан, го знае таквиот израз на гостопримство: буквално десетици парчиња различни сувомеснати производи од свинско месо. Морничавото потекло на тој гест лежи во вечната желба да се намириса ересот и да се здогледа кога еретикот ќе го издаде чувството на гадење на неговото лице. Во рацете на ревносните христијански фанатици, дури и залчето шпанска шунка може да се употреби како форма на тортура.

Денес повторно завладеала древната ступидност. Муслиманските фанатици во Европа бараат трите мали прасиња, мис Пиги, прасето Вини Пу и други традиционални миленичиња и ликови од приказните да бидат тргнати од пред невиниот поглед на нивните деца. Невеселите кретени на џихадот се веројатно недоволно начитани за да знаат за Царицата од Бландингс и за вечната радост на ерлот од Емсворт од прекрасните страници на Грижата за свињата на неповторливиот автор господинот Вифел, но кога ќе стигнат дотаму, ќе има неволји. Безумниот муслимански вандализам веќе ѝ се закани на една стара статуа на дива свиња што се наоѓа во една ботаничка градина во средна Англија.

На микроплан, овој навидум тривијален фетиш покажува како религијата, верата и суеверието ја искривуваат целата наша слика за светот. Свињата ни е толку блиска, и на толку многу начини ни се нашла при рака, што заштитниците на природата сега настапуваат со силно аргументирано барање да се забрани индустриското одгледување свињи, нивно затворање, одделување од нивните млади и принудување да живеат во сопствениот измет. Независно од сите други размислувања - розовото и меко месо е некако одбивно. Но ова е одлука која треба да се донесе само по пат на разум и сочувство, затоа што таа засега суштества кои ни се нам блиски и сродни, а не како резултат на вражање покрај логорските огнови од железната доба, кога во името на бога се славеле и многу пострашни злосторства. „Главата на Свињата на колец“, извикува нервозниот, но храбар Ралф, соочен со брмчливиот загноен (прво убиен, а потоа обожаван) идол што го поставиле суровите, преплашени ученици во Господарот на мувите. „Главата на Свињата на колец“. И бил прав повеќе отколку што можел и да замисли, и помудар од постарите, но и од помладите од него деликвенти.

(продолжува)

Кон првиот дел
Кон вториот дел


Книгата „господ не е голем“ од Кристофер Хиченс неодамна излезе на македонски, во издание на Фондацијата Отворено Општество Македонија. Изданието е некомерцијално и не може да се најде во продажба. Преводот на книгата го направи Гордана Стошиќ. Се заблагодаруваме на ФООМ за можноста овде да пренесеме мал дел од книгата. Деловите во Окно не ги содржат фуснотите од книгата. Oпремата на прилозите е на редакцијата на Окно.

ОкоБоли главаВицФото