Јуриш кон зимскиот дворец

17.09.2009 11:50
1.jpg

Дури и занимавањето со евтините трикови на Груевски станува банално, ретко кому интересно, дури и тажно; резигнираните граѓани само чекаат некој да досуди фајронт


Има еден стар цртан филм на Дизни: Пајо Паторот, Мики и Шиљо патуваат во својата неверојатна камп приколка. Ги гледаме на почетокот како се будат во една совршена куќичка од преградието, во прекрасна градина полна со зеленило. Набрзо се трга заднината, која всушност е фото тапет, и ние сфаќаме дека тие се наоѓаат среде индустрискиот пекол, на депонија.

Се разбира дека аналогијата е провидна: да, токму целам кон пропагандистичките лаги на актуелната македонска власт, на бескрајните фасади што главно излегуваат низ микрофоните, иако дел од нив се отелотворуваат во познатата форма на Потемкинови села (во Макетонија познати како дупки, црни и други, во кои некој некогаш нешто можеби ќе изгради, а можеби и не). А сепак, дури и занимавањето со евтините трикови на Груевски станува банално, ретко кому интересно, дури и тажно; резигнираните граѓани само чекаат некој да досуди фајронт, да се испорачаат сметките и да се плати што има да се плати (а ќе има да се плаќа многу, оти теревенкава е прилично излезена од контрола).

Затоа, велам, да ги заобиколиме овдешниве форми на историско-политички измамници и „понављачи“ и да видиме зошто Мики, Пајо и Шиљо во цртаниот од триесеттите наликуваат на (чаплиновски?) пролетери и какви се врските меѓу масовната култура на Холивуд и Дизни и развојот на Советскиот Сојуз по Октомвриската револуција. За тие врски (на пример, како филмот Кинг Конг влијаел врз развојот на советската архитектура) пишува Сузан Бак Морс во својата извонредна книга „Светот на сништата и катастрофите“. Целта ни е да покажеме дека тоталитарната закана (и десна и лева) настанува низ миксот меѓу културата, пропагандата и политиката, во дваесеттите години на дваесеттиот век. И дека нашево е само јадна реплика, како мала црква изградена за тестирање во сеизмолошки институт, или како далечен сеизмички бран по голем потрес - нашево пропаѓање.

На третата годишнина од Октомвриската револуција, 1920. година, во Петроград се случи најграндиозната претстава во целиот изминат век, „Јуришот кон Зимскиот дворец“. Во тој спектакл на масовниот уличен театар учествувале над 10.000 актери, а десет пати повеќе луѓе имало во публиката којашто, на врвот на дејствието, во моментот кога се освојувал Дворецот, и самата се вклучила во претставата. Сузан Бак-Морс вели дека иако станувало збор за глума а не за стварност и иако пушките не биле наполнети, војниците и морнарите се играле самите себеси. Доведени од драмските секции на Црвената армија, тие биле учесници и во стварните борби кои сеуште беснееле во граѓанската војна околу Петроград, градот под опсада и со голем недостиг на храна. Дотолку е понеобично што тие со такво задоволство учествувале во таквата имитиција на битка. Вака современиците ја коментирале ситуацијата: „Гледајќи квантитативно, ова е неверојатно. Историчарите ќе бележат како во текот на една од најкрвавите и најбруталните револуции цела Русија глумеше“ (Гончарова и Ларионов). А писателот Виктор Шкловски напишал: „драмските кружоци се размножуваа како протозои... цела Русија глуми; еден вид елементарен процес се случува таму каде што живото ткиво на животот се претвора во театарско.“

Не се сомневам дека многу брзо и македонските проследувачи на настаните, а и граѓаните, ќе сфатат дека во периодот кога земјата ни била исправена пред клучните прашања на својата иднина, целокупната власт на оваа држава, придружена од масовна публика (и уште помасовни толпи сеирџии), поддржувачи, продуценти и актери - глумела. Си играла, да простите, курташак. Развивала фото тапети пред македонските депонии на мизеријата, политичка, метафоричка и стварна.

Продавачи на фото тапет на метро и актери во фарса - така ќе биде запомната сегашната власт предводена од големиот боксер-статист, којшто од нестварната претстава „Јуришот кон Зимскиот дворец“ токму како да дотрчал навака (низ помешаните просторно-временски рамништа; затоа и зборувам за чудниот преплет на комунизмот и фашизмот кој сме осудени денес овде да го живееме). Но, рековме погоре: барем денес, да се обидеме таа наша власт изгубена во просторот и времето (меѓу Холивуд и Гебелс) да ја држиме на дистанца (на „гард“) со помош на метафори и аналогии од типот „Ти зборувам, ќерко, сети се, снајо“.

Ќе завршиме со еден многу симпатичен пример (речиси толку симпатичен како цртаниот со Мики, Пајо и Шиљо) за кој пишува Славој Жижек.

На јужната страна на демилитаризираната зона во Кореја изградена е интересна театарска сцена наменета за туристите. На предниот дел од таа градба постои голем прозорец кој се отвора кон Северна Кореја (прозорец кој наликува на филмско платно; на некое чудно пробушено филмско платно, од онаа страна на реалноста). Иако самата демилитаризирана зона наликува на некаков тип на бодријаровската „пустина на реалното“, Севернокорејците направиле една дополнителна спектакуларна финта: пред „театарскиот прозорец“ тие изградиле сосема лажно модел-село со прекрасни куќи. Навечер, на пример, сите светла во куќите едновремено се палат, иако таму не живее никој.

Стварноста, вели Жижек, гледана низ рамка, се претвора во својот сопствен приказ.

Ете го крајот на денешниов колажен цртан филм. Во шпицата само допишуваме дека секоја сличност со актуелни, живи и реални, актери и места, е повеќе од намерна, речиси повеќе од стварна! Што е наш проблем. Тоа што живееме во фото тапетот. Во приказот. На ѓубриштето.

ОкоБоли главаВицФото