Впечатоци од Газа

15.11.2012 10:54
Впечатоци од Газа

Дури и една ноќ помината во затвор е доволна за да насетите што значи да се биде под целосна контрола на некоја надворешна сила. И едвај е потребно повеќе од еден ден во Газа за да сфатите какво е чувството кога се обидуваш да преживееш во најголемиот отворен затвор на светот, каде околу 1,5 милиони луѓе на 360 квадратни километри се изложени на беспричински терор и арбитрарно казнување кое нема никаква друга цел освен понижување и деградирање.

Единствената цел на таквата суровост е уривањето на секоја надеж на Палестинците за пристојна иднина и гушење на глобалната поддршка за дипломатско решение кое ги гарантира основните човекови права. Израелското политичко раководство драматично ја покажа оваа решеност во минатите неколку дена, предупредувајќи дека ќе „споулави“ ако Обединетите нации признаат макар и ограничени права на Палестинците. Оваа закана со „споулавување“ - т.е. со жесток одговор - е длабоко вкоренета и трае уште од лабуристичките влади од педесеттите години, паралелно со „Самсоновиот комплекс“: ако нè измамите, ќе ги урнеме ѕидините на храмот кои нè опкружуваат.

Пред триесет години, израелските политички лидери, вклучувајќи и некои истакнати националисти, му поднесоа на премиерот Менахем Бегин шокантен извештај за тоа како жителите на Западниот брег редовно вршат „терористички напади“ на тамошните Арапи, сосема неказнето. Згрозен од тоа, истакнатиот воено-политички аналитиар Јорам Пери напиша дека задача на израелската армија, судејќи според сè, не е да ја брани државата, туку „да ги гази правата на недолжните луѓе само затоа што се Арабушими (навредлив расистички ептитет) и затоа што живеат на територијата која ни ја ветил бог.“

Жителите на Газа се издвоени за особено сурово казнување. Пред триесет години, во книгата мемоари „Третиот пат“, адвокатот Раџа Шехадех пишува за своите безнадежни обиди за одбрана на основните човекови права во правниот систем скроен да го оневозможи тоа, и за своето лично искуство како самид[1], додека гледал како бруталните окупатори го претвораат неговиот дом во затвор, а не можел ништо да направи освен некако да „издржи“. Оттогаш, ситуацијата стана многу полоша. Договорите од Осло, славени со голема помпа во 1993 година, ја прогласија територијата на Газа и Западниот брег за еден единствен територијален ентитет. До тогаш, САД и Израел веќе покренаа програма за раздвојување на Газа и Западниот брег, за да го блокираат дипломатскиот договор и да ги казнат Арабушимите на двете територии. Казнувањето на жителите на Газа стана уште построго во јануари 2006, кога тие направија сериозно кривично дело: гласаа „погрешно“ на првите слободни избори во арапскиот свет, одбирајќи го Хамас.

Во својот „копнеж по демократија“, САД и Израел, со поддршка на плашливата Европска унија, веднаш спроведоа брутална опсада, со воени напади. Америка веднаш прибегна кон својата стандардна процедура кога еден непослушен народ ќе избере погрешна влада: подготовка на воен удар и воспоставување ред. Народот на Газа направи уште поголемо злосторство една година потоа, кога го спречи обидот за воен удар, што доведе до нагли ескалации на опсадите и нападите. Ова кулминираше во зимата 2008/2009, со операцијата Лиено олово, една од најкукавичките и најсуровите демонстрации на воена сила во поновата историја: беспомошното и опколено цивилно население беше изложено на напади на еден од најнапредните воени системи, кој се потпира на американското вооружување и кој го штити американската дипломатија.

Нормално, имаше изговори - секогаш ги има. Вообичаениот, кој се вади секогаш кога е згодно, е „безбедноста“: во овој случај, безбедноста од ракети од домашно производство од Газа. Примирјето помеѓу Израел и Хамас е склучено во 2008. Ниту една ракета од Хамас не е истрелана додека Израел не го прекрши примирјето под параванот на американските избори на 4 ноември, со инвазијата на Газа без никаква причина и со убивањето на шест припадници на Хамас. Луѓето од врвот на безбедносните служби ја советуваа израелската влада дека примирјето може да се обнови со олеснување на криминалните блокади и запирање на воените напади. Но, владата на Ехуд Олмерт - наводно мирољубив - ги отфрли сите опции, определувајќи се за насилство: операцијата Лиено олово.

Угледниот борец за правата на жителите на Газа, Раџи Сурани, го анализираше образецот на нападите во Лиено олово. Бомбардирањето беше сконцентрирано на север, на мета беа беспомошните цивили и најгусто населените области, без никакво оправдување. Целта веројатно беше, претпоставува Сурани, да се избрка преплашеното население на југ, близу египетската граница. Но, самидите не се помрднаа. Втората цел можеби беше нивно протерување преку границата. Од најраните денови на ционистичката колонизација се тврди дека не постои сериозна причина зошто Арапите би живееле во Палестина: можат да бидат подеднакво задоволни некаде другаде, и би требало да си одат - да бидат пристојно „преселени“, предложуваа мировниците.

Тоа е секако причина за загриженост во Египет, а можеби и причина поради која Египет не ги отвора потполно граничните премини за цивили, па дури ни за очајнички неопходната стока. Сурани и другите упатени извори забележале дека во дисциплинираноста на самидите се крие буре барут кое може да експлодира во секој момент, неочекувано, како првата интифада во Газа 1987, по долгогодишната репресија. По неколку денови во Газа, првиот впечаток е неверување. Не само чудење како народот во Газа успева да преживее, туку и одушевеност од виталноста на младите, особено на универзитетот каде учествував на еден меѓународен собир.

Но, може да се забележат и знаците на притисок кој можеби ќе стане преголем за да се издржи. Судејќи според некои извештаи, меѓу младите има незадоволство - сфаќаат дека под американско-израелска окупација немаат никаква иднина. Газа изгледа како земја од Третиот свет, со неколку богати краишта опкружени со страшна сиромаштија. Меѓутоа, неразвиена е. Т.е. , би било поточно да се рече дека е „де-развиена“, и тоа многу систематски, да го позајмиме терминот од Сара Рој, водечкиот академски стручњак за Газа.

Појасот Газа можеше да стане богат средоземен регион, со развиено земјоделство и силна рибарска индустрија, прекрасни плажи и, како што е откриено пред десет години, добри изгледи за обилни извори на природен гас во своите територијални води. Случајно или не, токму во тоа време Израел ја интензивираше морската блокада. Од очекувањата се откажаа кога Појасот Газа беше принуден да ја прими реката палестински бегалци кои бегаа од страв или беа насилно протерани од територијата која ќе стане Израел - во некои случаи и неколку месеци по формалното примирје. Походот на Израел од 1967 и неговите последици зададоа дополнителни удари, а страшните злосторства траат до денес.

Знацит се лесно видливи, дури и за посетителите. Во хотелот во близина на брегот може да се слушнат истрели од митралез од израелските воени чамци кои ги бркаат рибарите од територијалните води на Газа кон копното, принудувајќи ги да ловат риби во исклучително загадените води, затоа што САД и Израел одбиваат да дозволат обнова на канализационите и енергетските системи кои ги уништија. Договорите од Осло опфаќаат две фабрики за десалинизација на водата, која е од клучно значење во овој сушен регион. Една, многу напредна, е изградена во Израел. Втората е во Кан Јунис, на југот на Газа. Главниот инженер во Кан Јунис објасни дека оваа фабрика е конструирана така што не може да преработува морска вода, туку користи подземна вода. Тоа е поевтин процес кој дополнително го уништува и онака слабиот извор, што гарантира сериозни проблеми во иднина. Водоснабдувањето е сè уште многу ограничено. Организацијата за помош на бегалците на Обединетите нации (UNWRA), која се грижи за бегалците, но не и за другите жители на Газа, неодамна објави извештај во кој предупредува дека штетата за изворот наскоро би можела да биде „непоправлива“ и дека Газа, ако не се реагира итно, би можела до 2020 да стане место каде животот е невозможен.

Израел дозволува увоз на бетон за проектите на UNWRA, но не и за жителите на Газа кои работат на реконструкцијата. Малубројната тешка машинерија главно собира прав, затоа што Израел не дозволува увоз на материјали за поправка. Сето ова е дел од програмата која Дов Вајсглас, советник на премиерот Олмерт, ја опиша откако Палестинците не ја послушаа наредбата на изборите во 2006: „Замислата е“, рече тој, „да се стават Палестинците на диета, но да не умрат од глад“.

Неодамна, по повеќегодишен труд, израелската организација за заштита на човековите права „Гиша“, се избори за издавање на судски налог за владата да ги објави документите за плановите за таа „диета“. Џонатан Кулк, репортер од Израел, ги опиша вака: „Официјални лица од министерството за здравство направија пресметка за минималниот број калории потребни за 1,5 милиони жители на Газа за да се избегне неухранетоста. Овие цифри потоа се преточени во број на шлепери храна која Израел треба да ја пропушта дневно. Во Газа просечно дневно влегуваа 67 камиони - многу помалку од половина од пресметаниот минимален број, во споредба со преку 400 камиони пред воспоставувањето на блокадата.“

Резулатот од наметнувањето на оваа диета, како што експертот за Блискиот Исток Хуан Кол забележува, е тоа што „кај околу 10% од палестинските деца помали од 5 години во Газа е забележан намален раст поради неухранетост. Освен тоа, анемијата е сеприсутна и погодува две третини од бебињата, 58,6% од децата на школска возраст и повеќе од една третина од бремените мајки“. Сурани, борецот за човекови права, истакнува дека „мора да се има предвид дека окупацијата и апсолутното затворање претставуваат траен напад на човечкото достоинство, конкретно на жителите на Газа и на сите Палестинци воопшто. Тоа е системска деградација, понижување, изолација и фрагментација на палестинскиот народ.“

Овој заклучок го потврдуваат многу други извори. Во водечкиот медицински журнал The Lancet, Раџеј Батинџи, лекар од Стенфорд, ја опишува Газа како „некој вид лабораторија за набљудување на отсуството на достоинство“, а таа состојба има „разорно“ влијание на физичкото, менталното и општественото здравје. „Постојаното надгледување од воздух, колективното казнување низ блокада и изолација, попречувањето на приватноста на домот и комуницирањето, и ограничувањата за оние кои сакаат да патуваат, да се венчаат или да работат - сето ова го отежнува достоинствениот живот во Газа“, пишува Батинџи. Арабушимите мораат да се научат да не ја креваат главата.

Постоеше надеж дека новата влада на Мухамед Мурси во Египет, која нешто помалку го следи диктатот на Израел од диктаторскиот режим на Хосни Мубарак, можеби ќе отвори премин во Рафа, единствениот излез од Газа надвор од непосредна контрола на Израел. Нешто е направено во таа насока, но не многу. Новинарката Лајла ел Хадад пишува дека повторното отворање под Морси е „само враќање на статусот кво од минатите години: само Палестинците од Газа со исправи кои ги издава Израел можат да го користат преминот во Рафа“. Со тоа се исклучени многу Палестинци, вклучително и семејството на новинарката Ел Хадад, каде само еден сопружник има исправи.

Сепак, продолжува таа, „преминот не води на Западниот брег, ниту дозволува пренесување на стока, која е ограничена на премините под израелска контрола, и подлежи на забрана за градежен материјал и извоз.“ Ограничениот премин во Рафа не го менува фактот дека „Газа останува под цврста морска и воздушна опсада, и сè уште е затворена за културните, економските и образовните вредности на Палестинците во останатите територии (под израелска окупација), што е спротивно на американско-израелските обврски од Договорот од Осло.“

Ефектите се болно очигледни. Директорот на болницата во Кан Јунис, кој е и директор на хирургијата, луто говори дека нема ниту лекови, што ги прави докторите беспомошни, а пациентите ги остава во агонија. Една девојка зборува за болеста на својот покоен татко. Иако би бил горд да види дека таа е првата девојка од бегалскиот камп која добила академска титула, починал шест месеци откако му е откриен рак, во шеесеттата година од животот. „Израелската окупација не му даде дозвола да оди во израелска болница на лекување. Морав да ги прекинам студиите, работата и животот за да седам покрај неговиот кревет. Сите седевме, мојот брат лекар и мојата сестра аптекарка, сите беспомошни, и гледавме како се мачи. Умре за време на нечовечката блокада на Газа во 2006, покрај многу ограничен пристап на лекарска грижа. Мислам дека чувството на беспомошност и безнадежност е најпогубно чувство кое човек може да го искуси. Тоа го убива духот и го кине срцето. Можеш да се бориш против окупацијата, но не можеш да се бориш против чувството дека си беспомошен. Не можеш ни да го ублажиш.“

Секој посетител на Газа сигурно ќе биде згрозен од срамната окупација, но ќе почувствува и грижа на совест, затоа што ние не можеме да ставиме крај на ова страдање и да им овозможиме на самидите да живеат мирно и достоинствено, како што заслужуваат.


[1]Самидите се борат против израелската окупација одбивајќи секаква соработка со израелските власти. Изразот потекнува од хебрејскиот збор „sumud“ - непопустливост.

Извор: In These Times

ОкоБоли главаВицФото