Како религијата труе сè (4)

15.11.2012 11:14
Како религијата труе сè (4)

Финале: како завршуваат религиите

 Подеднакво корисно и поучно е да се погледне и крајот на религиите, или на религиозните движења. На пример, ги нема веќе милеристите. И никогаш повеќе нема да слушнеме, освен со носталгија, за Пан, за Озирис или за кој и да е од илјадниците богови кои порано ги држеле луѓето во совршено ропство. Но морам да признаам дека се обидов, безуспешно, да ја потиснам својата мала симпатија за Шабатаи Цви, најмаркантниот од сите „лажни Месии“. Во средината на седумнаесеттиот век, тој галванизирал цели еврејски заедници низ целиот Медитеран и Левант (и на копно до Полска, Хамбург, па дури и до Амстердам, од каде што го избркале Спиноза), со своето тврдење дека е оној кој е одбран да ги води прогонетите назад кон Светата земја и да ја започне ерата на универзален мир. Неговиот клуч за откровението било проучувањето на кабалата - која неодамна повторно стана модерна благодарение на жената која бизарно е позната како Мадона - и неговото доаѓање било поздравено од страна на хистеричните еврејски конгрегации од неговото седиште во Смирна до Солун, Константинопол и Алеп. (Рабините од Ерусалим, кои и претходно биле изложени на преуранети месијански тврдења, биле поскептични.) Со помош на кабалистичка техника успеал да го изведе своето име од еврејски анаграм како еквивалент на „Мошија“ или „Месија“, и можеби се убедил себеси, како што сигурно ги убедил другите, дека е тој оној што го чекаат. Како што кажал еден од неговите ученици:

Пророкот Натан прорече, а Шабатаи Цви проповедаше дека оној кој нема да се поправи, нема да ја добие утехата од Сион и Ерусалим, и дека таквите ќе бидат осудени на срам и вечен презир. И потоа се случи покајување, какво што не било видено никогаш од создавањето на светот до ден денешен.

Ова не била недозреана „милеристичка“ паника. Научниците и учените луѓе со страст дебатирале и пишувале за ова прашање, така што денес постојат солидни записи за настаните. Присутни се сите елементи на вистинско (и на лажно) пророштво. Следбениците на Шабатаи посочувале на неговиот еквивалент на Јован Крстител, харизматичниот рабин по име Натан од Газа. Непријателите на Шабатаи го опишувале како епилептичар и еретик и го обвинувале за кршење на законот. За возврат, тие биле каменувани од приврзаниците на Шабатаи. Соборите и конгрегациите се разгневувале заедно и се разгневувале едни против други. На пат за Константинопол каде што Шабатаи сакал да се објави, бродот со кој патувал настрадал во бура, но тој ги прекорил водите, а кога Турците го фрлиле во зандани, неговата ќелија била осветлена со свет оган и слатки миризби (а можеби и не било така, судејќи според многубројни поинакви записи). Како одек на еден жесток христијански спор, поддржувачите на рабинот Натан и на Шабатаи сметале дека без вера, знаењето на Тората и извршувањето добри дела се залудни. Нивните противници тврделе дека Тората и добрите дела се најважни од сè. Драмата била комплетна во секој поглед, така што дури и најтврдокорните противници на Шабатаи меѓу ерусалимските рабини, во еден момент побарале да им се каже дали претендентот кој ги труе Евреите со радост располага можеби со некои проверливи чуда или знаци. Мажи и жени продавале сè што имале и се подготвувале да го следат кон Ветената земја.

Властите на Османлиската Империја имале значително искуство во задушување граѓански немири меѓу религиозните малцинства во тоа време (во тој момент се одвивал процесот на одземање на Крит од Венеција) и се однесувале со многу повеќе разборитост отколку што им се припишува на Римјаните. Тие знаеле дека ако Шабатаи почне да тврди дека е крал над сите кралеви, не само што ќе почне да тврди дека има право на голем дел од нивната провинција во Палестина, туку ќе им стане и секуларен, а не само религиозен конкурент. Па сепак, кога стигнал во Константинопол, тие не направиле ништо друго освен што го затвориле. И улемата, т.е. муслиманската верска власт, се покажала исто толку досетлива. Тие одлучиле да не се погубува овој проблематичен поданик, стравувајќи дека неговите приврзаници ќе „создадат нова религија“.

Сценариото било речиси комплетирано во седиштето на Големиот везир во Едрене кога дошол еден поранешен следбеник на Шабатаи, некојси Немија Коен, и го обвинил својот поранешен учител за практикување неморал и ерес. Шабатаи бил повикан во палатата на везирот, каде што од затворот му било дозволено да дојде следен од процесија негови поддржувачи кои пееле химни, и каде што Месијата бил директно прашан дали ќе се согласи на божји суд. Дворските стрелци ќе нишанат во него, а доколку небото реши да ги пренасочи стрелите, тогаш ќе биде прогласен за вистински Месија. Ако одбие да се подложи на таквиот суд, ќе биде набиен на колец. А ако се откаже и од двете опции, може да се потврди како вистински муслиман и ќе му биде дозволено да живее. Шабатаи Цви го направил она што би го направил и секој друг обичен цицач, го дал вообичаеното признание дека верува во единствениот бог и неговиот гласник и бил награден со синекура. Потоа бил депортиран во еден јуденрајн - дел на империјата, на границата меѓу Албанија и Црна Гора, каде што и починал. Се претпоставува дека тоа се случило на денот на Јом кипур во 1676 година, точно во часот за вечерна молитва, за кој се вели дека бил и часот на последниот здив на Мојсеј. Неговиот гроб, по кој многумина трагале, никогаш не бил точно идентификуван.

Неговите избезумени следбеници веднаш се поделиле на неколку фракции. Едни одбиле да поверуваат во неговото преобратување или отфрлање на верата. Други тврделе дека тој станал муслиман само за да стане уште поголем месија. Некои верувале дека тој само божемно го прифатил исламот. И, се разбира, имало и такви кои тврделе дека се издигнал на небото. Неговите вистински следбеници на крајот ја прифатиле доктрината на „окултација“, доктрина која, веројатно нема да ве изненади, подразбира верување дека за нас невидливиот месија всушност не „умрел“, туку го чека моментот кога човештвото ќе биде подготвено за неговото величествено враќање. (Терминот „окултација“ го користат и побожните шиити за да ја објаснат сегашната и долготрајна состојба на дванаесеттиот имам или „Махди“ - петгодишно дете кое исчезнало во 873 година.)

Така завршила религијата на Шабатаи Цви и таа денес опстојува само кај една мала синкретичка секта, во Турција позната под името донме, која ја прикрива верноста кон еврејството зад јавното вршење муслимански обичаи. Но да бил нивниот водач убиен, и ден-денес ќе слушавме за тоа и за меѓусебни екскомуникации, каменувања и шизми што ќе ги правеа неговите следбеници. Денес, најслична појава претставува хасидската секта позната како хабад, од лубавичкото движење кое го предводел (а според некои и денес го води) Менахем Шнирсон. Со сигурност се очекувало смртта на овој човек во 1994 година во Бруклин да донесе ера на искупување, што до сега уште не се случило. Во 1983 година, Конгресот на САД веќе прогласи официјален „ден“ кога се чествува Шнирсон. Како што сè уште постојат еврејски секти кои тврдат дека нацистичкото „конечно решение“ било казна за живеењето надвор од Ерусалим, така има и такви кои ја зачувале традицијата на живеење во гето, со поставување чувар на капиите, чија должност било да ги предупреди другите ако ненадејно се појави Месијата. („Тоа е постојана работа“, се вели дека, мошне одбранбено, рекол некој од овие чувари.) Проучувајќи ги овие движења кои се „безмалку религии“ или „можело да станат религии“, човек би можел да почувствува и благо сожалување, да не е постојаната врева на другите проповедници кои, без исклучок, тврдат дека токму нивниот Месија, и ниеден друг, треба да се очекува со понизност и стравопочит.

(продолжува)

Кон првиот дел
Кон вториот дел
Кон третиот дел


Книгата „господ не е голем“ од Кристофер Хиченс неодамна излезе на македонски, во издание на Фондацијата Отворено Општество Македонија. Изданието е некомерцијално и не може да се најде во продажба. Преводот на книгата го направи Гордана Стошиќ. Се заблагодаруваме на ФООМ за можноста овде да пренесеме мал дел од книгата. Деловите во Окно не ги содржат фуснотите од книгата. Oпремата на прилозите е на редакцијата на Окно.

ОкоБоли главаВицФото