Балканците се европските Индијанци

15.11.2012 11:15
Балканците се европските Индијанци

Минатата седмица во Сараево, по повод одбележувањето на дваесетгодишнината на ПЕН центарот на БиХ, се одржа книжевна вечер со една од најзачајните европски книжевници на денешницата, Дубравка Угрешиќ. По тој повод, во интервјуто за Dane, Дубравка Угрешиќ зборува за Балканот, Југославија, Европската унија, за тоа зошто жените се колонизираат самите себе, за доминантната и сеприсутна машка перспектива, за непостоењето на дисидентство на овие простори, за улогата на жените во војните...

Со оглед на тоа дека програмата што ја изготви ПЕН центарот на БиХ е посветена првенствено на писателките, поточно на темата за Балканот и писателките, најпрво би сакал да Ве прашам, што значи за Вас овој простор? Понатаму, како писателка, како го доживувате Балканот и како гледате на него?

Најпрво, допуштете ми да кажам дека оваа иницијатива на босанскиот ПЕН центар, односно на Ферида Дураковиќ, е единствена. За прв пат се случува барем некој да се сети дека постои женска перспектива. Во таа смисла, темата на собирот за Балканот виден од перспектива на писателките, делува како шок. И покрај оваа „историска“ пресвртница, и покрај оваа тема што ме интересира, на повик на босанскиот ПЕН центар, вака или онака, би дошла во Сараево. За босаснкиот ПЕН центар ме врзува пријателство. Имено, јас сум единствената добитничка на единственото признание на ПЕН центарот за зачувување на достоинството на книжевноста во текот на Балканските војни меѓу 1991 и 1995 година. И тоа не го заборавам.

Но, да се вратиме на родовата перспектива. Сите нас нè одредува машката перспектива, образовани сме во таа перспектива, пораснавме со неа. И без оглед на фактот дека родовите студии полека се вовлекуваат во факултетите, дека постојат многу невладини организации што се занимаваат со разновидните проблематични точки на женскиот живот, и понатаму перспективата упорно останува машка. Со сите сфери на животот упорно владеат мажите.

Земајќи во обѕир дека имате искуство со гледање на Балканот и од друга, на некој начин оддалечена перспектива, колку таа позиција Ви овозможи подобар увид во она што е Балканот? Борис Буден, да речеме, пишувајќи ги своите Барикади, говореше дека таа позиција на „егзил“ му овозможила поудобен ракурс на посматрање и промислување на Балканот.

Ситуацијата на егзил овозможува драгоцена перспектива. Животот во родната земја бара постојан компромис. Она што тука изгледа како победа, од надвор се подразбира само по себе.

Значи, на некој начин, таа позиција овозможува, според сфаќањата на руските формалисти, вид деавтоматизација на прецпепцијата од којашто се посматра Балканот?

Да, деавтоматизацијата на перцепцијата е клучна.

Кога Марија Тодорова го парафразираше воведот на Манифестот на Комунистичката партија во својата значајна книга Замислувајќи го Балканот, говореше дека Балканот кружи по Западот како бауч. Бидејќи имате искуство со живеење на т.н. Запад, колку денес важи оваа констатција?

Балканот и понатаму останува еден репертоар на стереотипи што се реактивираат секогаш кога ќе затреба. „Европските варвари“ и понатаму навлегуваат од европскиот југ и ги рушат европските стандарди и вредности. Иако моментално можеме да земеме здив и да одмориме, затоа што сега тие варвари расположени за уништување се – Грците. Балканците се европските Индијанци.

Еве, се зборува дека статусот на Бугарија и Романија како членик на ЕУ ќе биде ревидиран, дека повторно ќе им воведат визи и слично. Се слушаат и заканувачки гласини дека Хрватите ќе мора да поработат на своето членство во ЕУ. Сето тоа се несолидарни и несолидни изјави, иако ни домашните политичари не се пример за солидност и солидарност.

Значи, на некој начин можеме да кажеме дека од оваа балканска перспектива, ние ја предимензионираме својата улога, или поточно, својата важност во однос на тие широки рамки?

Мислам дека таа улога не ни е јасна, пред сè, на самите нас. Вистината е дека животот на Балканот е трауматичен. Вистината е дека граѓаните на југо-зоната поминаа низ траумата на распадот на Југославија и на војната. Наречете ја како сакате, но во својата суштина, таа војна беше граѓанска војна, затоа што се случи под покривот на една држава што се рушеше и меѓу припадниците на народите што живееја под тој покрив. Тоа е една тешка траума со реални и големи загуби. Друга траума, вистинска или лажна, како за кого, е комунизмот, односно, стигмата на комунизмот. Потоа, тука е и стигмата на Југославија. Одеднаш, сите имаа потреба да се извинуваат затоа што живееле во Југославија. Новите идеолози се потрудија да ни го избришат југословенското наследство и природниот соживот меѓу различните етнички заедници да го претворат во нешто неприродно и нездраво. Дури кога ќе се извлечеме од трауматските сфери, ќе можеме малку пообјективно да го погледнеме сопствениот одраз.

Веќе го спомнавме прашањето за Југославија. Ми се чини дека сè поизразено почнува да се појавува потребата за повторно промислување и, така да се изразам, читање на Југославија. Што таа значи за Вас и како да ја промислуваме од денешна перспектива?

Јас мислам дека тоа е апсолутно неопходно. Југославија треба да се чита од многу перспективи: од политичка, економска, културна, образовна, антрополошка, социолошка, историска. Дури откако ќе се прекршат сите тие перспективи, дури откако ќе се преиспитаат нештата и ќе се сместат во некој геополитички или историски контекст, дури тогаш таа земја за нас ќе стане пореална, дури тогаш ќе можеме да ги срушиме сопствените и туѓите илузии, заблудите и предрасудите за неа. Антрополозите би требало да се позанимаваат со интервјуирање, да ги прашаат луѓето како се живеело во поранешна Југославија. Еден тип ми рече: „Ајде де“, вели, „се изнамачив дур траеше комунизмот. Еве, си имам куќарка на море, станче, и уште едно трособно за синот во Сплит“. Вие имате куќа на море, тоа го немаат ни американските богаташи, па не може туку така да се гради на плажа, а вие ја изградивте вашата куќа така што можете нозете да ги брцнете во море дирекно од дневната соба. „Ех све сум изградил со овие десет прсти овде“, се потресе тој. А јас му велам, другите луѓе, за разлика од вас, градат со носот. „Ама јас жив испоцркав. А мојата стара уше се мачи, кутрата, не моеш да живееш од пензијата“. И го прашав што е неговата стара по професија? Познат хирург? „А не, за тоа мораше во школо“. А со што се бавите вие, прашувам. „Бев ноќен чувар“, вели тој. Поради комунизмот не можевте да бидете директор, нели? „Така е, да не беше комунизмот, ќе дотуркав до директор“, вели. Секако (карикирам). Но, слични разговори имав и со наши луѓе. Според мојата груба процена, комунизмот беше златниот век за народите на југо-зоната. Во секој поглед.

Често се зборува и за потребата да се реактуелизира и тој интеркултурен југословнески простор. Што мислите за тоа? Колку е тоа важно?

Тој простор реално постоеше за многу луѓе и животот во него никогаш и не бил прекинат. За мене, на пример. А денес од мене се очекува посебно да истакнам дека сум тука во Сараево и дека сум „ангажирана“ во интеркултурни работи на интеркултурен простор. Тоа е глупост. Тоа е т.н. buzz word за културната бирократија на ЕУ. Тоа се политичко-бирократски флоскули.

Ја споменавте и Европската унија, како денес Вие ја доживувате таа заедница?

Не знам да одговорам на тоа прашање. ЕУ е прилично нетранспарентна заедница, барем за мене. Тоа е како да ме прашате како доживувам некоја банка. Се разбира, како сервис. Меѓутоа, и ЕУ и банката, наместо да бидат сервиси, со тек на време, се претворија во кафкијански замоци.

Следната година, Хрватска исто така влегува во ЕУ. Според Вашето мислење, колку таа денес го оствари својот долгогодишен сон да биде, како што се велеше, предградие на Виена? Колку всушност Хрватска денес е земја според стандардите на ЕУ?

Јас не знам кои се стандардите на ЕУ, па не можам да го одговорам прашањето колку Хрватска одговара на стандардите на ЕУ. А што се однесува на Хрватска како предградие на Виена, тоа звучи неамбициозно. Животот во предградие не е мојот идеал.

Едно од прашањата што ги покренавте во текот на книжевната вечер во Сараево е и прашањето за дисидентската книжевност во Европа. Меѓутоа, сакам да Ве прашам дали во Југославија постоеше она што е познато под оваа синтагма? Дали имаме предвид дека, обично самопрогласените, дисиденти од тој период, во текот на деведесеттите станаа знаменосци на националистичките режими?

Во Југославија немаше дисидентско движење какво што постоеше во другите комунистички земји, во Полска, Чешка, Унгарија или во Советскиот сојуз. Имаше само неколку личности дисиденти, како на пример, Милован Џилас.

Мислам дека жените на овие простори се необично интересни и дека поимите како што се „отпор“, „опозиција“, „дисидентсвто“ би требало почесто да се поврзуваат со жени. Во партизанскиот отпор во текот на Втората светска војна југословенските жени играле значајна улога. Активни биле многу интелигентни, образовани, напреди жени што се движеле со партизаните и на терен решавале многу работи поврзани со образованието, медицината, женската еманципација, политичката пропаганда. По крајот на Втората светска војна, кога во Југославија била воспоставена новата власт, жените се изгонети, или сами себе се изгониле од политиката. Жените им се вратиле на домовите и на децата.

Во почетокот на распадот на Југославија и на новата војна, жените беа единствената политичка сила што се обиде да ја спречи војната. Токму тука, во Сараево, на антивоените демонстрации. За жал, жените не успеаа, но беа единствените коишто барем се обидоа. По војната, по воспоставувањето на нова власт, по формирањето на новите држави, жените се присилени назад во куќите, или, што е уште пострашно – во црквите.

Во вашиот есеј Женскиот книжевен канон велите дека жените се колонизирале самите себе, дека самите ја произвеле фигурата на жена-жртва. Понатаму, зборувате за таа фалоцентричност во книжевноста и воопшто, во културата, и за доминантната фигура на мажот-писател. Можете ли да го појасните тоа, зошто е тоа така?

Затоа што тоа е најефикасниот начин да функционираат во машкиот свет, да се прилагодат на машките фантазии. Се разбира дека се шегуваме кога велиме дека мажите најмногу сакаат мртви девојки, но истовремено, тука лежи и една симболичка вистина. Молчаливите девојки коишто се не влегуваат во конфликти, и се секогаш убави и млади, се вградени во стереотипот за идеалната жена.

Значи, жените се оние што, во принцип, ги филтрираат сите машки проблеми?

Точно. Жените се прилагодуваат на машките фантазии за жените. Мажите играат фудбал, а жените се cheerleaders. И сè е во ред додека владее таква поделба на работите.

За крај, сакам да Ве прашам, поточно, би сакал да ми ја појасните Вашата теза дека женскиот идентитет е неразделив од класниот. Зошто во крајна линија, да Ве парафразирам, најголемите политички промени најмногу ги погодуваат жените и нивните животи?

Жените се втората класа. Ситуацијата ќе почне да се менува дури откако жените ќе владејат со парите, кога ќе ги имаат парите во свои раце. Тогаш вистински ќе почнат да се менуваат односите. Сè додека жената е угнетената класа, сè додека таа нема целосна економска моќ, сè дотогаш нештата ќе бидат онакви какви што веќе се.

Извор: bhdani.com

Фотографии: Тереза В’лчкова

 

Слични содржини

Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif

ОкоБоли главаВицФото