Окно анкета за СК014 (12)

15.11.2012 13:13
Окно анкета за СК014 (12)

За анкетата
Со одговорите на Анета Георгиевска-Шајн го завршуваме првиот дел од анкетата за СК014. Досега ги објавивме одговорите на 22 испитаници од редовите на архитектите, уметниците и историчарите на уметност. Инаку, прашавме многу повеќе, над стотина луѓе. Во некоја рака, молчењето беше очекувано - стравот од слободното говорење, т.е. стравот од долгите прсти на власта во Македонија сè уште е голем. Но, некои работи нè зачудија: ниту еден единствен архитект од Асоцијацијата на архитекти не се огласи, и покрај тоа што неколку пати ја замоливме претседателката на сојузот, Даница Павловска, да ги дистрибуира нашите прашања, а и самата да се обиде да одговори на нив. Исто така изненадува што на прашањата не ни одговори ниту еден/една Албанец/Албанка. Во секој случај, продолжуваме со анкетата, но прашањата овојпат ќе бидат насочени кон пошироката јавност, не исклучиво стручната. Ќе прашуваме новинари, писатели, музичари и разни други јавни личности...
Редакција Окно

 

Прашањата на Окно
1. Кое дело од многуте скулптури, споменици и згради од СК014 би го издвоиле како симбол или квинтесенција на целиот проект?
2. Што друго би издвоиле од „Скопје 2014“, во позитивна или негативна смисла?
3. Вашето мислење за целокупниот проект СК014?


Анета Георгиевска-Шајн, историчарка на уметност, Вашингтон, САД

1
Без конкуренција, „безимениот“ Воин на коњ.

Концептуално, скулптурата е учебнички пример на монументалност. Ја има потребната физичка импозантност, како во апсолутна смисла, така и во однос на сите други објекти во околината. Ја има неприкосновената материјална „тежина“ (мермер, бронза, позлата). Користи иконографија заснована на архетипи на доминација (коњаник, лавови, воини со оружје) дополнета со симболи на вечност (столб/стожер, непресушен извор/фонтана) итн.

Имајќи ја предвид основната идеја – да се афирмира историската врска на сегашниот Македонец со античкиот, како и неговото чувство за историска мисија и релевантност, и да се покаже дека има сила (во дух на слоганот на владата) сосема е логично да се посегне кон стилски изрази од минатото – таканаречениот нео-барок – поради неизбежните асоцијации (преку апропријација на класиката) на нешто неприкосновено, неминливо, незаменливо и канонско.

Немам намера да навлегувам во тоа колку е сево ова анахроно, несоодветно на постоечката архитектонско/урбана структура на градот, политички мотивирано - ова се комплексни прашања за кои најжестоко се полемизира од објавувањето на проектот.

Овде би се задржала само на следното, дека формалниот израз на идејата на оваа скулптура, како и на речиси сите други градежни објекти и споменици создадени во масовната кампања на „обнова“ и “разубавување“ се карактеризираат со техничка и уметничка некомпетентност. Разврската на бројните афери околу тоа кој и како доделувал нарачки и по која цена е неминовна, но се оградувам од коментари додека јавноста не ги добие сите факти.

Она што боде очи дури и во отсуство на податоци околу критериумите по кои што се избирани архитектите и скулпторите е колку десегашните дела се лоши во својот жанр (со неколку скромни исклучоци, на пример Гемиџиите). Иако „за вкусовите не треба се расправа“, дури и најбегла анализа на визуелните карактеристики на овие градби и уметнички дела покажува огромни недостатоци во примена на конвенциите што важат за избраните стилови; дали ова се должи на недостиг на дарба, знаења, ароганција, или пак на сите овие фактори, останува отворено прашање. Резултатот е премногу јасен – дека поради радикалниот расчекор меѓу амбициите и способностите, Воинот на коњ, но и другите објекти од Скопје 2014, најповеќе наликуваат на монументална гротеска.


2

Можеби звучи цинично, но целиов проект на одреден начин ја манифестира „волјата на народот“: колку и да не сакаме да си признаеме, Скопје 2014 е одраз на еден колективен културно-политички момент. И покрај бројните и гласни противници што оваа кампања најчесто ја споредуваат со урбано и идентитетско „силување“, проектот досега ја постигна својата популистичка цел, да создаде огледало во коешто еден доста голем сегмент од населението (или гласачко тело) може да ја види идеалната слика на својата културна и национална созреаност. Колку е оваа слика искривена е друго прашање - но барем ни дава можност да ја согледаме (и прифатиме како социолошка стварност).

Кој е овој сегмент на населението? Иако постои тенденција подржувачите на Скопје 2014 можат да се профилираат според одредени возрасни, образовни, етнички, економски и географски карактеристики, се оградувам од заклучоци поради преголемиот број на воочени отстапки – лица од кои што сум очекувала целосна осуда на проектот истапуваат во негова одбрана без резерви, а други, кои што сум ги сметала за сигурни подржувачи, го напаѓаат.

Она што станува се појасно во услови на продолжена економска рецесија (или во најдобар случај стагнација) е дека претстои мачен период на будење – во кој што дури и најголемите поборници на оваа кампања ќе бидат соочени со нејзината цена – како во материјална смисла, така и во поглед на многу други нематеријални консеквенци, вклучувајќи ги и оние во однос на опстојувањето на Република Македонија како мулти-културна заедница.

3

Архитектурата отсекогаш била блиско поврзана со политиката – од египетските пирамиди до готските катедрали, од грандиозните планови за урбана обнова на Германија осмислени од Алберт Шпер, до она што се случува во Кина последниве две децении – безмилосно рушење на стари населби и градби кои во други земји лесно би влегле во регистарот на културно наследство за да се ослободи простор за илјадници нови, најсовремени згради што претставуваат олицетворение на корпоративниот комунизам. Во секоја од овие и многу други градителски кампањи, аргументите дека се преземаат во име на подобрување на урбаната структура се едноставно неодржливи. Како и Скопје 2014, сите вакви историски феномени имаат за цел да им дадат валидност (и долговечност) на соодносите на силите во конкретното општество.

Проблемот во случајот на Скопје 2014 е уште посериозен. Во Пекинг, како и ширум Кина, старото урбано ткиво се разорува за да ослободи скапоцен простор за градби што одговараат на новонастанатите економски потреби. Колку и да е суров и трагичен овој процес на корпоратизација, барем се запазува една од основните архитектонски премиси, форма во својство на функцијата. Конечно, Кина има, или барем доскоро имаше, финансиски сили за оваа речиси налудничава градежна кампања.

Во случајот на Скопје 2014, објекти како новото МНР воопшто не ги решаваат проблемите поради кои објектите наводно се изградени. Јавна тајна е дека во новиот објект има уште помалку канцеларски простор од ноторно тесното старо министерство, освен доколку не се планира радикално намалување на вработените во блиска иднина. За цената на проектот и нејзините буџетски консеквенци и да не зборуваме – повторно, немаме факти.

Најамбициозниот музеј што воопшто никнал на овие простори – Музејот на македонската национална борба - се изгради без воопшто да постои корпус дела за коишто тој би бил потребен. Парадоксот на масовна нарачка на слики и скулптури (без да навлегуваме во нивниот квалитет или начинот на којшто е одлучувано за нивните творци) за да има со што да се пополни ова импресивно, но (повторно) архитектонски длабоко проблематично здание, заслужува друга сериозна студија.

Истовремено, постојната музејска инфраструктура, наменета за чување и презентација на сето она што претставува врв на достигнувањата на минатите генерации, продолжува да тоне во мочуриштето на бирократската индиферентност и непрофесионализмот.

Гледано неколку години во иднина, она што ме загрижува не е можноста од незграпен реваншизам, односно, веројатноста дека со евентуална промена на власта Скопје ќе доживее уште една преобразба: рушење на недограденото или веќе изграденото, отстранување на спомениците па дури и креирање своевиден „забавен парк/депонија“ на некоја приградска локација, како што одредени противници на проектот полу-шеговито навестуваат.

Најмногу ме плаши добро познатата (и се чини неизбежна) практика во нашево поднебје: да се вложува во градење, без соодветна анализа на потребите, без темелен и одговорен пристап кон техничките, формалните и финансиските аспекти на проектите, како и без соодветни планови за понатамошно одржување на она што е изградено. Оваа длабоко вкоренета тенденција лесно ќе ја претвори визијата за Скопје 2014 во една бескрајна ноќна мора, како за сегашните, така и идните генерации.

Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото