Маж конечно ѝ признал на сопругата дека никогаш не ја изневерил

15.11.2012 16:55
Маж конечно ѝ признал на сопругата дека никогаш не ја изневерил

Скопје, 15 ноември 2012 година

Живко Моногамовски од Скопје, синоќа конечно ѝ признал на својата сопруга дека, откако дваесет години се заедно во брак, ниту еднаш не ја изневерил со друга жена. Ова признание е потврдено и со сведоци, а за тоа сведочат и кумот и старосватот на Живко.

-Не можев повеќе да живеам со оваа тајна и одлучив тоа да ѝ го соопштам на мојата сопруга пред двајца сведоци. Дваесет години градев имиџ како познат заводник, флертував со секоја жена која ќе се појавеше во моја близина, се завртував да ја погледнам секоја згодна девојка која ќе поминеше кога ќе бев со сопругата и нападно го коментирав нејзиниот изглед, но веќе немам сили да го правам тоа, признава Живко.

Тој објаснува дека повеќе не може да води двоен живот, затоа што тоа почнало да влијае на неговата психичка и физичка состојба.

-Сите тие посети на теретаните и фитнес клубовите, кои ги мразам од дното на душата, вовлекувањето во тесни маици и повеќечасовното дотерување пред огледалото, почнаа да ми влијаат на здравјето. Па дури и се туширав секој ден. Па јас не сум глумец, простете на изразот! Постојано ставав парфеми, во џебовите си подметнував листови со телефонски броеви од измислени девојки. Се запишав и на часови по танцување, за да ја импресионирам сопругата, но никогаш не ми паѓаше на ум да ја изневерам, додава Живко.

-Се плашам дека мојата сопруга нема лесно да ми го прости ова. Забележав дека вчера, наместо секси долна облека, таа облече кафени памучни пижами и волнени чорапи, а утрово не сакаше да го испие утринското кафе со мене, вели Живко.

Неговиот кум е шокиран од признанието на Живко, затоа што тој секогаш му бил идол и пример за маж кој може да освои многу женски срца.

-Сиот тој динамичен живот, сите потрошени пари... Ќе бидам разочаран ако по оваа случка неговата жена не го остави, луто ни изјави неговиот кум и додаде дека по овој разговор ќе оди во најблиската кафана за да се напие студено пиво и жолта ракија, наместо диеталната кока кола што ја пие неговиот кум.

Адаптирано од: http://www.njuz.net