Како религијата труе сè (5)

16.11.2012 12:26
Како религијата труе сè (5)

Како заклучок: потребата од ново просветителство

 


Вистинската вредност на еден човек не се определува со количеството, претпоставено или реално, Вистина што ја поседува, туку попрво со неговите искрени напори да стигне до Вистината. Не е поседувањето на Вистината она што ги проширува неговите моќи и во што може да се најде неговата совршеност која постојано се зголемува, туку тоа е потрагата по Вистината. Поседувањето го прави човека пасивен, индолентен и горделив. Доколку Господ ја држи сета Вистина скриена во својата десна рака, а во левата го има само упорниот и трудољубив инстинкт за барање Вистина, макар и со одредбата дека секогаш и вечно ќе правам грешки во тој процес, и доколку ми понуди да изберам од двете, со сета понизност би ја одбрал левата рака.
Готхолд лесинг, анти-Геце (1778)

„Месијата не доаѓа – нема дури ни да се јави“.
Хит песна во израел во 2001

 


Во полемиката со фундаменталистичкиот проповедник Геце, големиот Лесинг го кажал своето на благ начин. Неговата скромност направила да изгледа како да имал, или да можел да има, избор за ова прашање. Но факт е дека ние немаме опција да „избереме“ апсолутна вистина, односно вера. Го имаме само правото да кажеме дека оние кои тврдат дека ја знаат вистината на откровението се залажуваат себеси и се обидуваат да излажат - или да исплашат - и други. Се разбира, за умот е во секој случај подобро и поздраво да го „избере“ патот на скептицизмот и истражувањето, затоа што само со постојано практикување на овие способности можеме да се наде- ваме дека нешто ќе постигнеме. Од друга страна, религиите се са- мо „фосилизирани филозофии“, како што остроумно ги дефинира Сајмон Блекбурн во неговата студија за Платоновата Држава, или - филозофии без прашања. Да се „изберат“ догмата и верата наместо сомневањето и експериментот, значи да се отфрли раскошна берба и алчно да се посегне по Кул¬-ејд.

Тома Аквински еднаш напишал документ за Тројството и, скромно оценувајќи го како едно од своите најпрефинети дела, го поставил на олтарот на црквата Нотр Дам, за да може господ лично да го анализира неговиот труд и можеби да го почести „ангелскиот доктор“ со свое мислење. (Аквински ја направил истата грешка како и оние што ги терале калуѓерките во манастирите за време на ритуалното капење да ги покриваат своите бањи со платно: се мислело дека со тоа скромно средство погледот на бога ќе биде тргнат од непокриените женски тела, но - се заборавило дека тој, благодарение на својата сезнајност и сеприсутност, би требало да може да „види“ сè, насекаде и во секој момент, исто како што се заборавило и тоа дека тој, пред да биде осуетен со платнениот штит, веќе „видел“ низ ѕидовите и таваниците на манастирот. Може да се претпостави дека вистинската намена на платното била да се спречат калуѓерките да гледаат во своите тела или, уште поверојатно, во телата на другите калуѓерки.)

Како и да е, Аквински подоцна открил дека бог навистина добро ги оценил неговите тези - тој е единствениот автор кој некогаш се пофалил со таква чест - а свештениците и новаците, исполнети со стравопочит, виделе како тој од среќа лебдее внатре во катедралата. Бидете сигурни дека за ова имаме очевидци.

Еден ден во 2006 година, претседателот на Иран, Ахмадинеџад, во придружба на својот кабинет, свечено отишол до местото каде што се наоѓа еден бунар, на патот меѓу главниот град Техеран и светиот град Кум. Се вели дека тоа е бунарот каде што во 873 година, на возраст од пет години, се засолнил дванаесеттиот или „окултниот“ или „скриениот“ имам, кој оттогаш нема да биде виден сè до неговото долгоочекувано и преколнувано повторно јавување со кое ќе го запрепасти и ќе го искупи светот. Кога пристигнал, Ахмадинеџад зел свиток хартија и го пикнал во отворот со цел да му даде на мистичниот најнови информации за напредокот на Иран на полето на термонуклеарната фисија и збогатувањето ураниум. Човек би помислил дека имамот би требало да може да држи чекор со развојот на настаните, без оглед каде и да се наоѓа, но од некоја причина, бунарот ја играл улогата на негово поштенско сандаче за мртви букви на хартија. Би можело да се додаде и дека претседателот Ахмадинеџад не многу пред тоа се беше вратил од Обединетите нации, каде што беше одржал говор што го пренесоа и радиото и телевизијата, а го следеше и голема публика „во живо“. Но, по враќањето во Иран, тој на своите поддржувачи им рекол дека цело време додека го читал говорот бил облеан со јасна зелена светлина - зеленото е омилената боја на исламот - и дека зраците на оваа бо- жествена светлина ги направиле сите во салата на Генералното собрание мошне тивки и неподвижни. Без оглед колку бил приватен тој феномен - се чини дека не го почувствувал никој освен него - тој го сфатил како уште еден знак за скорешното враќање на дванаесеттиот имам, а можеби и како дополнителна поддршка за неговата амбиција, од Исламската Република Иран, инаку потоната во сиромаштија, репресија, стагнација и корупција, сепак да направи нуклеарна сила. Но, слично на Аквински, ни тој не верувал дека дванаесеттиот, т.е. „скриениот“ имам ќе може да го скенира документот без да му биде ставен директно пред него, како што и било направено.

Многупати сум гледал шиитски церемонии и процесии, па не бев изненаден кога сфатив дека, во поглед на формата и литургијата, тие се делумно позајмени од католицизмот. Дванаесет имами, од кои сега еден е „во тајност“ и чека повторно да се појави или да се разбуди. Трескавичен култ на мачеништво, особено за агонизирачката смрт на Хусеин кој бил напуштен и предаден на неплодните и сурови чистинки на Кербела. Процесии на флагеланти и мачители на сопственото тело, потонати во жалост и вина поради начинот на кој бил напуштен нивниот жртвуван водач. Мазохистичкиот шиитски празник Ашура многу личи на еден вид Семана Санта, односно на „Светата недела“, кога по улиците во Шпанија се носат наметки, крстови, качулки и факли. И повторно се покажува дека монотеистичката религија е плагијат на плагијатот на една приказна на приказната на една илузија на илузијата која влече корени наназад сè до една фабрикација на неколку неслучки.

Друг начин да се опише таа состојба е да се рече дека, во моментов додека ја пишувам книгава, една нова верзија на инквизицијата се подготвува да стави рака на нуклеарното оружје. Под угнетувачката власт на религијата, големата, инвентивна и развиена персиска цивилизација незапирливо го губи пулсот. Нејзините писатели, уметници и интелектуалци се главно протерани или задушени со цензура, нејзините жени се третираат како подвижен имот и сексуален плен, нејзината младина е недоволно образована и е невработена. По четврт век теократија, Иран и понатаму ги извезува истите нешта што ги извезувал и кога теократијата ја презела власта - ф’стаци и килими. Модернизацијата и технологијата ги заобиколиле, со исклучок на нуклеаризацијата.

Тоа ја издигнува конфронтацијата меѓу верата и цивилизацијата на сосема поинакво рамниште. До пред релативно кратко време, оние што ќе го прифателе патот на клирот, морале да платат висока цена за тоа. Нивните општества пропаѓале, економиите им биле во грч, нивните најдобри умови останувале неискористени или си заминувале и постојано доцнеле зад општествата кои научиле како да го скротат и да го изолираат религиозниот импулс. Една земја како што е Авганистан едноставно ќе изгние. Колку што беше лоша состојбата, толку дополнително се влоши по 11 септември 2001 година, кога од Авганистан беше издадена светата наредба да се анектираат две познати достигнувања на модерното време - висококатницата и млазниот авион - и да се употребат за принесување човечка жртва. Наредната фаза, мошне јасно најавена во хистеричните верски про- поведи, требаше да биде моментот кога апокалиптичните нихилисти ќе се усогласат со оружјето на Армагедонот. Верските фанатици не можеа да дизајнираат ништо покорисно или поубаво од облакодер или патнички авион. Но, продолжувајќи ја својата долга традиција на плагијаторство, можеа единствено да ги позајмат и украдат тие нешта и да ги употребат како негација.

Оваа книга е за најстарата расправа во историјата на човештвото, но речиси секоја недела што ја минав работејќи на неа бев принудуван да ја прекинам работата и да земам учество во расправата која е, всушност, континуирана. Овие расправи често добиваа грда форма: не ја оставав работната маса за да дебатирам со некој учен стар исусовец од Џорџтаун, туку брзав да ја изразам својата солидарност во амбасадата на Данска, мала демократска земја на северот на Европа чии амбасади ширум светот чадеа затоа што во некој весник во Копенхаген се појавиле неколку карикатури. Последнава конфронтација беше особено депресивна. Додека исламските тол- пи го прекршуваа дипломатскиот имунитет и им објавуваа смртни пресуди на цивили, одговорот на Неговата светост Папата и на надбискупот од Кентербери се состоеше во осуда - на стрипот! Во мојата сопствена професија се туркаа да видат кој прв ќе капитулира, а за спорните слики се известуваше без тие воопшто да се покажат. И тоа се случува во време кога медиумите главно се потпираат на слики. Се слушаа еуфемистички коментари дека тоа се прави за да се покаже „почит“, но знам многумина од уредниците кои го правеа тоа, и со сигурност можам да тврдам дека нивниот главен мотив за „воздржаноста“ беше стравот. Со други зборови, грст религиозни силеџии и алапачи успеја да ја надгласаат традицијата на слободата на печатот во нејзиното средиште на Западот. И тоа во 2006 година! На неблагородниот мотив на стравот мора да му се додаде и морално мрзливата практика на релативизмот: на ниедна група нерелигиозни луѓе кои се закануваат и практикуваат насилство немаше толку лесно да им се дозволи да победат или да им се најде оправдување - и тоа без тие самите да го понудат.

Но, од друга страна, некој друг ден во весниците ќе прочитате дека со најновата и најобемна студија на молитвата се утврдило, повторно, дека не постои никаква корелација меѓу молитвата „за здравје“ и закрепнувањето на пациентите. (Добро, можеби има не¬каква корелација: пациентите кои знаеле дека за нив некој се моли, почесто имале постоперативни компликации отколку оние кои не знаеле, иако не велам дека тоа докажува нешто.) На канадскиот дел од Арктикот, една група посветени и трпеливи научници откриле неколку костури на големи риби кои, пред 375 милиони години, имале предвеснички карактеристики на прсти, зглобови, лакти и раменици. Именувана тиктаалик, по предлог на локалното население на Нунавут, рибата му се приклучила на археоптериксот, преодната форма меѓу диносаурусите и птиците, како уште една од долго бараните „алки што недостигаат“ за да ја дознаеме нашата вистинска природа. Во меѓувреме, засипнатите застапници на „интелигентниот дизајн“ ќе блокираат уште некој училишен одбор, барајќи на децата да им се предаваат глупости. Во мојот ум, ваквите спротивности почнаа да ми заличуваат на трка: мал чекор напред што го предводат науката и разумот, голем заканувачки пресврт што го предводат силите на варваризмот - луѓе кои знаат дека се во право и кои сакаат да ни наметнат „владеење на пиетет и цврста рака“, како што во еден друг контекст се изразил Роберт Ловел.

Религијата развила дури и посебна гранка посветена на проучувањето на крајот. Се нарекува „есхатологија“ и се занимава со исчезнувањето на сите овоземски нешта. Овој култ на смртта не се смирува и покрај тоа што имаме доволно причини да веруваме дека „овоземските нешта“ се единственото што го имаме и што некогаш ќе го имаме. Освен тоа, на дофат ни е цел универзум откритија и појаснувања, кој сам по себе е уживање да се истражува, кој на просечниот човек му овозможува пристап до сознанија што ни Дарвин и Ајнштајн ги немале и кој нуди безмалку чудесни достигнувања во лекувањето, енергијата и мирољубивата соработка меѓу различните култури. Па сепак, милиони луѓе во сите општества и понатаму ги преферираат митовите за пештерата, племето и жртвите во крв. Покојниот Стивен Џеј Гулд великодушно напишал дека науката и религијата припаѓаат на „царства кои не се преклопуваат“. Сигурно е дека не се преклопуваат, но тоа не значи дека не се антагонистички.

Религијата ги потрошила сите оправдувања. Благодарение на телескопот и на микроскопот, таа веќе не нуди ниедно објаснување кое има некоја важност. Додека порано, со целосната контрола врз светогледот, можела да го спречи појавувањето конкуренција, денес таа може само да го попречува или да го забавува - или да се обиде да го пресврти - видливиот напредок што сме го постигнале. Понекогаш, вистина е, ќе го признае. Но тоа е само за да си овозможи себеси избор меѓу ирелевантност и опструкција, меѓу немоќ и директна реакција, но штом добие можност за избор, програмирана е да го избере полошото. Во меѓувреме, соочена со порано незамисливи- те глетки во нашиот сопствен еволуирачки мозок, во најдалеч- ните простори на нашиот сопствен универзум и во протеините и киселините што ја сочинуваат нашата природа, религијата нуди или уништување во името на бога или лажно ветување дека доколку кренеме нож до нашите чела, доколку се молиме во вистинска насока или изедеме парче нафора - ќе бидеме „спасени“. Тоа е како некому да понудите вкусно вонсезонско овошје, узреано во стаклена леа направена со голем труд и љубов, и тој да ги фрли плодот и пулпата и нерасположено да ги грицка семките.

Над сè, потребно ни е обновено просветителство, што својата основа ќе ја има во тврдењето дека вистинското проучување на човештвото се мажот и жената. Ова просветителство нема да мора да се потпира, како претходните, на херојски пробиви на талентирани и исклучително смели луѓе. Тоа е во рамките на можностите на просечната личност. Проучувањето на литературата и поезијата заради самите нив и заради вечните етички прашања со коишто се занима- ваат, сега лесно може да ги дискредитира светите текстови за кои се покажа дека се корумпирани и фабрикувани. Непоробеното научно истражување и достапноста на откритијата за масите, со посредство на едноставни електронски средства, ќе го револуционизира нашето сфаќање на истражувањето и на развојот. Особено е важно тоа што разводот меѓу сексуалниот живот и стравот, меѓу сексуалниот живот и болестите, и меѓу сексуалниот живот и тиранијата, сега конечно може да се случи под само еден единствен услов - од расправата да ги исклучиме сите религии. Сево ова, и многу повеќе, за првпат во нашата историја, му е достапно секому.

Но, само најнаивниот утопист може да верува дека оваа нова човечка цивилизација ќе се развива праволиниски, како некој сон за „прогресот“. Прво мораме да ја надминеме нашата праисторија и да им се измолкнеме на грубите раце кои посегаат по нас за да нè повлечат назад кон катакомбите, зачадените олтари и грешното уживање во потчинување и понижување. „Спознајте се себеси“ рекле Грците, нежно нудејќи го утешението на филозофијата. За да го избистриме умот за тој проект, неопходно е да го познаваме својот непријател и да се подготвиме за борба против него.

Кон првиот дел
Кон вториот дел
Кон третиот дел
Кон четвртиот дел

Илустрации во текстот: советски антирелигиозни пропагандни плакати од 1920-ите

Книгата „господ не е голем“ од Кристофер Хиченс неодамна излезе на македонски, во издание на Фондацијата Отворено Општество Македонија. Изданието е некомерцијално и не може да се најде во продажба. Преводот на книгата го направи Гордана Стошиќ. Се заблагодаруваме на ФООМ за можноста овде да пренесеме мал дел од книгата. Деловите во Окно не ги содржат фуснотите од книгата. Oпремата на прилозите е на редакцијата на Окно.

ОкоБоли главаВицФото