Страшило за потсмев

16.11.2012 12:29
Страшило за потсмев

Текстов пред десет месеци беше испечатен во списанието „Порта 3“, но на нечија интервенција списанието беше повлечено и уништено, а потоа препечатено без „инкриминираниот“ текст.

Првата полoвина на минатиот век сигурно ќе остaне трајно запаметена во историјата на цивилизацијата, по двете разурнувачки светски војни, и по двата тоталитарни и деструктивни идеолошко спротивставени политички системи - сталинизмот и нацизмот. Спротивставени системи, но многу слични по своите методологии на владеење. Нивните авторитарни идеолошки матрици силно го одредија не само секојдневниот живот на луѓето, кои мораа да живеат по теркот на нивните идеолошки програми, диктати и репресии, туку наметнаа и соодветни естетики како креативни модели кои, секоја на својот ужасен начин, ги афирмираа нивните нехумани идеологии. Така, додека сталинизмот, таа мрачна деструкција на сонот за правда и еднаквост на обесправените, ја политизираше уметноста на сите нивоа, од друга страна нацизмот како расистички креатор на холокаустот и на сето она што го немаше расниот белег на почвата, полето и крвта, потполно и без остаток ги театрализираше политиката и општеството.

НОВИ ИДЕНТИТЕТИ

И сталинизмот и нацизмот, како најстравични тоталитарни системи видени досега, воспоставија власт која го контролираше секој аспект на секојдневниот живот на човекот. Вертикалата на контролата одеше до секоја најмала пора на општеството. Секако, во согласност со своите мрачни идеи создадени од омраза, понесени од крилјата на нивниот нагон и желба за вечно владеење, како и вечната нација која е над сите, инаугурираа нови луѓе и нови идентитети. А нивните послушни уметници, сталинистите ги претворија во инженери на човековата душа, а другите, нацистите, ги претворија во создавачи на новиот над-човек (uber mensche) - патриотот што ќе го брани илјадагодишниот рајх. Кој не беше со нив, беше против нив. Во тој суров процес на идеолошки инженеринг по мерка на Газдата (Хазаин) и Водачот (Führer), архитектурата и театарот на сталинизмот и нацизмот ја одиграа главната улога и беа движечка енергија во инаугурацијата на новото. Сталинизмот и нацизмот ги користеа архитектурата и театарот пред сè за да ја покажат моќта на власта, да кажат и покажат кој управува со судбините на другите, да ги вознемируваат и иритираат своите поданици и оние што не мислат исто како нив, но истовремено и да им се заканат на соседите. На тој начин, со колосалните архитектонски градби, тие дрско ги најавуваа и своите империјалистички соништа. Во својата безмилосна и опсесивна опседнатост со менување на постојната стварност и создавање нови идентитети, и едните и другите мислеа за себе дека создаваат свет кој по својата големина ќе го надмине дури и оној античкиот, а исто така за себе мислеа дека се најголеми и најмоќни на светот, и затоа неуморно градеа монументални архитектонски зданија.


Германскиот павиљон на Светската изложба во Париз - 1937 година, прикажан на плакат

 

НАКИТЕН НЕОКЛАСИЦИЗАМ

Тие градби ја имитираа класичната римска архитектура, стил познат како накитен, мултиплициран, претеран неокласицизам и ја славеа храброста и маченички положените животи на олтарот на таковината. И тоа радикално и насилно прекројување на јавниот простор лесно прераснуваше во една голема оргија на невкус. На тој начин сталинистичката и нацистичката архитектура и театар го манифестираа државно-партискиот диктат за национална и културна преродба, за обновување на народниот дух и за создадавање нова и чиста национална култура како столб на вечната држава. Сталинизмот и нацизмот како два нови режима сакаа да остават лесно видлив белег, еден вид физички и емотивен печат на просторите на и со кои безмислосно владееја. Токму затоа и градеа јавен простор со помпезни споменици и градби. И тие простори луѓето мораа да ги исполнуваат, да се движат низ нив и да ги гледаат на начин кој овие репресивни режими ги одредуваа - од долу нагоре. Тие веруваа дека таквата помпезна архитектура го менува не само физичкиот простор, туку самото расположение на тие на кои им служи, а со тоа го создава и обликува новиот човек и новиот поредок. Тој нов човек мораше да прифати дека е мал и немоќен пред тие помпезни творби и пред новата власт. Во тој жесток процес на трансфигурација на постојното, сталинизмот и нацизмот, со цел да ги потенцираат своите големи успеси, класното или националното обединување и единство, посебно внимание им посветуваа на големите градови Москва и Берлин. Тие градови, особено нивното централно градско подрачје, беа видени како симболи на една нова Германија или на еден нов Советски Сојуз. Тие своите главни градови ги сметаа за центри на свeтот и столбови на нивната моќ. За таа цел тие рушеа и сечеа дрвореди, градеа широки булевари, грандиозни споменици, триумфални капии (најголемата триумфална капија на светот требаше да биде изградена во Берлин во правецот север-југ), градеа државни установи со помпезни неокласицистички фасади и куполи. Градеа големи спортски арени, големи гаражи, создаваа монументални урбани простори со неокласицистички градби во грaдските центри. Сите тие градби беа лишени од секаква човечка димензија и беа ослободени од сите меѓународни, космополитски и „декадентни“ влијанија.


Макета на градбите на оската север-југ во Берлин

 

Грандиозноста на таа архитектура требаше да создаде кај обичните луѓе свест дека поединецот и неговата индивидуалност и посебност се неважни во однос на заедницата и нацијата како колективитет. Таквата помпезна неокласицистичка архитектура и таквите градби во суштина беа олицетворение на нацистичката исклучива идеологија, која од една страна ја искажуваше својата надменост, а од друга порачуваше дека презира сè што има призвук на модернизмот и на Баухаус. Особено на сè она што преку Баухаус се појавуваше кака либерално, отворено и слободољубиво, и кое беше сведено на едноставни форми по мерка и во служба на практичните човекови потреби. За нацизмот мислата на Галилеј дека човекот е мерка на сите нешта беше опасна ерес. Овие простори прераснуваа во места на големи јавни и до бесвест театрализирани спектакли на заедничко колективно славеничко искуство. Тие спектакли често потсетуваа на старите „луди романи“ и беа главните орудија во ид(е)олошкото менување на стварноста по нивна сталинистичка или нацистичка мерка. На нив, особено во нацистичка Германија, преку тие театрализирани спектакли масовно се славеа и глорификуваа победи и успеси: државни, партиски, спортски, идеолошки. Меѓутоа, тие спектакли се користеа и како силно идеолошко орудие за покажување сила во пресметка со неистомислениците и непријателите на фирерот. Исто така, на тие глорифицирани спектакли на еден претеран начин се доаѓаше и до магично-мистичното соединување и спојување меѓу емотивно возбудениот и национално разбуден и препороден народ, и неговиот непогрешлив газда или фирер. И тој спој, кој добиваше димензии на масовна национална хистерија, секако илјада пати ја зголемуваше важноста на тој јавен чин и на сè она што беше кажано и порачано на тие собири. И ако таа победничка ид(е)ологија и реторика, која често вклучуваше и победничко понижување на другите, не беше доволно чуена, за неа мораше да се бие на сите тапани. Нацизмот беше победник и тој мораше да биде чуен, и бараше без прашања да се слушаат и почитуваат неговите пораки и наредби. Како што вели Алберт Шпер, главниот фиреров архитект, „Римјаните градеа триумфални арки за да ги слават големите победи што ги извојувала Римската империја, а Хитлер ги градеше нив за да ги слави битките што требаше допрва да ги добие во иднина.” Истовремено, во тие мрачни и оловни години, еден од најголемите германски поети, Бертолт Брехт, кој не дозволи да биде замолчан, кој упорно и гласно го креваше својот глас на отпор и во најмрачните времиња, и кој колосалните победи на нацизмот што остави пепел, рушевини и пустош зад себе, ќе ги преживее во егзил отфрлен како предавник на нацијата, ќе ja испее песната Германијa, и ќе напише:

„Нека другите зборуваат за својот срам,
Јас ќе зборувам за мојот сопствен.
О, Германијо, бледа Мајко!
Со дреи окрвавени седиш ти
Меѓу Народите.
Meѓу нечесните
Се стави себе си.
Најсиромавиот од твоите синови
На смрт претепан лежи на земја,
Додека гладта царува.
Едни други твои синови
Кренаа рака на него.
О, колку нечесно е тоа.
Со своите раце
Кренати на својот брат,
Маршираат грдо тие по улиците твои,
В лице ти се смеат,
И секому јасно му е тоа.
Во твојот Дом
Лажливците креваат страшна дрека
А вистината
Замолчена е.
Зар не?
Зошто насекаде угнетувачите те фалат, а
Угнетените и обесправените те обвинуваат?
Ограбените
Покажуваат со прст на тебе, но
Ограбувачот го фали ситемот
Што беше измислен во твојот Дом.
Сите гледаат
Како во закрпите свои
крвавите раце ги криеш.
Окрвавени од крвта
На твоите најдобри синови.
Слушајќи ги бесмислените тиради
Што како ехо доаѓаат од твојата куќа
Сите ти се смеат.
А кога ќе те видат посегнуваат по својот нож
Како да им се приближува разбојник.
О, Германијо, бледа Мајко!
Како ли само твоите Синови
Успеаа така убаво да те накитат,
Та сега седиш меѓу Народите
Како Страшило за потсмев.“

П.С. Секоја сличост со современоста е смешна. Наоѓањето каква било сличност co стварноста околу нас може да биде само богата имагинација на читателот.

(Авторот е Фулбрајтов професор по естетика на изведувачките уметности и културолошки студии. Изнесените ставови се лично мислење на авторот. Тие во никој случај не ги одразуваат ставовите и не се мислење на Фулбрајтовата програма, ниту пак тоа се ставови или мислење на владата на САД.)

Слични содржини

Јавни простори / Теорија / Историја
Теорија / Историја
Јавни простори / Теорија / Историја
Никола Гелевски
Општество / Активизам / Култура / Теорија / Историја
Активизам / Јавни простори / Свет / Теорија
Став / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото