Да Рио е нов министер за здравство

17.11.2012 13:19
Да Рио е нов министер за здравство

Познатиот македонски поп пејач Да Рио е новиот министер за здравство, откако сосема неочекувано, поради незадоволство од коефициентот на интелигенција на колегите, Николаум Тодорајкјуов поднесе оставка и премина во опозициската СДСМ.

Тодорајкјуов поднесе оставка затоа што не го задоволува ниската просечна интелигенција од 145 IQ на колегите и советниците од неговото опкружување.

„Не можам да се замарам со токмаци. Како може некој како мене, со IQ од 456.914, да работи со такви просечни и потпросечни умови. Преминав во СДСМ затоа што на партијата ѝ треба заздравување“, изјави Николаум Тодорајкјуов за Пара вести.

Заедно со поранешниот министер за здравство, во СДСМ преминаа и голем број членови на владејачката партија, незадоволни од фактот што пејач кој порано пеел на митинзите на најлутиот ривал сега е министер во нивната влада.

„Ни беше брат, а сега е сестра. Медицинска сестра. Море, болничарка!“, рекоа незадоволните членови и поранешни сопартијци на Николаум Тодорајкјуов, присетувајќи се и на други браќа кои се претвориле во сестри.

Првата мерка што ќе ја преземе новиот министер за подобрување на здравствениот систем е набавка на неколку авиони МИГ 21, со кои треба да се бомбардираат македонските запустени села.

„Во селата живеат претежно старци, болни старци. Со бомбардирањето на селата и нивното истребување, веднаш ќе се подобри просечната здравствена состојба во Македонија“, ги откри своите планови министерот Да Рио.

Тој најави и отворање на нов кардиолошки оддел во просториите на поранешната Универзална сала, кој ќе го носи името „Чукај, чукај срце“, а директорската функција ќе ја извршува Благица Павловска.

На прашањето дали смета дека е во ред да извршува функција во оваа влада откако претходно го опевал најлутиот ривал, Да Рио одговори сосема кратко: за љубов, другари и функција, имам душа страшно широка.

„Животот, каков-таков, убав е, за тој што знае да го живее“, застана во негова одбрана и поранешниот министер и отиде да наздрави со дупла вотка во чест на пејачот-министер.

Премиерот Николај Грубевски изјави дека потегот на Тодорајкјуов не го вознемирува бидејќи е навикнат на ножеви во грб, а освен со бокс, во младоста се занимавал и со факирство во циркуското одделение на неговата партија.

„Здравје боже, ништо друго не треба“, рече Грубевски, но потоа, малку понастрана, мислејќи дека новинарите не можат да го слушнат, додаде: море, стока предавничка, Мијаги сега се превртува во гроб!

Оставката и трансферот на Николаум Тодорајкјуов ја коментираше и поранешниот премиер Георгија Љубббббчов, кој му изрази благодарност на новиот член на опозициската коалиција.

„Би сакал да му се заблагодарам на Николаум Тодорајкјуов. Мерси е моето благодарам“, изјави Љубббббчов.

Граѓаните (познати и како народот македонски) се одушевени од новото кадровско решение во владата и на сите анкети на телевизиите МРТВ(А) и ШИТ-ХЕЛ ја поздравија одлуката Да Рио да биде нов министер за здравство.

Да ти е мерак да се разболеш, изјави една пензионерка, а нејзиниот сопруг имаше сличен став: од сега, болеста ќе ни биде песна, не мора ни да одиме на бесплатно бањање.