Дувачки стимуланс

19.11.2012 09:48
Дувачки стимуланс

На Калифорнија треба да ѝ се оддаде признание за афирмирање на приказната дека легализацијата не е само лудачка идеја. Но, Колорадо има долга историја на прогресивизам кога станува збор за пружање отпор на пуританците. Пред точно 80 години, Колорадо го легализираше алкохолот - многу пред федералната влада да ја укине прохибицијата.

Неодамна, Колорадо стана првата американска држава која ја легализираше рекреативната марихуана, претекнувајќи го Вашингтон за околу еден час.

Ако нема правни пречки, секој кој наполнил 21 година наскоро ќе може да влезе во канабис-аптека во Колорадо и да си купи тревка.

Но, борбата за легална марихуана во Колорадо и ширум земјата сè уште не е завршена. Забраната за марихуана сè уште е едно од главните начела на федералната борба против наркотици, и федералните власти можеби ќе се обидат да ја задушат програмата за легална марихуана во Колорадо уште пред воопшто да започне.

Сетете се на примерот на аптеките за медицинска марихуана во Калифорнија, досегашниот предводник на движењето за легализација. Пред две години, Предлогот 19 за легализација на марихуаната без рецепт е запрен од нападите на извршната власт. Од минатата година, министерството за правда го погази ветувањето дека ќе ги остави калифорниските аптеки на мир, обидувајќи се да затвори угледни установи како Здравствениот центар Харборсајд во Оукланд. За сега, не ги поколебаа протестите на борците за легализација и разумните политичари.

Меѓутоа, активистите велат дека исходот во Колорадо би можел да биде поинаков. „Никој не знае што ќе се случи“, вели Том Енџел, портпарол на организацијата Полицајци против прохибиција. „Но мислам дека ако предлогот за легализација на марихуаната добие повеќе гласови од кој било претседателски кандидат, што е реална можност, и ако некои држави го послушаат гласот на народот - Колорадо и Вашингтон - мислам дека политичката сметка ќе почне да се менува. Тоа станува реалност која повеќе никој не може да ја негира.“

Можен показател дека федералните власти сепак ќе застанат зад идејата за легална марихуана е тоа дека јавниот обвинител на САД Ерик Холдер не се спротивстави формално на иницијативата за легализација во Колорадо, позната како Амандман 64. Пред две години, тој беше против калифорнискиот Предлог 19.

И за разлика од Калифорнија, федералната влада не нареди рација во канабис-аптеките кои ги почитуваат државните и локалните закони. Иако тоа е можеби затоа што Колорадо помалку се истакнува медиумски отколку Калифорнија, можеби е и резултат на поскладниот регулаторен систем на оваа држава. (Калифорнија главно им ја препушташе регулацијата на медицинската марихуана на градовите.) „Мислам дека федералната влада покажа поголемо уважување на системот на марихуана во Колорадо, затоа што е регулиран државно и локално“, вели Мејсон Тверд, портпарол на кампањата Да за 64, „Така што федералната влада не сметаше дека треба да се меша.“

Нормално, на Калифорнија треба да ѝ се оддаде признание за афирмирање на приказната дека легализацијата не е само лудачка идеја. Но, Колорадо има долга историја на прогресивизам кога станува збор за пружање отпор на пуританците. Пред точно 80 години, Колорадо го легализираше алкохолот - многу пред федералната влада да ја укине прохибицијата. Амандманот 64 мудро му ја препушта работата на осмислување на регулаторниот систем за легална марихуана на државното законодавство. Тоа нема да биде лесна задача, но активистите сметаат дека е изводлива. „Можеме да им покажеме на останатите држави дека нам, кога ќе ја легализираме марихуаната, нема да ни падне небото врз глава“, вели Енџел. „Т.е., ќе биде побезбедно, а истовремено ќе се собере и повеќе данок“. Да речеме дека станува збор за своевиден дувачки стимуланс.

Извор: Mother Jones