За концертот на Лајбах во Скопје

19.11.2012 12:14
За концертот на Лајбах во Скопје

Laibach We Come in Peace Tour, 2012
концерт во Скопје,
Скопски саем, 17 ноември
предгрупа Мизар

По пауза од неколку години (од периодот на промоцијата на албумот Волк) Лјибах повторно гостуваа во Скопје. Лајбах припаѓаат во групата на најпрогресивни алтернативни бендови кои потекнуваат од територијата на екс Југославија, чија што политичка или социјална и културна историја е важна инспирација во нивното творештво. Лајбах е еден од поретките уметнички феномени кои можат да бидат вклучени во дискусии или конференции кои се поврзани со различни теми од областа на политиката, социологијата, културата и уметноста. Нивниот пристап кон музиката е паралелен со Аталиевата теорија која ја презентира музиката како пророк во промените во политичкиот ред и како рефлексија на политичкиот систем. Атали и Лајбах ја делат истата базична теза дека музиката (како рефлексија на политичката моќ) може да функционира како режим на самата себе.

Мизар настапија како предгрупа на Лајбах, и покрај изведбата на песни од последниот албум Детето и белото море (2010), изведоа и композиции од првите два нивни (најдобри) албуми. Покрај техничките проблеми и просторното опкружување, концертот во целина помина солидно. Недостатоците се надополнија со настапот на Лајбах, како и секогаш моќен, агресивен, но и позитивен, заводлив и забавен.

Најновиот проект на Лајбах е турнејата We come in Peace, базирана на филмската музика за научно фанатстичната црна комедија Iron Sky (2012, режија Timo Vuorensola). Самата содржина на овој проект, освен музичките теми посветени специјално за филмот, може да се подели генерално на три дела: ретро авангарден; презентација на Лаибаховите обработки или „нови оригинали“ и колизија на минатото, сегашноста и иднината, презентирани и на постарите проекти како WAT, Volk, The Red District Symposium/Past Perfect-Future Tense или Monumental Retro-Avant-Garde (во живо во Tate Modern 2012).

Првиот дел од концертот беше посветен на нивните први години творење, првата половина на 80-те години. Според текстот NSK State in Time, терминот „retro-avant-garde“ се базира на ставот дека траумите кои ги засегаат сегашноста и иднината може да се излечат само со враќање кон иницијалните конфликти. Ретро техниката се базира на враќање кон идеолошките мотиви како обид да се трансцедентираат актуелните уметнички и културни режими. Со мала измена на аранжманите на концертот беа изведени: Среди бојев, Смрт за смрт, Брат мој, Ти ки иззиваш. Во последните неколку години, Лаибах се регенерирани и со пејачката Мина Шпилер така што вокалните дуели меѓу харизматичниот лајбаховец, пејачот Милан Фрас и Мина Шпилер даваат основа за освежување на стариот материјал.

Вториот дел од проектот беше посветен нa Лајбаховите обработки како постарите, популарни Across the Universe (Beatles), Final Countdown (Europe), Alle Gegen Alle ( DAF), но и на поновите обработки како See That my Grave is Kept Clean (Blind Lemon Jefferson), Ballad of a Thin Man (Bob Dylan), Love on the Beat (Serge Gainsbourg), Warme Lederhaut (The Normal). На концертот во Скопје, пред сè заради Лајбаховото провокативно „колонизаторско територијално освојување“, ја изведоа и Турската химна од албумот Волк, која што не беше застапена на претходните неколу концерти од турнејата We come in peace.

Од саундракот беа изведени моќната B Mashinа (од албумот WAT), и уште две композиции со баладен карактер во вокална соло изведба на Мина Шпилер: Under the Iron Sky и Take me to Heaven. Истите композиции направија баланс/одмор меѓу останатите енергични, милитантни, индустриски композиции. Официјалниот дел заврши со нивната „најпоп“ композиција Tanz mit Laibach. Потоа добивмe два биса со изведба на песни од албумите Opus Dei, WAT и Jesus Christ Superstars, одноcно ги слушнавме Leben heißt Leben, Geburt Einer Nation, God is God, Das Spiel ist aus. За обработките на Лајбах често добиваме впечаток дека се нивни оригинални песни, а не обработки, а тоа е заради силната промена на контекстот на самите селектирани песни со цел да се потикнат слушателите без разлика од каде потекнуваат да размислуваат појасно за парадоксите кои нè опкружуваат и на локално и на глобално ниво. Видео проекциите се речиси нераскинлив дел од настапите на Лајбах. На дел од нив имаше ретроспектива на нивните постари видео спотови, а дел беа и специјално креирани за одредени песни. Во целина целиот проект е обвиткан со кружното движење низ релацијата минато-сегашност-иднина, со теми од областа на највлијатените политички или уметнички случувања низ XX-от век и Лајбаховиот коментар за истите.

Laibach - Final Countdown (live in Skopje)