Закон и семејство: не во наше име

19.11.2012 13:38
Закон и семејство: не во наше име

1.

Започнувам со прашање: Дали всушност актуелната ситуација на овој конкретен владин напад кон едно конкретно незаштитено малцинство е радикална последица на (не-заштитувачкиот) дискриминационен Закон за анти-дискриминација изгласан со доста врева при крајот на 2009 година? Дали всушност не сме сведоци на владина кампања затоа што не може самата држава законски да биде обвинета за хомофобија? Да. Во каква позиција ја наоѓаме партијата на власт како последица на ова? Херојска. Но зошто? Затоа што прогресивната и „надворешна“ легислатива на ЕУ е против „домашните“, „нашите“ вредности; затоа што традициите се само наши; затоа што според ВМРО-ДПМНЕ перверзијата се продава како еднаквoст. Тие би биле вџашени доколку дознаат за венчаните геј конзервативци насекаде низ Европа; секако, но не пред да објават дека Александар го имал Хефастион.

До извесен степен владејачката партија има право да ја заземе херојската позиција на милитаристички морализам. Не би биле во можност да ја критикуваме нивната радикална банализација на прогресот и модерноста доколку не го преиспитаме сопственото разбирање за нив. (Затоа не би требало да ни биде грижа за нивната верзија на тоа што претставува „традиција“. Дерек Џарман, еден од врвните интелектуалци во 80-тите години во Велика Британија беше прилично скандалозен и за властите и за геј движењето зашто тој беше радикален авангарден традиционалист.)

Во овој текст ќе се потрудам да понудам позиција којашто ни дозволува радикално да го критикуваме актуелниот граѓански дискурс: предлагам ова да го сториме така што ќе си го вратиме назад она што е наше – нашите односи, нашите љубови. Во моментов тоа ќе биде возможно единствено доколку ја отфрлиме самата институција семејство, односно брак. Се занимавам со оваа тематика не зашто бараме брак, туку затоа што мора да ја напуштиме рамката со која себеси се легитимизираме преку граѓанско признавање од страна на државата. Во таа смисла, дури и регистрираните партнерства – доколку еден ден станат легални во Македонија – нема да ни помогнат.


2.

Сами по себе, семејството и бракот – двете причини и последицата за актуелниот пара-милитаристички и квази-законодавен циркус, бесконечното две-во-едно на традиционализмот - се неразделни во евро-центричниот проект на модерноста. Неразделни се како што и државата и црквата се неразделни (ова е дамнешна теза којашто се протега од томизмот до Сајмон Кричли [Simon Critchley] во последно време). Доколку не го разбереме нивниот изоморфизам и начинот на кој нè потчинуваат кон старата добра либерална рамка на „природна еднаквост“ и социјален договор, нашата борба за еднаквост (без разлика дали е на моралистичка, легалистичка или анти-социјална основа) е изгубена.

Зошто? Затоа што во мигот кога ќе го разделиме семејството од бракот, ја одвојуваме државата од црквата и стануваме слободни индивидуи: државата и црквата веќе не дејствуваат во наше име. (Со самото ова секако станува појасно значењето на интензивираната интимност меѓу владата и Македонската православна црква со анти-комунистички примеси.) Нашата добивка од ова дистанцирање е следната: ослободени сме од обврската да ја репродуцираме институционализацијата на нашите односи и љубови, како и од обврската да се размножуваме во името на моќта. (Александар Ламбевски во својот текст веќе го обработи психолошкиот профил на индивидуите кои самите себеси се угнетуваат во желбата по власт; би сакал само да додадам дека нашето теоретско оружје во таквите анализи и понатамошни дејства е Вилхелм Рајх [Wilchelm Reich]).

Ова не е геј проблематика: ова е социјален проблем наследен од времето на пост-просветителство во кое сè уште живееме, ова е вложено во самата структура на Европското просветителство и обидот да станеме дел од Големото Платоново Едно на политиката и заедничкиот живот. До степенот до кој се придржуваме кон европскиот федерален проект, до степенот до кој оваа влада успева да нè измами дека и самата го сака тоа, а истовремено прави сè за да го покопа, сè станува логично: затоа што биполарното однесување на владеачката партија во однос на европската иднина на Македонија е ништо друго освен конкретно отсликување на европската просветителска биполарна трагедија: невозможноста да се разделат државата и црквата.

Така европските институции коишто ја критикуваат македонската влада во официјални циркуларни извештаи – особено во однос на граѓанските права – се исто толку неспособни колку и ВМРО-ДПМНЕ. (Мојата критика не се однесува единствено на состојбата со ЛГБТ лицата во Македонија; ова е поопширен аргумент за кој не можам да расправам овде.) Невозможната поделба не е сосема зацелена ниту во најстарите демократски држави во ЕУ. Токму затоа ВМРО-ДПМНЕ и сличните ним во регионот се во состојба да го претстават европскиот конституционализам и како анти- модернизирачки проект.

Да заклучиме, способностите и на актуелната влада и на европските извештаи за напредок се прилично слични. Обете сакаат да го заштитат истото; меѓутоа сакаат да го заштитат на различен начин. Партијата на власт се труди да ја делигитимизира ЕУ под изговорот: „навредувајќи ги чувствата“ на традионалистите Македонци (со самото тоа навредувајќи ги не-традионалистите Македонци, итн. до здодевна лоша бескрајност). ЕУ и либералните-прогресивци сакаат да легитимизираат една реформирана верзија на хетеросексуалната институција насекаде низ Европа, вклучувајќи ги и земјите што не припаѓаат на ЕУ (навредувајќи ги традионалистите Македонци со тоа што, всушност, прецизно ги нарекуваат: хетеросексисти, а со самото тоа навредувајќи ги не- традионалистите Македонци коишто воочиле дека порано или подоцна ќе бидат жртви на хетеросексистичките институции како што се бракот и самото родителство).

Секако, двата процеса имаат различна тежина бидејќи првиот е негативен, а вториот не е. Законот за анти-дискриминација ќе претставуваше добра можност, да не беше неговиот дискриминаторски карактер; како што веќе знаеме, ЛГБТ заедницата во Македонија и нејзините сојузници не се заколнуваат на брачна љубов и придружниот став на херојско отфрлање (или прифаќање, како што веќе е случај со западниот свет). Она што се бара од оваа држава, од оваа влада – до степен до кој барањето добива форма на одбранбени молби, кои дури не претпоставуваат дијалог – е еднаквост пред здравиот разум, не само пред законот.

Барањето е: дозволете ни да го живееме нашиот живот на начин исто толку социјален како вие вашиот. Ова е всушност самата суштина на содржината на таканареченото „регистрирано партнерство“ (или „заедничко живеење“ во некои земји). Ваквата форма на заеднички живот не е негативен проект. За разлика од заложувањето за истополов брак: институцијата брак не може да биде реформирана без притоа да се тврди дека општеството е хомофобично и хетеросексистичко, затоа што западните општества се изградени врз мизогинизам, хетеросексизам и хомофобија. Самиот концепт на среќа – да не го спомнуваме бракот – на европската модерност повлекува една зовриена чорба од овие состојки, со повремени примеси на расизам. Тие сите се изоморфни и затоа борбата против една од овие состојки всушност претставува борба против сите останати.

Така, секоја кампања за истополов брак – западното движење за геј права ова го докажува многу добро – е парадоксално анти-општествен проект којшто води кон истиот ефект на отуѓување како и капитализмот – односно феудализмот... мајката и таткото на сопружништвото. Моралната делигитимизација со употреба на зборови како хомофоб или хетеросексист не е потребна кога она што се бара се регистрирани партнерства: форма на заедничкиот живот што самата ја организира сопствената граѓанска сцена, без притоа да се бара помош од државата; форма на живот на којашто и не и’ е потребна таква учтивост – колку неподнослива идеја за вообичаениот анилингус-традионалист. Партијата на власт всушност не им дозволува на ЛГБТ лицата и на хетеросексуалците да живеат живот којшто не претполага признавање од државата на нивната љубов и меѓусебни чувства. (Не расправам за концептот на парот од очигледни причини; доволно е да се каже дека полигамијата и полиаморијата – она што ВМРО-ДПМНЕ и МПЦ го нарекуваат содомија и оргии, неуморно цитирајќи го Левит – е следниот чекор кон оваа автономизација на нашата љубов како граѓани на едно и исто општество.)


3.

Веќе го објаснив проблемот за неделивоста на државата и црквата. Доколку сакаме тој спој да го реформираме и поткопаме од внатре, како општество, осудени сме на репродукција на неговата биполарност. Всушност, овој потфат може да нè одведе единствено кон индивидуални форми на биполарност: да бараме некаква форма на признавање којашто нè угнетува и да се бориме против тоа угнетување. Сето ова може да се избегне доколку размислуваме за самите себеси надвор од рамката на рационалниот терор на бракот. (А можеби еден ден и надвор од рамките на регистрираните партнерства. Зашто дури и регистрираните партнерства се една форма на признавање – економска. Секако, ова признавање воопшто нема да ни биде потребно во случаи како што се Star Trek или во целосно реализиран комунистички утопистички проект; но во моментов сме доста далеку од ова.)

Во таа смисла, она за што треба да размислуваме денес е: што да се прави со начините на кои државата треба да нè признае за сите да живееме како општество? Бидејќи на општеството му е потребен авторитет и признавање. Ова претставува тешко прашање за секое општество, а Македонија сигурно не е сама во неговото решавање. Прашањето е старо колку и Хегеловата патријархална филозофија, а младо колку лезбејската претседателка на Исланд.

За не потпаднеме под логиката на оваа конкретна политичка бура – хистеријата веќе зеде замав, за жал – мора да разбереме дека докажувањето оти сите сме родени исти нема многу смисла (кај Гага ова звучи кул и забавно, но ништо повеќе), дека имам право (sic!) на среќа, итн. Уште помалку смисла има во тврдењето дека сме родени „вакви“, а потоа тоа да го докажуваме биолошки и научно. (Научните апологии и легитимизирањето на хомосексуалноста се исто толку опресивни колку и религиозното клеветење на хомосексуалноста.) Не постои „природна состојба“. Пред да промовираме вакви есенцијалистички аргументи ние мора да се посветиме на прашањето за самото семејство (а не бракот), а со тоа на прашањето: какво семејство ни е потребно и какво семејство сакаме? Ова не е геј проблематика, оваа проблематика припаѓа во областа на „општиот интелект“ (по Маркс). На овој начин позитивно првин се посветуваме на самите себеси, а потоа се занимаваме со донекаде здодевната – барем за сите нас што не сме заинтересирани за политиката сама по себе – легализација на среќата. Па дури потоа со систематската анална ретенциja на ВМРО-ДПМНЕ.

На пример: зошто Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници” мораше да се извини за изразот „примитивни форми на семејства“? Секако не зашто постојат такви примитивни семејства, ниту пак зашто нелегализираните форми на регистрирани партнерства се очигледно повеќе од демократски, бидејќи навистина се, туку затоа што на сите нас ни се заканува фактот дека и ние всушност сакаме да бидеме дел од таквото примитивно, конзервативно семејство. Она за што треба да се запрашаме денес, а актуелната кампања против нас е е најдобриот услов за тоа, е: дали воопшто сакаме семејство? Дали навистина сакаме деца (без разлика на тоа дали сме геј или хетеросексуалци)? Дали ни е потребно семејство доколку не можеме да ја реформираме неговата содржина? (Шансите ова да се случи се неверојатни: дури и во земјите каде што е легализиран истополовиот брак, содржината останува безусловно нереформирана.) Проблемите со аналната ретенција им припаѓаат на ВМРО-ДПМНЕ, не нам. Нашата аналност повлекува задоволство.

Не мора да се запрашаме: какво семејство сакаме тогаш? Одговорите како што е „нормално“ – па дури и „еднакво“ – им служат на агендата на брачните бури на ВМРО-ДПМНЕ. Затоа што нормалноста е индекс на секој авторитет. Нам ни е потребна власт доколку живееме и сакаме да живееме во општество; но не живееме во општество доколку авторитетот и власта не е предмет на разгледување. Очигледно, модулацијата на моќ на ВМРО-ДПМНЕ е едностраното покажување сила. И не само тоа: оваа власт не е дури ни социјална. Затоа е многу лесно да се тврди дека македонското општество е далеку од содржината на тој концепт.

Валтер Бенјамин разгледува една таква дилема кога зборува за насилство во служба за зачувување на законот и насилство со кое се основоположува законот. Во ВМРО-ДПМНЕ очигледно не го читаат Бенјамин; но ви гарантирам дека барем еден од стратезите во оваа партија ги шири идеите на Карл Шмит.

Актуелната ситуација нема да се подобри доколку се бориме за обична институционализација на нашата љубов, врски и емоции. (Само погледнете ја пасивноста на брачната еднаквост во Источна Европа, каде што постои таква.) Прекинете ја врската брак=семејство=љубов=среќа со формата на признавање и ќе забележите дека државниот апарат ќе се сруши пред вашите задоволства. Првин нашите задоволства, а потоа институциите. Не затоа што не сакаме општество со еднаквост за сите; примарноста на задоволството е, пред сè, граѓанска доблест за сите нас. Но бидејќи еднаквоста на семејството (партнерството итн.) или бракот којшто денес се пропагира не е проект во наше име. Тоа е проект во името на држава која е радикално отуѓена од своите жители. А еден ден оваа држава ќе побара да ги прославите вашите пресвети венчавки на еднаквост во Матичната служба, еден ден кога ќе бидете среќно отуѓени.

Но ние ќе останеме без имиња засекогаш.

Станимир Панајотов (1982, Бугаријадипломирал Философија при Софискиот Универзитет и магистрирал Философија и Родови студии при Институтот Евро-Балкан, Скопје. Mеѓу неговите интереси се Платон, Маркс, Негри, Гатари, Фуко, Берсани, Еделман... Работи и како преведувач од областа на филозофијата, родовите и квир студиите и од други хуманистички дисциплини.

Слики: Alex Gibbs

Слични содржини

Психологија / Живот
Општество / Живот / Историја
Квир / Психологија / Наука
Општество / Активизам / Свет / Теорија

ОкоБоли главаВицФото