Полицаец привел куче затоа што му дофрлило „ав-ав“

19.11.2012 16:50
Полицаец привел куче затоа што му дофрлило „ав-ав“

Скопје, 19 ноември 2012 година

Припадник на Министерството за внатрешни работи синоќа го лишил од слобода кучето Шарко, затоа што тоа неколкупати го провоцирало дофрлувајќи му „ав-ав“. Сопственикот на кучето се обидел да му објасни на полицаецот дека кучето не мислело ништо лошо со тоа, но полицаецот му се заканил дека ќе го уапси и него ако веднаш не замолчи.

-Го шетав Шарко како и секој ден. Одеднаш, на крајот од улицата здогледав некаква турканица. Пријдов за да видам што се случува и тогаш Шарко почна да лае. Тој лае секогаш кога има турканици и кога се наоѓа меѓу многу луѓе, вели сопственикот на кучето и додава дека полицаецот кој се наоѓал во непосредна близина се завртел и му се обратил на кучето со „мене ли ќе ме лаеш“?

-Се обидов да го смирам Шарко, но полицаецот со забрзани чекори тргна кон нас, а тоа го вознемири кучето уште повеќе и тоа продолжи да лае уште повеќе. Полицаецот ни пријде и го рабна ременот со кој го држев Шарко и го пикна кучето во полициското комбе, вели сопственикот на Шарко.

Тој го прашал полицаецот зошто го приведува неговото куче, а овој му одговорил „внимавај како се однесуваш затоа што ќе те приведам и тебе“.

Денес се обидовме да добиеме изјава од полицаецот, но тој не сакаше да зборува многу и само ни рече дека овој пат ќе му прогледа низ прсти на кучето затоа што му било прв пат така да се однесува кон полицаец.

-Спречувањето на службеното лице во вршењето на службената дејност, самото по себе е прекршок, без разлика на тоа кој е сторителот, ни изјави строгиот полицаец.

На крајот тој додаде дека не постои друго решение освен осомничениот да се изведе пред судијата за прекршоци. Тој во наредните денови ќе истражува дали кучето Шарко и претходно правело прекршоци и дали тоа ѝ е познато на полицијата.

Адаптирано од: http://www.njuz.net