Поинаква Европа, сега!

19.11.2012 18:59
Поинаква Европа, сега!

Изминатава седмица милиони работници низ Европа протестираа против мерките на штедење, барајќи нови работни места и повикувајќи на солидарност. Големи штрајкови се најавени во Шпанија, Грција, Португалија и Италија, а во останатите земји-членки на Европската унија се огранизираат протести за солидарност. Работниците ќе излезат на улиците на Франција, Полска, Чешка, Романија и Словенија. Синдикатите ќе му врачат на претседателот на Европската комисија во Брисел „Специјална Нобелова награда за штедење“.

Работниците со право застануваат против Европа на штедењето и флексибилноста. Навистина, она што финансиските и политичките елити го направија по избивањето на финансиската криза ги надминува и најсмелите фантазии. Овие елити успеаа да го сменат текот на историјата на финансиската криза и да го наметнат ставот дека кризата не е предизвикана од страна на банките и финансиските пазари, туку причини за нејзиното настанување се јавната потрошувачка и неконтролираниот раст на заработувачките. Но, вистината е токму спротивна на ова. Кризата ја предизвикаа тековите на капиталот што создадоа неодржливи финансиски балони како и балони на пазарите на недвижности и со тоа на земјите на ЕУ им наметнаа огромен приватен долг. Кога во 2009 година пукнаа овие балони, економијата се најде во слободен пад. Владите немаа друг избор освен дефицитарната потрошувачка, за да можат да го финансираат недостатокот во буџетите што настана по порастот на невработеноста и со неа поврзаните социјални давачки и намалувања на даночните приходи. Порастот на државниот дефицит не ја предизвика кризата, туку спречи Европа во 2009/2010 година да потоне во Големата депресија.

Оваа реинтерпретација на причините за кризата не беше само интелектуална вежба, туку за жал, на инсистирање на Европската централна банка, ја искористи кризата на државните долгови за да ја промовира политиката на слободниот пазар. Последица на ова е рестриктивната фискална политика ширум Европа. Од Шпанија до Велика Бритнија, од Грција до Летонија, од Унгарија до Ирска, од Романија до Франција, државите-членки ги спроведуваат сеопфатните програми на штедење, составени речиси исклучиво од резови во буџетот и зголемување на данокот на додадена вредност. Кога ќе ги земеме предвид сите овие програми, фискалното штедење доведува до загуба на куповната моќ што се изразува во стотиците милијарди евра исцедени од европската економија.

Оваа политика доживеа неуспех. Она што фанатиците на штедењето успеаа да го направат е да го избегнат поправањето на ситуацијата и да ја турнат економијата во нова рецесија. Се очекува дека во 2012 година, економијата на ЕУ ќе забележи пад од 0,2%. Вистински излез не се ни очекува, а стагнацијата во еврозоната се предвидува да продолжи и во 2013 година. Кога економската активност е во пад, невработените немаат на што да се надеваат. Невработеноста во еврозоната веќе изнесува 11,6% (во октомври 2012), со тенденција за понатамошен раст. И покрај катастрофалните резултати, одговорот на финансиската и политичката елита во Европа не е промена на политиката, туку продолжување по старо. Според анализите на Европската комисија „економијата повторно е во рецесија, но не поради преголемото штедење, туку затоа што не се штедело доволно“.

Комисијата дојде до овој заклучок повикувајќи се на стариот аргумент на довербата. Според овој аргумент „јасно е дека буџетските резови не беа доволно големи, затоа што не успеаа да ја вратат довербата во финансиските пазари, да го обноват кредитирањето на реалната економија, а покрај ова, буџетските дефицити и понатаму ги отежнуваат инвестициите и економската активност“. Со други зборови, комисијата смета дека владите мора да применат дополнително штедење за да ја вратат довербата во финансиските пазари. „А тогаш, ќе надојде изобилство кредити, што ќе доведе до нова експанзија на економската активност, и сето ова покрај сеопфатните буџетски резови“.

Ако ги погледнеме фактите, јасно е дека аргументот на Комисијата е апсурден. Според последниот извештај на фискалното мониторирање на Меѓународниот монетарен фонд, во периодот од 2010 до 2012/13 година, владите на еврозоната спроведуваат програми за консолидација во висина од 3 до 4% од брутодомашниот производ. Со намалувањето на платите во јавниот сектор, за само две години земјите-членки успеаа да ја намалат пазарната и куповната моќ во Европа за 300 до 400 милијарди евра. Клучното прашање е: Што ќе правиме ако 400 милијарди евра добиени со штедење и буџетски резови не се доволни за да се амортизира финансиската криза? Дали ќе бидат доволни 600, 800, 1000 милијарди? Можеби е време европската политичка елита да сфати дека пациентот умира поради тоа што му се дава погрешен или дури и смртоносен лек, а не поради тоа што дозата е мала. Освен финансиските индикатори, значајна за пазарите е и состојбата на реалната економија. И пазарите добро знаат дека кога се зголемува невработеноста, а се намалуваат инвестициите, се зголемува и опасноста од банкрот.

На крај, во согласност со германската поговорка „ако на владата не ѝ се допаѓа народот, нека си избере друг“, изгледа дека дебатата поприма сè поапсурдни и поопасни димензии. На пример, во текот на минатото лето, премиерот на една од поголемите земји-членки (што не беше избран за таа функција) изјави дека по договорот за заедничка политика во Брисел, владите треба да ги едуцираат националните парламенти за неопходноста на оваа политика. Уште позагрижувачки е новиот термин на Ангела Меркел „демократија прилагодена на пазарите“. Всушност, тие предлагаат националните демократии да бидат подредени на она што економските и финансиските елити сметаат дека е неопходно за спас на еврото.

Денес, работниците од Европа не се борат само против мерките за штедење и за зачувување на социјалната држвата, туку и за заштита на суштината на демократијата во Европа од кратковидите и неурамнотежени правила, наметнати и диктирани од нејзините елити.

Извор: social-europe.eu

Слични содржини

Општество / Европа
Општество / Европа / Екологија
Активизам / Европа

ОкоБоли главаВицФото