Кирил и Методиј непожелни на еврото

20.11.2012 10:51
Кирил и Методиј непожелни на еврото

Народната банка на Словачка нема да смее да ги прикаже Кирил и Методиј како светци со ореоли на новите монети од две евра, како што првобитно сакаше.

Ореолите на главите на двајцата светци и крстот во графичкиот предлог за нова монета која словачката централна банка треба да ја издаде следната година, по повод годишнината од доаѓањето на словенските апостоли на територијата на Велика Моравија се остранети поради прописите на Европската унија дека парите кои се средство за плаќање и надвор од Словачка мораат да бидат верски неутрални.

„Европската комисија и некои земји членки побараа да се отстранат некои симболи во склад со религиската неутралност. Конкретно, станува збор за ореолот и крстот“, изјави портпаролката на НБС Петра Пауерова.

Дефинитивниот изглед на монетата без христијански обележја не ѝ се допаѓа на словачката католичка црква, додека историчарите сметаат дека е сосема во ред.

„Ние сме секуларна држава која не е врзана за ниедна идеологија ниту конкретна религија. Во времето кога Кирил и Методиј биле на нашата територија сè уште не биле светци, тоа е во ред и од историска гледна точка“, вели историчарот Јан Стајхибел.

„Тоа е непочитување на сопствената историја. Луѓето во време на тоталитаризмот ризикуваа апсење, затоа што сакаа да зборуваат за Кирил и Методиј како за светци“, протестираше против новите пари портпаролот на Бискупската конференција на Словачка Јозеф Ковачик.

Извор: e-novine

ОкоБоли главаВицФото