“Пишман аџиите” ги кршат Уставот и човековите права

20.11.2012 14:04
“Пишман аџиите” ги кршат Уставот и човековите права

Комисијата за верификација на фактите го дополни јавниот регистар со уште четири имиња на лустрирани лица. Анализата на објавените решенија и документи покажува дека Комисијата за лустрација продолжува свесно да го крши Уставот и да не ги почитува одлуките на Уставниот суд, според кои лустрирањето на поранешни носители на јавни функции нема смисла, е несогласно со Уставот, и ги повредува човековите права и слободи.

Противуставната лустрација продолжува

Што покажуваат објавените решенија и документи? Тројца од четворицата лустрирани лица чии имиња се објавени во регистарот (лустрирани на 16.11.2012) се опишани како “бивш носител” (на јавна функција) - двајца од нив биле директори, а едниот министер. Еден е носител на јавна функција – судија на основен суд, но станува збор за лице кое еднаш веќе успешно ја поминало проверката во 2010 година. Од последните десет лица во регистарот дури девет се поранешни носители на јавна функција. Зошто Комисијата е толку фокусирана на поранешни функционери, кои не се кандидати за јавна функција и кои не се во позиција да ги кршат човековите права?

Но, да одиме по ред со анализа на последните четири случаи, онака како што имињата на лустрираните лица се појавуваат во регистерот, од реден број 33 до 36.

Се штитат главните прекршители на човековите права

Под реден број 33 е објавено името на поранешен директор на НУБ “Св. Климент Охридски”. Во образложението на решението за поранешниот директор (кој сега има 73 години) се тврди дека постапката била покрената по службена должност и дека во неговото лично досие во државниот архив биле содржани бројни докази кои комисијата ги смета за “релевантни”, па затоа “ја утврди соработката со органите на државната безбедност”.

Тука се поставуваат следниве прашања:

а) Зошто Комисијата за лустрација упорно лустрира поранешни носители на јавни функции кога Уставниот суд веќе утврди дека лустрирањето на поранешни функционери нема смисла, не е согласно Уставот, и ги крши човековите права? Поточно, Уставниот суд утврди дека законските одредби со кои се пропишуваше лустрирање поранешни носители на јавни функции не се во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 (владеењето на правото), со член 9 (еднаквоста пред уставот и законите), член 11 (физичкиот и моралниот интегритет на човекот се неприкосновени) и член 25 од Уставот (на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот). (види Одлука бр. 52-2011 од 28.03.2012).

б) Ако “лустрацијата значи процес на справување со минатото, со цел да се одбележат и отстранат можностите за натамошно кршење на човековите права во актуелниот општествено политички систем” (Уставен суд), тогаш каква смисла има лустрирањето на поранешен директор, кој сега има 73 години и кој не е во позиција понатаму да ги крши човековите права во актуелниот општествено политички систем?

в) Дури и под претпоставка дека бројните објавени документи навистина покажуваат соработка со службите при што биле кршени човекови права од идеолошки и политички причини (во објавеното решение не е наведено ниту кои права се прекршени, ниту на кои граѓани, ниту пак има спомнување на “политички или идеолошки причини”), останува нејасно: Зошто се заштитени имињата на сите службени лица кои биле главни актери во прекршувањето на човековите права? Зошто лустраторите ги заштитуваат имињата на службените лица кои му ги кршеле правата на “Глигор” со тоа што воделе за него политичко досие како малолетник, тие што го врбувале да соработува од идеолошки и политички причини како апатрид, тие што го регистрирале во евиденција на соработничка мрежа на државната безбедност во 1964, началниците што потпишале согласност да стане соработник, службениците што остварувале контакт со него, го насочувале, и пишувале извештаи од идеолошки и политички причини, началниците што одобрувале пари за трошоци, сите што со водење на политички досиеја и други конкретни активности најмногу ги прекршувале човековите права? Зошто не се лустрираат сите од ДБК кои активно кршеле права, а се објавува името само на врбуваното лице кое помагало давајќи информации?

Уште еден “соработник” без соработнички псевдоним и досие

Под реден број 34 е објавено името на поранешен министер. Веднаш паѓа во очи дека во Решението не е наведен псевдоним, иако законот налага да се наведат “псевдоними кои ги користел”. Постапката била поведена по службена должност, но никаде не пишува дека лустрираното лице имало досие?!? Пишува дека “во државниот Архив на Република Македонија постојат документи во три досиеја формирани од поранешната Управа” на СДБ. Од увидот во тие документи лустраторите утврдиле дека „тие укажуваат на соработка”. За разлика од претходниот случај, каде за лустрираниот директор има посочено и објавено документи за регистрација на соработник, кој го регистрирал, по чиј предлог, кој се согласил, и за што бил ангажиран соработникот, поранешниот министер е лустриран без такви документи?!? Без соодветни документи, прогласен е за “таен соработник информатор-оперативна врска” кој “свесно, тајно, организирано и континуирано преземал активности и соработувал со органите на државната безбедност, притоа остварувајќи и погодности за себе при напредување во службата”?!? Од анализата на објавените документи произлегуваат повеќе заклучоци и прашања:

а) Објавените прашалници за ревизија на лично досие не се однесуваат на досие на министерот. Ако навистина бил соработник, зошто не се објавени документи од неговото соработничко досие, како во претходниот случај?

б) За разлика од претходниот случај, каде во службените белешки се среќава “соработник Глигор”, во објавените документи за поранешниот министер никаде не пишува дека бил соработник (со псевдоним), туку пишува дека бил извор на информации (со име и презиме). Единствениот потпишан документ е изјава дадена “врз основа на член 151 став 2 од Законот за кривичната постапка на СРМ”, изјава која ја дал како класен раководител во средно училиште?!? Како е можно да се прогласува за таен соработник лице врз основа на изјава дадена во кривична постапка, без потпишана изјава за соработка, без соработнички псевдоним и без соработничко досие? Дали сите лица кои до 2006 давале изјави во кривична постапка можат да бидат лустрирани како тајни соработници, иако немале потпишана изјава за соработка, немале соработнички псевдоним, ниту соработничко досие?

в) Тврдењето на Комисијата дека поранешниот министер “организирано и континуирано преземал активности и соработувал со органите на државната безбедност, притоа остварувајќи и погодности за себе при напредување во службата” воопшто не е поткрепено со никакви документи. Имено, од објавената службена белешка на инспекторот јасно стои дека разговорите со двата извори (меѓу кои и поранешниот министер, тогаш професор) “се обавени на 18 и 19.2.1982 година... на наша иницијатива”! Тоа е спротивно на тврдењето на Комисијата дека “организирано и континуирано преземал активности и соработувал со органите на државната безбедност”. Имено, освен споменатата изјава од 19.2.1982, во која се споменува како извор, во објавените документи нема никакво споменување на било какви други активности од кои може да се заклучи дека поранешниот министер “организирано и континуирано преземал активности и соработувал со органите на државната безбедност”. Објавените документи воопшто не го поткрепуваат ниту тврдењето на лустраторите дека остварувал “погодности за себе при напредување во службата”.

г) Ако на одредени лица им се прекршени правата од страна на тајните комунистички служби, како што тврди во Решението Комисијата за лустрација, тогаш зошто лустраторите ги заштитуваат имињата на службените лица кои што ги прекршувале тие права: службените лица од СДБ кои им отвориле политички досиеја на малолетници поради албански иредентизам и усмена непријателска пропаганда (уште во 1981), кои применувале оперативно технички мерки, кои спровеле прекршочни и кривични постапки за непријателска пропаганда, итн. Зошто не се лустрираат прекршителите на човекови права, а се објавува име на “соработник”, кој воопшто не е заведен како соработник, кој нема псевдоним, досие, ниту каков и да е документ од службите за државна безбедност кој би послужил како доказ за организирана и континуирана соработка?

Пишман лустрација

Под реден број 35 е заведен носител на јавна функција, судија во основен суд кој во 2010 година имал добиено решение со кое му била утврдена несоработка со службите. Во Решението од 16.11.2012 Комисијата за верификација на фактите прво го укинува сопственото решение за несоработка од 2010, а потоа утврдува соработка во 2012?!? Машала. Ако во 2010 комисијата работела законски, тогаш несоработката е утврдена како “верификуван факт” врз основа на добиените информации од четирите надлежни институции. Како да им веруваме сега на архивот и на тајните служби кои произведуваа факти за (не)соработка кои Комисијата претходно ги верификуваше? Како е можно сега Комисијата, небаре “пишман аџија”, да тврди дека “тази несоработка не е несоработка”?
Но, не само што тоа е можно за нашите “пишман аџии”, туку е и стварно! Ама, сега се отвора прашањето: Дали сите досега издадени решенија за несоработка од страна на комисијата за лустрација се валидни? Укинувањето на решението за несоработка од 2010 фрла дамка на сомнеж на сите досегашни решенија. Да потсетиме, комисијата за лустрација одби да спроведе постапка по новиот закон за сите функционери одново, иако имаше изменета дефиниција за соработка во новиот закон, која ги вклучува и “оперативните врски”. Сега, никој од оние кои имаат решенија за несоработка не е сигурен дека не е соработник. Нашиве “пишман аџии” во секој момент можат да си го поништат сопственото решение и да ги прогласат за соработници, и покрај тоа што претходно четирите надлежни институции го негирале тоа. Сега, ниту членовите на комисијата, ниту оние што јавно се фалеа со издадените решенија за несоработка, не може со сигурност да тврдат дека некој актуелен функционер - вклучително и претседателот, премиерот, министрите, и пратениците – не биле соработници на тајните служби! Во секој момент од некаде може да се појави некое претходно непознато досие кое може да ги преобрази лустраторите во “пишман аџии”.

Комисијата контролирана од ВМРО-ДПМНЕ ги штити службените лица кои ја “кодошеле” ВМРО-ДПМНЕ при нејзиното основање?

Под реден број 36, во регистарот е заведен поранешен директор на јавно претпријатие. Во решението за лустрација повторно нема псевдоним за соработник. Повторно Комисијата “верификува факти” врз основа на документи од архивот, а не врз основа на документи добиени од актуелните служби за безбедност, кои сеуште ги поседуваат како класифицирани информации регистрите на поранешни соработници на тајните служби. Нема ниту лично, ниту соработничко досие за поранешниот директор на јавното претпријатие.

Лицето со реден број 36 се јавува како извор во службена белешка напишана од инспектор чие име е заштитено. Службената белешка од 1990 се однесува на информации што инспекторот ги добил од изворот, во врска со програмата на новата партија ВМРО-ДПМНЕ која, како што навел сега “тајниот” инспектор, “претрпела пет измени додека не го добила конечниот текст”, а дека “првата програма била многу екстремна, повикувала на вооружен бунт за соединување на Македонија па свесни за тоа неколку пати го промениле текстот”.

Што е тука најмногу парадоксално? Ако лицето под реден број 36 е лустрирано заради тоа што било извор на информации заведени во службена белешка, која се нашла во досие со кое се кршеле правата на членови на ВМРО-ДПМНЕ од идеолошки и политички причини, тогаш зошто се заштитува името на инспекторот кој го обавил разговорот? Зошто се заштитени имињата на изворите и другите службени лица во другите објавени документи?

Мистериите на македонската лустрација

Мистерија е зошто владејачката коалиција нема политичка волја да донесе закон за рехабилитација и обештетување на жртвите на комунистичкиот режим, а има политичка волја за лустрација во име на жртвите. Мистерија е зошто не се слуша гласот на жртвите од “Голи оток”. Дали сеуште се исплашени од изјавата на директорот на архивот дека “90 отсто од оние кои се вратија од Голи Оток биле информатори на службите на државна безбедност”?

Вистинска мистерија е како, на иста седница на Комисијата за лустрација, на дневен ред се нашле поранешен директор, поранешен министер, актуелен судија кој имал решение за несоработка, и поранешен директор на јавно претпријатие.

Поголема мистерија е зошто Комисијата за лустрација упорно продолжува да лустрира поранешни функционери, а не ги подложува на проверка сегашните, кои имаат реална можност и позиција да продолжат да ги кршат човековите права, а сега спокојно уживаат во лустрацискиот сеир.
Уште поголема мистерија е сериското производство на “соработници” од идеолошки и политички причини без елементарни документи: без досие на соработник, предлог за ангажирање на соработник, предлог за дерегистрација од активна соработничка мрежа на соработник, итн.
Врвна мистерија е од каде и кога се појавуваат “релевантните” делови од досиејата, кој ги одредува приоритетите за лустрација, и дали нашиве “пишман аџии” ќе продолжат со селективно лустрирање функционери на кои претходно им издадоа “тапија” дека не биле “кодоши”.

Апсолутна мистерија е како гласи решението за лустрација на починатиот функционер, како му е врачено, и дали “аџиите” ќе продолжат со морбидната лустрација на мртви функционери, или пак ќе се испишманат.
Еден од креаторите на законот за лустрација не се пишмани во поглед на лустрацијата на “мртвите кодоши”. Парадоксално, тој ги отфрла како неаргументирани тезите дека “лустрацијата ги чисти гробиштата” со следнава гробарска метафора: “Гробиштата расчистуваат со одредени мистерии за човечки судбини”.

После ваквите “лешпертски” аргументи, чаре за мистериите на македонската зомби-лустрација може да бараме само кај Марти Мистерија и Дилан Дог.

Слики: I. Boino