Во својот двор

20.11.2012 16:20
Во својот двор

 „А што има на море?“, прашав за време на ручекот. Тато и мама не го кренаа погледот од чиниите, а дедо и баба луто се погледнаа. Се разбира, куќата во која живеевме беше нивна и нивна беше кујната, нивни беа и масата, чиниите и ручекот. И зборовите. Немаш право на глас кога имаш пет години, и секако не на нивниот ручек. И ти не си таа која би смеела да отвори тема за семеен разговор. Затоа, дедо и баба луто се погледнаа. Зашто ми беа лути. Им беа лути на сите оние кои не ја почитуваа нивната добрина, а уште повеќе нивниот имот, на кој толку добродушно ги трпеа помалку заслужните. 

„Какво море“ рече баба. „Од каде ти текнува тоа? Ќе ти се олади супата. И зошто пак прво ги јадеш резанките, а супата ја пиеш на крајот? Се јадат двете истовремено
. Тоа што заедно се готви, заедно и се јаде“.

„Нема ништо на море“, ја тргна дедо устата од работ на сребрената чинија, од која штотуку ја исрка супата, „ништо што би нè интересирало. Само жештина, солена вода и камења, а тоа го имаме и дома“.

Некое време без зборови само сркавме и гребевме по чиниите.

„Така е“, конечно рече баба. „Никаде не треба да одиш, нè имаш нас дома. Сè имаш во својот двор“.


Превод од словенечки: Драгана Евтимова
Слика: Едгар Дега

Сузана Тратник (1963, Мурска Собота) е писателка, преведувачка, социолог, публицист и лезбејска активистка. Живее во Љубљана. Има напишано четири книги со раскази: „Под нулата“, „Во својот двор“, „Паралели“ и „Она што никогаш не сум го разбирала во возот“. Авторка е на романите „Името ми е Дамјан“ (и на истоимената монодрама) и „Третиот свет“. Во своите дела најчесто се занимава со согледување на светот од детска перспектива и со лезбејското социјално опкружување.

Слични содржини

Квир / Книжевност
Квир / Книжевност
Книжевност
Квир / Книжевност

ОкоБоли главаВицФото