Владеење на циничниот ум

21.11.2012 12:15
Владеење на циничниот ум

Вака „светиот човек“ (пастирот на преродбениците) им објаснува на своите следбеници: „Зло е да се одземаат животите, а благородно е да ги спасуваш. Секој ден се обврзувам да спасам стотина животи. Ја спуштам својата мрежа во езеро и вадам стотина риби. Ги ставам рибите на брегот, а тие се мрдаат и се обидуваат да скокнат. Не страхувајте, им велам на рибите. Ве спасувам од давење. Набрзо рибите стивнуваат и си се сталожуваат. Сепак, секогаш задоцнувам. Рибите умираат. И зашто е зло било што да се фрли, јас ги носам умрените риби во рибарница и ги продавам за добра цена. Со заработените пари купувам уште мрежи, за да спасам уште повеќе риби!“ (Еми Тан, „Да се спаси рибата од давење“)

Зарем може подобро да се опише преродбеничкиот потфат?! Нема да се смират додека сите не нè спасат од давење! Малку доцнат, всушност, оти ние сме веќе мртви, ама барем цвета бизнисот со мрежи!

Надвор од утешните метафори, мое мислење е дека груевизмот многу повеќе наликува на социјална еутаназија отколку на „рецесија на наталитетот“. Всушност, под маската на грубата и глупавата формулација на премиерот токму се одвива, од страна на власта, бавното убивање на десетици илјади македонски граѓани. Сигурно е дека невработеноста и сиромаштијата не ги создаде исклучиво актуелната власт, но сигурно е и тоа дека досега не сме виделе поцинично однесување кон најжестоките (буквално, најубиствените) проблеми на општествово.

Со кризата, невработеноста и здивеаната сиромаштија дојде и порастот на цела низа психосоматски болести, дојде до неухранетост на децата и возрасните и до покус животен век на сиромашните. Се сеќавам како пред пар години еден од режимските идеолози, Мирка Велиновска, ги бранеше вложувањата во мермер и бронза наместо во живи луѓе: живите ионака сè ќе изедат, измочаат и исерат, а мермерот останува да сведочи за вечниот дух на нацијата. Можеби има логика дури и еден толку бескрупулозен став, но, ете, се испостави дека бронзата не успева да породи мали Македонци. Дотолку, живите Македонци, и мали и големи, не само што не сакаат да се пораѓаат во земјата на мермерот и бронзата, туку сакаат да избегаат од тука, сакаат пастирот да го остават сам, среде неговиот мермерно-бронзен етно парк на с(е)ништата.

Ида Протугер некни во „Граѓански“ изнесе дел од новата анализа на Светска банка за Македонија. Во земјава годишно умираат 1350 луѓе поради загадувањето со ситни честички (најмногу е погоден најзагадениот главен град). Загадувањето на воздухот со ситни честички ја чини Македонија 253 милиони евра годишно или 3,2 проценти од БДП за 2011 година. Ако земјава ги намали концентрациите на ситни честички до граничните вредности на ЕУ, годишно би се избегнале над 800 смртни случаи, илјадници денови на загубена продуктивност и здравството би заштедило 151 милиони евра. Власта на Груевски не само што не прави ништо да го намали загадувањето (кон кое и самата значајно придонесува со градењето бесмислени згради и споменици), туку ја укина и интернет страницата која го покажуваше дневното загадување во Скопје. Изложени сме на енормна загаденост, посебно во зимскиот период, но сите како да прифаќаме да мижиме пред злосторствата на власта и да си бамбориме за повесели теми: „болните“ хомосексуалци, неодговорните самци и демонската опозиција што патолошки сака да се добере до власт.

А, велам, груевизмот не ги убива Македонците само со ситни честички. И не се само 1350 луѓе годишно. Прерано умираат мнугубројни социјални случаи, стечајци, родилки, бебиња... Малите Роми масовно дуваат лепак додека пастирот во празно вергла за фиктивните нови дечиња за кои (фиктивно) ќе се грижиме (кога веќе не се грижиме за живите граѓани, мали и големи). Замислете наместо неколкуте стотици милиони евра фрлени во лудилото наречено СК014 парите да беа потрошени во спасување на животите на Македонците и во подигнување на квалитетот на тие животи. Денес ќе беа живи и продуктивни (па и во репродуктивна смисла) барем неколку илјади луѓе.

Еве уште еден свеж пример дека груевизмот спроведува социјална еутаназија: ден-два откако во неделникот „Фокус“ излезе текст во кој со цела низа евидентирани судски докази (од случајот „Метастаза“) се тврди дека во изминативе неколку години од највисоките министерски нивоа на власта се спакувале околу 700 инвалидски пензии за партиски војници - излезе повиканиот министер за труд и социјала, Спиро Ристовски, и рече дека само тој знае, како горд Македонец, како се чувствува македонскиот народ и дека понатаму нема да ги коментира изјавите на европскиот амбасадор. Замислете! На соголени обвинувања за огромна пљачка обвинетиот истренирано реагира со националистичка тирада! Од една страна, власта ја пљачка Македонија до најневеројатни нивоа на перверзност (давање лажни инвалидски пензии на заслужни партиски членови навистина е перверзна операција, освен што е криминална), а од друга страна бесрамно трујат и лажат за светоста на Македонија и Македонците (како пастирот за наталитетот). На документираните забелешки дека власта партиски вработува, уценува, се заканува, власта одговара дека опозицијата само си подготвувала алиби за пораз?!

Интересно е како е заразен цинизмот на груевизмот. Сите оние кои не се толку фанатично и бездушно цинични и загрижени исклучиво само за својот задник испаѓа дека не се баш токму, „не се со сите“. Ја читам некни главната уредничка на „Утрински весник“, Соња Крамарска, и не можам да поверувам во нејзините политички анализи; иако токму нејзиниот весник (а, вистина, беше еден од ретките) објави десетици текстови за аферата на Телекомот тешка околу 5 милиони евра (во САД Маџар Телеком, сопственикот на нашиот Телеком, плати стотина милиони долари казна за подмитувањата на политичари во Црна Гора и Македонија), Крамарска преку ноќ реши дека не ја интересира суштината на таа афера во Македонија, туку дека е разочарана што („некогаш добриот стратег“) Црвенковски во канцеларија не се договорил со Бучковски за „џентлменско ненапаѓање“! „Хистерично и непримерено“ е да се бара политичка и друга одговорност од бившиот моќник, Бучковски, смета Крамарска, оти на тој начин „до јавноста се праќа порака дека партискиот врв (на СДСМ) нема капацитет да прима критики од своите редови“. Притоа, се разбира, по урнекот на недопирливиот пастир, и самиот Бучковски, логично осомничен во врска со аферата (бидејќи тогаш беше премиер), не ја удостојува јавноста со веродостојни фактографски одговори, туку зборува за лошиот и недемократски СДСМ. Не е битно, значи, што моќните прават (крадат, лажат и манипулираат), туку сите ние - така ја разбрав Крамарска - треба да се занимаваме исклучиво со фамозниот ПР (нивни, на моќниците, а богами и сопствен) и со ништо друго!

Да заклучиме: груевизмот (со помош на, меѓу другото, и социјалната еутаназија) наместо демократија воспостави цинична деморализација. Се разбира, со тоа груевизмот не откри никаква топла вода, циничната деморализација е просто рутинска политичка техника (т.е. стратегија, како што би рекла Крамарска), каде што се мешаат наизглед наивните изливи на емоции со најсуровата манипулација.

За да го објасни политичкиот цинизам Славој Жижек зборува за два облика на фетишизам, циничен и фундаменталистички. Фундаменталистот ја игнорира аргументацијата и слепо се држи до својот фетиш; циникот божем ја прифаќа аргументацијата, но ја игнорира нејзината симболичка делотворност. Фундаменталистот божем ја ’знае’ вистината отелотворена во неговиот фетиш. Циникот ја практикува логиката на порекнувањето („Многу добро знам, но...“). Во таа смисла, како што вели Жижек, може да се состави матрица составена од четири позиции (или става спрема идеологијата): либерална, циничко-фетишистичка, фундаменталистичко-фетишистичка, идеолошко-критичка. „Тие го создаваат гримасовскиот семиотички квадрат во кој четири позиции се спротиставени врз две осовини: симптом против фетиш; идентификација против дистанца. И либералната и идеолошко-критичката позиција се движат на симптоматското ниво: првата е уловена во него, втората го поткопува со својата интерпретативна анализа. И популистичко-фетишистичката и циничната позиција се држат до својот фетиш: првата директно, втората со порекнување. И популистичко-фетишистичката и либералната позиција директно се идентификуваат со својата позиција, додека циничката и идеолошко-критичката се дистанцираат.“

Жижек тврди дека циниците не успеваат да ја препознаат симболичката делотворност на илузиите, начинот на кој тие ја регулираат активноста што ја генерира општествената стварност. „Позицијата на цинизмот е онаа на здравиот разум - парадигматски циникот приватно, со сосема доверлив глас, ви вели: ’Но зарем не разбираш? Дека сè се врти околу тоа (парите, сексот, моќта...), дека сите големи принципи и вредности се само празни фрази што не се однесуваат на ништо?’ Во таа смисла, филозофите всушност ’веруваат во моќта на идеите’, тие веруваат дека ’идеите владеат со светот’, а циниците се наполно во право кога ги обвинуваат за тој грев. Она што, меѓутоа, циниците не го согледуваат е нивната сопствена наивност. Филозофите се вистинските реалисти: тие се и тоа колку свесни дека циничната позиција е неможна и неконзистентна, дека циниците всушност ги следат принципите со коишто јавно се подбиваат... Сталин (или Кисинџер) беше еден од најголемите циници - но токму како таков тој искрено верувал во комунизмот.“

Дојдовме до такво дереџе што катастрофалната ситуација веќе не е ни сериозна. Дојдовме до расположението на Австријците, среде Првата светска војна, кога размениле телеграми штабовите на германската и австриската војска. Германците испратиле порака која гласела: „Овде, на нашата страна од фронтот, ситуацијата е сериозна, но не е катастрофална“. На што Австријците одговориле: „Кај нас ситуацијата е катастрофална, но не е сериозна“. Во психоанализата тој став се нарекува „знам многу добро, но... (не верувам навистина во тоа)“. Одбиваме да гледаме и да знаеме. Во мрежите на пастирот мирно си легнуваме и брзо стивнуваме.

Колажи: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото