Молк

21.11.2012 13:40
Молк

Сега работите, барем во однос на однесувањето на министрите, се многу појасни. По гледањето на онаа маратонска, наводно отворена, владина седница барем е јасно зошто на прес-конференциите излегуваат сите заедно. Едноставно, онака зашаметени мора да се придржуваат едни со други, за да не попаѓаат едни врз други. Ништо чудно што онака зашаметени често го губат правецот, па одат на лево наместо по средината или на десно. А најчесто се вртат во круг.

Телевизискиот пренос покажа дека една таква титанска борба на мислења воопшто не е лесно да се издржи. Просто беше трогателно како со громогласната и елоквентна тишина министрите му реплицираа на премиерот. Па потоа ќе се чудиме каде Талат ги научи тие вештини.

До душа, штета е што не научија да бидат толку елоквентни кога даваат изјава за јавност или држат прес-конференции. Но, не може човек секогаш да држи концентрација на толку високо ниво, какво што е потребно да се одмолчи кога премиерот ќе праша: „Кој е против“? Еве, на пример, затоа министерката за полиција, Гордана Јанкуловска, делува толку изгубено, а со години е тука. На истото место, што би се рекло. И затоа на забелешките дека новиот закон за полиција со дозволување на широка употреба на прислушкувањето ги крши човековите права, таа вели дека овие одредби се применети во многу европски земји и ја зема Хрватска за пример. Уште Србија да ја споменеше. Во овие земји, имено, во тек е голема чистка во полицискиот врв токму поради преширокото прислушкување.

Добро, на различни луѓе различно им влијае идентитетската министерска криза. Во таа смисла, министерот Тодоров, човекот што го промовираше Ај Кју-то во државната администрација, му делува на видот. Единствено тој не го виде она што сите го видоа - како лекарите штрајкуваат. Очекувам дека во следниот конкурс за советници, првото барање ќе биде кандидатите да имаат одличен вид. Тие ќе гледаат, а тој како министер ќе пресекува.

Токму од овие причини очекував дека наместо марш на толеранција и марш на колички, ќе се организира марш на министри. Време е и некоја невладина организација да се позанимава со работничките права на министрите. Не само што, наспроти сите позитивни акти, работат прекувремено, без надомест, туку работните услови и работните задачи, очигледно им штетат на здравјето. Можеби би било подобро, наместо марш, да протестираат пред зградата на Владата. Онака, со молчење. Бидејќи, како што покажува искуството (вклучувајќи го и нивното), молчењето во оваа држава е многу поефикасно од зборувањето. Еве, вработените ОХИС, зборат ли зборат, па ништо. Министрите молчат.

Инаку, со оглед на социјалната сензитивност на Владата, убеден сум дека ќе им излезе во пресрет на барањата на министрите. За почеток, нека бараат бенифицаран стаж. И веднаш нека заминат во пензија. Со оглед на сите привилегии што Владата ги обезбеди за пензионерите, тоа за нив би било најдобро. А и за нас. Два пати неделно бесплатно ќе се возат во јавниот превоз, а, со оглед на нарушеното здравје, добро ќе им дојде и бесплатното бањско лекување. Што се однесува до мене, јас би одредил и доживотна бесплатна здравствена заштита по учинок за министерот Тодоров. Да ужива во плодовите на своите реформи.

Што се однесува до маршовите што викендов се одржаа во Скопје, мене ми беше многу поинтересен оној за здраво, многудетно семејство. Колку што сфатив, пораката на маршот е дека во Македонија има премногу толеранција и дека е време да фатиме да склопуваме бракови (белким така ќе се нивелира суфицитот на толеранцијата) и создаваме здрави семејства. Добро, можеби не сфатив најдобро, зашто никој всушност и не знаеше да каже за што точно протестира и што му е скратено. Или, можеби, молчеа по примерот на министрите. Лично мислев дека со конкретен пример ќе покажат како се создава многудетно здраво семејство, ама, за жал, изгледа дека моите очекувања беа превисоки. Освен, ако под здраво семејство не се подразбира да извадиш еден куп деца да промрзнат на плоштадот, па утредента да го тренираш учинокот на лекарите на Тодоров. Не знаев, значи, дека здраво семејство се формира со експлицитен сексуален чин директно во здрав мозок.

Има тоа и свои луцидни резултати. На пример, да се прави аеродром на вода на Охридското езеро. Идејата не е толку глупава како што изгледа на прв поглед. Таа е уште поглупава, така што има сериозни шанси да се спроведе во дело. Кога малку подобро ќе размислам, веројатно и досега ќе се реализираше, ако се најдеше начин како на езерото да се пресече лента и да се фрли камен-темелник. Се разгледува варијантата, премиерот со ножиците и лопатата да скокне со падобран од авион, ама, како што разбираме, владиниот ПР жестоко се спротивставил, зашто премиерот така ќе изгледа како паднат со падобран. Инаку, локацијата не е спорна - Заливот на коските е како создаден за една ваква примена. Плус инфраструктурата, односно оние наколните колиби, му е многу посовремена од инфраструктурата на Охридскиот аеродром.

Со вакви генијални идеи не ни останува ништо друго туку да занемиме. Што би се рекло, да одмолчиме. Една минута, во наша слава.

Извор: Глобус
Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото