1009 hPa
48 %
17 °C
Скопје - Саб, 14.03.2026 12:59

Првите автомобили со мотор со внатрешно согорување достигнаа помалку или повеќе иста брзина како и добриот коњ. Парната локомотива беше нешто побрза. Денес читаме дека е конструирано возило кое ја пробило звучната бариера. (Поради што? Не се знае; зашто, пресметано е дека просечната брзина на автомобилот во Лондон за време на најголемиот метеж е иста како во времето на кралицата Викторија, кога постоеле само коли со коњска запрега и кочии.) Од почетокот на човештвото до средината на XIX век брзината на патувањето останала непроменета, се зголемува дури кон крајот на векот, за да се стигне до она до кое денес се стигна.
Слични забрзувања гледаме во различни области на цивилизацијата. Следиме - навистина почесто вознемирени отколку возбудени - различни криви линии на раст, од кои некои се толкувања, во различни области од животот: жителите на земјата, количината на штетни производи ов воздухот и водата, престапништвото (со користење насилство или без него), брзината на движењето, производството на книги, списанија, филмови, бројот на телевизиски канали, огромните метрополи, џиновските универзитетикои ја оневозможуваат администрацијата, гигантските аеродроми, така што со страв размислуваме за иднината. Екстраполациите се, нормално, лесни, но бескорисни, затоа што сме свесни дека тие криви линии не можат да растат бесконечно; можат, да речеме, да преминат во криво S или катастрофално да се скршат. Всушност, не знаеме која од тие две можности е поверојатна; во секој случај, прогнозите на демографите и хемичарите не се утешни.
Еве едноставен пример: да замислиме дека еден ден населението на Кина и Индија ќе го достигне истиот животен стандард кој го достигна Западна Европа, и истите граѓански слободи. Секој жител на тие две земји, (денес ги има околу две милијарди), може да посака барем еднаш да ја посети Англија, што не е никаква екстравагантна желба. За да се оствари тоа, мораме да замислиме колку аеродроми со големина на Хитроу треба да се изградат. Тие аеродроми нема да се изградат, затоа што не може; според тоа, соништата на Кинезите и Хиндусите ќе останат неостварени.
Бертранд Расел во една прилика вели дека неговите деца се родени во XX век и дека поради тоа никогаш нема да спознаат што е среќа. На оваа забелешка имаме желба да одговориме дека „среќа“ можеби е добар збор за опис на животот на високата аристократија во викторијанска Англија, но се сомневаме дека сиромашните слоеви го споменуваат тоа време со иста носталгија. Ваквиот одговор може да изгледа природен, дури банален, но не сосема убедлив. Со сигурност, ниту среќата ниту страдањето не можат да се мерат квантитативно - и сеедно е дали среќата ја сфаќаме како позитивна соостојба на духот или како што тоа го прави Шопенхауер - како отсуство на страдање.

Краткиот поглед на векот кој штотуку завршува не му кажува на здравиот разум дека глобалната маса на страдање се смалила во споредба со минатиот век, дури и ако го земеме предвид она што медицинските науки го направија за ублажување на физичката болка. Без колебање може да кажеме дека ниеден век до сега не видел толку луѓе кои настрадале во масакри - не само во апсолутни, туку и во релативни броеви: луѓе кои се усмртени од војските во две светски војни и стотина помали, во логорите на смртта или за време на голем глад. Геноцидите не се пронајдок на нашиот век, но, тој го измисли зборот, односно дојде до напредок во областа на техниката на усмртување. За колежите од големи размери не мораат да се користат средства како гасни комори или вештачки предизвикан глад, доволни се примитивни инструменти, како мачетите во Африка. Уметноста на мачење и понатаму цвета, за што сведочат извештаите од концентрационите лгоори или затворите во Кина. Зошто мојата рефлексија ја започнав со размислувања за зголемената брзина на патувањето? Смееме да заклучиме дека тој напредок спаѓа во решавачките околности кои доведоа до промена на современите општества и менталитети; исто така, придонесе за исчезнување на „заедницата“ која денес сите ја оплакуваат, исчезнување, на кое не без причина му се припишуваат разни катастрофи на нашата цивилизација, како и епитети достојни за пофалба. Забележуваме дека овие ламенти траат повеќе од две илјади години и започнаа во време кога жителите од најразвиените региони во светот се преселуваат со иста брзина како и нивните неолитски предци. Последните децении ги збогатија овие ламенти со новиот збор communautarisme, кој не е ништо друго туку општ назив за истите жалења, при што наставката „изам“ магловито (и погрешно) сугерира дека оние што го користат зборот знаат што треба да се направи за да се вратат назад и повторно да ја создадат убавината од историското минато. Тие жалења се разбирливи и многу добро втемелени, но загубата изгледа неизлечива.
Познати ни се anti-science-fictions, чии творци сонуваат за враќање на простиот живот пред електричната енергија (сектата Амиши во Пенсилванија, радикална струја на холандските менонити, кои живеат без трактори и автомобили, ја обработуваат земјата рачно и живеат сосема подносливо, макар што може да се претпостави дека ментално застанале во XVII век). Да се сетиме на прекрасните филмови на Жак Тати во кои тој се потсмева на напредокот; во еден од нив, прикажани се доживувањата на еден поштар, кому му е објаснето дека треба да го имитира достигнувањето на Американците и тој неуморно го вози својот велосипед, повторувајќи енергично: „rapidité, rapidité“!
Токму брзината, како што ни се чини, го упропасти митскиот, сакрален простор, вклопувајќи го во рационалните структури: без тој простор вселената не може да им ја открие на луѓето својата скриена смисла - вели Мирча Елијаде. Ние повеќе живееме во картезијански простор, моето село повеќе не е центар на светот. Благодарение на митолошкиот простор законите и фундаменталните норми на животот се перцепирани како закони на самото битисување, а не како нешто што луѓето го создале произволно. Го изгубивме и тоа уверување во природниот закон (или го уништивме). Впрочем, го изгубивме значително порано, пред техничкиот напредок да ни ја подари вртоглавата бзина, со која се гордееме. Посветеноста ја уништи таа вера, а со тоа и основите на нашата морална сигурност, а набрзо и сигурноста на сознанието; и едното и другото се подриени од скептичкиот рационализам.

Според тоа, треба ли да се осудува Просветителството? Многумина денес го прават тоа, пред сè, иако не исклучиво, од христијанска перспектива (Ерик Фогелин е најпознат меѓу тие критичари, најрадикален и најнемилосрден). Од таа перспектива Просветителството во основа се дефинира низ непријателскиот однос кон христијанската традиција. Како што велат непријателите: тоа е идолопоклонички, полугностички проект за самоспасување на човекот во светот; незамислив е каков било договор помеѓу Просветителството и христијанството. Просветителството, издигнувајќи го човекот на ниво на потенцијален семоќен творец, истиот го деградираше на ниво на животно; затоа што разликувањето на доброто и злото е заменето со критериумите на утилитарноста. Фундаменталните врски, кои ја зацврстуваа човековата заедница - семејството и религијата - се исмеани и насилно раскинати.
Кратко кажано, Просветителството е голема катастрофа на културата. Човековото постоење е сведено на чисто природни одредници, а со тоа човечките суштества станаа заменливи како цигли во ѕид: на крајот на краиштата, така се поставени темелите на тоталитаризмот на XX век.
Иако обичајот да се бараат во Просветителството изворите на сите ужаси и несреќи во нашиот век е прилично раширен, не стекна монопол, дури ни во христијанската литература. Често се истакнува дека идеите водилки на Просветителството, иако изнесени во нехристијански или антихристијански контекст, историски имаат христијанско потекло. Тука спаѓа идејата за правата на човекот и еднаквоста на половите; меѓутоа, тешко е да се пронајдат такви корени во идејата за религиозна слобода или или слобода на говорот. Конфронтирањето на тие две традиции, кое не е ниту пријателско ниту непријателско, наведува на мислење дека римската црква во прилична мера ја отфрлила традицијата, која главен непријател гледа во либерализмот.
Дали е навистина така? Сигурно не е, дури и ако постои добра волја за тоа, која често ја нема. Ако дефиницијата на Просветителството ја сведеме на кантовскиот минимум, на навидум невиниот слоган saperе audе, наидуваме на јадрото на еден траен и неразрешлив судир. Овој слоган, ако се држиме доследно до него, не само што претпоставува дека разумот има право да продре секаде каде што сака, туку и да има монопол на одлучување за правосилноста на сите прашања и сите одговори кои можат да се појават во нашите мисли, како и дека критериумите за правосилност се утврдени во однос на корпусот на учењето, кој постои во дадениот момент.

Вистина е дека оваа сциентистичка (бидејќи не може да се нарече научна) доктрина беше неопходна за процут на научното знаење во минатиот век, но и дека најочигледно беше против христијанството, против секоја религија, со оглед на тоа дека религијата во сите своите варијанти својата сила и правосилност ги црпи од наследената традиција на откривање на божјото. Бидејќи, не постои ништо како рационална религија, а ако постои, да речеме, рационалистичка религија, тогаш тоа е токму Просветителството.
Мислам дека таканаречената секуларизација или ширењето рамнодушност кон верата, не може да се протолкува како судир на содржината на науката и содржината на верата. Таквите судири, по кои црквата денес жали, се појавуваа во минатото; меѓутоа, барем во повеќето случаи, не сме умови кои во начинот на мислење се придржуваат до правилата на сциентизмот; суеверни сме, разни апсурдни верувања или дури и многу опасни без каква било ограда се шират во светот, вклучително и меѓу образованите. Од друга страна, читаме бројни книги напишани од научници, вистински физичари, кои ни објаснуваат дека современата физика и космологијата не само што не го уриваат Бога туку даваат аргументи во Негова корист. Во таа рамнодушност, по сè изгледа, станува збор за нешто поедноставно. Се промени хиерархиската потреба и сатисфакција. Науките ни пружаат допирливи, мерливи добра, додека верата ни дава духовни добра, кои се невидливи - верба во животот, сигурност, уверување дека сме под заштита на Провидението; макар што не прави да бидеме подобро снабдени со земски добра. Таквата духовна мутација со себе сигурно повлекува и одредена цена, која сме подготвени да ја платиме.
Според тоа, гледаме дека Просветителството се свртува против самото себе. Ретроспективно, тоа самоубиствено дрвижење може да го следиме некаде од XVIII век, односно од Дејвид Хјум: правилата на емпиризмот кои ги изложи на крајот станаа основа на епистемолошкиот нихилизам, кој нема никакви причини да го брани поимот вистина во традиционална смисла. Ако практичните причини исклучиво ни дозволуваат да донесуваме судови за светот кои излегуваат од рамките на поединечните прецепции, идејата за вистината не служи за ништо; критеруимите на утилитаризмот подеднакво ѝ одговараат на науката како и на секојдневниот живот. Просветителството исто така беше одважно и неумоливо тежнеење кон вистината - вистина до крај, онака како што сакаше истиот Дејвид Хјум - вистина која е спротивставувана на религиозното суеверие, христијанските митови, традицијата или историјата како извори на сигурност. Гледаме дека таа борба за вистината во лаичката култура сепак дојде во културен ќорсокак, во кој треба да се спротивставиме, макар што со празни раце, на новата ситуација: отсуство на вистината, нејзина деградација, прагматистичките правци, старите заблуди. Истата таа филозофија која ја усмртуваше вистината, прокламира неограничена толеранција кон секој вид „јазички игри“ (или мислења, верувања, доктрини), кои на луѓето им се чинат корисни. Резултатот може да го прочитаме во изјавата на Карл Краус: сè е вистина и обратно.
Слики: Bob Orsillo