1022 hPa
81 %
9 °C
Скопје - Пон, 02.12.2024 11:59
1. Израел е принуден да ракетира за да ги заштити своите граѓани
Си Ен Ен и другите медиумски куќи во Америка уредно ги започнуваат своите извештаи за последниот круг насилства насилства во Газа со настанот од 10 ноември, кога четири израелски војници беа ранети од палестински оган. Потоа израелските одбранбени сили одговорија со убивање на неколку Палестинци. Но, само два дена претходно, убиен е еден 13-годишен Палестинец во израелски воен упад во Газа, а да не ги споменуваме претходните смртни случаи на палестинска страна. Пристрасноста во известувањето, да се потсетиме, особено беше нападна во 2008/2009, кога големиот израелски напад на Газа (во кој беа убиени најмалку 1.400 Палестинци) беше претставен како одбранбен, со само попатна информација дека токму Израел беше тој кој го прекрши договорот за прекин на огнот. Зарем Палестинците немаат право на самоодбрана? И ако неселективното палестинско бомбардирање не е прифатлив одговор на израелското насилство (а не е), тогаш зошто неселективните израелски напади во Газа би биле прифатливи? И зошто секаде упорно се премолчува пошириокиот контекст на целата приказна, а тоа е дека Газа е под израелска блокада и воена контрола?
2. Израел се обидува да ги избегне цивилните жртви
Ех, ова е веќе потешка задача за манипулативната медиумска машинерија, особено кога израелски функционери изјавуваат дека „целта на операцијата е да се врати Газа во средниот век“, како што изјави израелскиот министер за внатрешни работи. Или кога, на пример, Гилад Шарон, син на поранешниот израелски премиер Ариел Шарон, вели: „мора да ги срамниме со земја сите квартови во Газа“. Ако мислите дека станува збор само за реторика, тогаш сетете се на судирите од 2008/2009. Не беа само организациите за заштита на човековите права тие кои изнесоа докази во јавноста за израелските воени злосторства, туку и самите израелски војници на кои совеста не им даваше да молчат за извршените злосторства.
Ако и понатаму не можете да донесете одлука околу тоа кој ја зборува вистината, само запрашајте се: како тоа Хамас успеа да убие само тројца луѓе во Израел и покрај илјадниците „неселективно“ истрелани ракети, додека Израел уби повеќе стотици и покрај тоа што поседува софистицирано прецизно оружје со кое може да се избегнат цивилните жртви? За илустрација, само во вчерашните напади Израел уби повеќе цивили во Палестина отколку што има загинати Израелци за три години, колку што траат судирите.
3. Ова е прашање на безбедност
Ако израелската главна цел навистина беше да заврши ракетирањето од појасот Газа, сè што требаше да направи е да го прифати примирјето кое го нудеа Палестинците пред атентатот на водачот на Хамас, Ахмед Џабари. И ако целта на блокадата на Газа е само да се спречи увозот на оружје, тогаш зошто е блокиран и извозот од Газа? Зошто се ограничени прехранбените артикли? Вистината е дека овде не станува збор за безбедност, туку за казнување на населението на Газа поради нивниот политички избор на Хамас. Кога Гилад Шарон предложи десеткување на Газа, се правдаше со тврдењето дека жителите на Газа не се невини затоа што го избрале Хамас. Според истата логика се водат и терористите кога напаѓаат цивили поради демократијата. Дали според тоа и израелските цивили се легитимна воена цел, затоа што ги избрале десно ориентираните водачи кои извршиле злосторство врз Палестинците? Нормално дека не се, и само пореметен ум може да мисли дека тој принцип може да се примени врз палестинските цивили.
4. Хамас е проблем
Секогаш кога ќе слушнете дека Израел го сервира Хамас како виновник за насилството во Газа, мора да помислите на две работи. Како прво, Хамас не само што покажа подготвеност за примирје со Израел ако се престане со ракетирањето на Газа, туку предложи (иако со мешани сигнали) решение со две држави (во границите од 1967). А како второ, и уште поважно, Хамас не беше на власт сè до 2006/2007, односно од периодот 1993-2006, значи 13 години Израел имаше шанса да воспостави мир со многу поумерена палестинска власт, која го призна Израел и се откажа од насилството. И што направи Израел? Дали воспостави мир? Или продолжи со окупација на палестинската земја и узурпирање на палестинските ресурси? Одговорот е во последното прашање, а неможноста да се заштитат палестинските права со преговори и соработка доведе до зајакнување на Хамас и другите екстремисти. Вистината овде е сосема спротивна: израелското кршење на палестинските права ги засили екстремистите и ги доведе на власт.
5. Постои воено решение на овој судир
Ова не е прв, а веројатно ниту последен пат Израел да започне воена акција за да ги принуди своите противници да се предадат. И дали тоа доведе поблиску до завршување на судирот? Како што гледаме, не. По судирот од 2009 Хамас остана на власт и поседува илјадници ракети. Израелската воена надмоќ, која навистина е импресивна и тоа благодарение на 30 милијарди долари американска воена помош во оваа деценија, не е посилна од волјата на Палестинците да живеат достоинствено. Начинот на кој може да заврши ракетираењето во краток рок е согласување на примирје и завршување на блокадата на Газа. А долгорочното решение е крај на израелската илегална окупација на палестинската земја и овозможување на Палестинците да го остварат своето право на самоопределување. Веројатно сме блиску до договор за прекин на огнот со кој ќе биде завршен и овој круг насилства. Но, вистински предизвик е да се стави крај на израелската окупација и да се воспостави долгорочен мир и безбедност и за Палестинците и за Израелците.
Авторот е активист за човекови права
Извор: huffingtonpost.com