Големиот молк

22.11.2012 13:47
Големиот молк

Молчеше и кога му ја отсекоа раката, ја кренаа секирата високо над неговата глава и слободно ја пуштија да падне врз зглобот од неговата лева рака. Крв шибна од пресеченото место, а отворената дланка падна на земја. Тој цело време молчеше, и пред тоа и после тоа. Гледаше неодредено пред себе, одвреме навреме ќе се загледаше и во очите на некој од зачудените, длабоко во неговите очи, но кратко, како да го прашува нешто, и по неколкуминутниот нем дијалог ќе ја завртеше главата загледувајќи се пред себе како претходно.

Молчеше постојано, се разбира не беше нем, некогаш и зборуваше. На пример, се расправаше еднаш за надоаѓањето на градската река. Во советот на општината дискутираа како да се заштитат посевите и куќите кои беа во опасност да настрадаат, а тој тогаш отвори уста и рече:

- Да ги отвориме каналите кај овоштарниците, на тој начин дел од водата ќе се пренасочи и надоаѓањето ќе биде помало – им рече на насобраните и неговиот нечуен глас одекна во просторијата.

На реченото се спротивставија сопствениците на овоштарниците, а на тоа тој повторно ништо не рече.
Еднаш дојдоа куќата да му ја одземат зашто не плаќал данок 20 години. Ништо не рече ни на тоа. Големиот молк не го нарушија ни оние кои сакаа да го сторат бездомник. 

Куќата си ја врати, победи на судското рочиште против државата, па доби и своја отштета, но ни знак на радост не излезе од неговата уста. Молчеше како да не разбира, како да е мутав. Адвокатот се запраша да не ги изгубил разумот и нервите за време на судскиот процес, но доби одговор кога го фати неговиот поглед. Неговите очи гледаа бистро и недвосмислено, немаше сомнеж дека сé е во ред со неговата глава.

Молчеше низ многуте денови кои поминаа низ неговиот живот. Молчеше и кога сите зборуваа и кога сите молчеа. Но мошне лесно се разбираше со луѓето, погледот преточуваше безброј зборови и реченици кои луѓето без проблем ги читаа и не му замеруваа, го прифаќаа, им беше пријатен и го сакаа во свое друштво. Тој молчеше и таму, а кога ќе се кажеше нешто смешно и забавно, неговата тивка неприметлива насмевка ќе заискреше од темниот агол.

Еднаш, многу одамна, уште пред да се осуди себеси на молк, беше во искушение да каже нешто. Неколку месеци претходно властите им забранија на луѓето во градот да се користат со мостовите кои ги поврзуваа со соседните градови. Причината никој не ја знаеше. Не им веруваа на лагите дека станува збор за чума која несопирливо се шири во другите градови и го коси народот. Оваа мерка на забрана ќе ги одвои од светот, ќе ги изолира, ќе ги осами и ќе им ги одземе контактите со роднините. Освен тоа, ќе ги остави и без потребната трговија меѓу градовите, наскоро нема да имаат од каде да набават масло, сол, лекови и други набавки.

Тензијата постепено растеше во градот и луѓето стануваа сè понетрпеливи. Почнаа со мирни протести кои ги спроведуваа до излезот од градот каде вооружени лица ги чекаа и ги враќаа дома. Но неколку дена по ред протестите се задржаа во центарот. Незадоволството на граѓаните почна да се собира меѓу нив, да расте и да зоврива како заканувачка лава. Се бунтуваа и бараа да го ослободат градот од самоизолација и да ги тргнат заштитните рампи. Бидејќи никој не ги слушаше и не им излегуваше во пресрет прво почнаа со безопасни напади на цртање графити по општинските ѕидови и кршење на уличните знаци, но работите ескалираа.

Една вечер, немајќи повеќе како да го срушат ѕидот од милитаристи на излезот од градот, тие прибегнаа кон рушење на општинските ѕидови. Гневната, зовриена толпа не можеше веќе да издржи да не биде слушната. Народот таа вечер се собра на плоштадот, но протестот не беше доволен. Во извиците, кои стануваа сè погласни, нивната агресија растеше. Толпата се навали врз оградата од советодавната куќа и натежна. Оградата пукна и во тој момент лавата од луѓе се истури во дворот рушејќи сè пред себе. Не можеше да биде спречена да влезе во зградата и да ги вандализира и уништува градските простории.

Но не успеаа да дојдат до оние по кои извикуваа. Наскоро потоа ѕидот од милитаристи се појави низ улиците меѓу разгневената маса која го уништуваше градот и со жесток удар ја задуши. Отворија оган кон оние што влегуваа во објектот, а по уличните демонстранти удираа со пендреци и со оружјето. Им ги кршеа рацете и нозете на 20-годишници кои веруваа дека протестот е за слобода. Фрлаа димни бомби во кои се гушеа бунтовниците и го фаќаа секој кој ќе се обидеше да избега од масакрот.

Сево ова молчаливецот го гледаше отстрана, од блискиот рид кој се издигаше над градот. Не пропушти ни минута од болната, крвава ноќ која како да траеше нелогично долго. Немаше потреба да додаде ни збор на тој колеж во неговото родно место, но кога пред негови очи претепаа до смрт дете кое едвај наполнило 18 години, му надојде нагон да ја разбие тишината со два извици.

И покрај тоа продолжи да молчи, не му се предаде на нагонот и го сочува разумот. Трпеливо продолжи да гледа пред себе и знаеше дека со ништо не може да помогне.

Од друга страна, си помисли, можеби со молкот и со воздржаното посматрање ќе ја победи сегашноста, можеби тишината ќе ја проголта ситуацијата и ќе ја зачува, ќе ја овековечи, ќе ја запечати и ќе ја запамети, онака како што историјата ја памети за никогаш повеќе да не се повтори.

Слики: John Kenn

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото