Женска памет

22.11.2012 15:46
Женска памет

Дека го потценуваат „каквиот-таков" народ сегашниве властодршци покажаа многупати, и не престануваат. Примери има многу, некои со денови се прераскажуваат. Но, не беше секогаш забавно и смешно. Луѓето се мајтапеа, ама и не им беше право. Како кога слушаш виц на своја сметка, а го раскажува шефот и треба да ти е смешно, уште и поучно, или барем да покажеш интерес. „Осмели се, оплоди се, роди здраво дете, биди креативен, оди на плажа, врти се во круг, не абортирај, купи куќа - купи стан, засади дрво, оди на бања, вози се во вторник и петок, стани бизнисмен, уживај во музичка фонтана, посвои си дете по електронски пат, роди си трето и четврто за пари, тестирај се за МЕНСА... Голема забава за безнадежниот народ, ако сте го гледале култниот филм „Коњите ги убиваат, зар не“ на Сидни Полак, атмосферата е тука некаде. Сигурно си мислат, и така нема ништо поинтересно со што би го отепале времето, па ајде малку да го залажеме, каквиот - таков народ. Ама се заборавија. И се преценија, во мајтапењето и потценувањето на луѓето.

Но, тоа и не е најстрашното. Уште пострашно е тоа како ние почнавме да се однесуваме со мајтапењето и како сè уште реагираме на „предизвиците“. Како да почнавме и самите да веруваме во тоа дека сме „каков-таков, и никаков“ народ, па продолжуваме во истата, исцртана насока! Тоа е она од што треба најмногу да се плашиме. Наместо да си гледаме работа, да ги игнорираме насилниците и да покажеме непослушност, почнавме да се забораваме во расправиите со Министерот(ите) и претставниците на власта. Како божем ги напаѓаме, а никако да престанеме да им поставуваме прашања, те што и како мислеле, кога кажале што кажале, те ајде да се (до)објасниме и да ги разјасниме нивните „остроумни“ идеи и тези за нашите животи, за тоа што и како треба да мислиме, работиме, чувствуваме, за „ветрот и маглата“ на нашите денови! Тоа ли почнавме да правиме? Не дозволувајќи им да слезат од порталите и медиумите, им дозволивме да станат центарот на нашето целосно внимание и животи.

Знаете ли каде се сопна Ромни, на изборите во Америка? Некои велат на гласовите на латино-американците, кои гласале за Обама. Но, анализите покажаа дека всушност претегнале жените, хомосексуалците, и етничките малцинства. Кога ќе видиш, сè некои маргиналци, чудни и „нездрави“ луѓе, ама со право на глас. Си бркале работа и чекале, и го дочекале својот момент. Не заборавиле да си го искористат моќното право, на глас. Знам дека ние не сме Америка, и не можеме со нив да се споредуваме. Но, некои лекции можеме да поднаучиме.

Изгледа дека американсите жени не биле премногу среќни со изјавата на републиканците дека детето е „божји дар“ дури и кога жената е силувана. Значи ли тоа дека господ го одобрува и актот на силување, само затоа што во него се создава „божјиот дар“, прашале жените? И најголемиот број не биле задоволни со одговорот дека „детето е секогаш божји дар“ и дека ни во тој случај, наводно господ, не го одобрува женското право на избор. И таквиот одговор не го заборавиле, кога дошло време да го дадат својот глас.

Но, Груевски не е Ромни, и затоа е толку храбар, и толку отворено бесрамен, кога зборува за жените, и женските „таму некакви“ права. Тој многу полесно од Ромни, отворено и без никакви последици, ќе ја потцени и омаловажи жената и другите маргинализирани групи, само затоа што е убеден дека така може, и треба. И затоа што никој не смее и нема да му каже дека, тоа така не може. И на тоа ќе се лизне, и повеќе и потешко, од далеку попретпазливиот Ромни.

Изолиран од вистинските проблеми на луѓето, Премиерот дури нема ни потреба, на пример, да се бави со некакви таму податоци и аргументи за вистинските состојби во земјата и нивното унапредување. Наместо тоа, тој ќе направи цела претстава, ќе ја отвори и глорифицира темата, ќе ги запали божем црвените светла, и во нему својствен стил, од малото прозорче на сопствениот светоглед, ќе почне самозадоволно да популаризира и импровизира, не сфаќајќи дека ваквиот таквиот народ не е бескрајно повторување на самиот себе и дека сепак нешто учи и се менува.

Сигурна сум, на пример, дека тој воопшто не ја искалкулирал бројката на жени во Македонија, која, според Заводот за статистика од 2011, на возраст од 18 до 70 години се искачува дури до 727.731. Проста математика е доволна да покаже дека дури кога и 40% од нив би одлучиле да не излезат на избори, сеуште би останале 436.638 активни женски гласачи. Да претпоставиме дека половината од нив се неинформирани, изманипулирани, или недоволно свесни за своите права, моќ и влијание, но и натаму остануваат 218.319. Од нив нека се и 50% веќе партиски определени, или притиснати, повторно најмалку 109.159 ќе умеат да проценат дека не сакаат каков-таков живот и заслужуваат многу подобро од тоа. А тие не се сами, живеат со своите партнери, сопрузи, деца, браќа, татковци, дедовци, кои можеби затоа што се грижливи, или се можеби сеуште неопределени, ќе решат да се солидаризираат со своите блиски и сакани, жени. И тогаш бројката станува многу посериозна. Истата математика се разбира може да се направи и со сите останати ранливи и крајно обесправени групи во Македонија.

Но, Премиерот и неговата свита не можат да го видат ова. Тие не гледаат во човекот, уште помалку во жената-човек кога зборуваат за идентитетот, наталитетот, патриотизмот и другите „големи теми“. Затоа никогаш и не научиле да го зборуваат јазикот на основните човекови потреби и права. И затоа не разбираат дека интересот на македонската жена не може да се сведе на шарена лага, марш на животот, сликање пред музичка фонтана или еднодневен излет со сендвич. Нејзините потреби се прагматични, рационални, длабоко животни, и не толку „типично“ женски, како што мисли Премиерот.

Македонската жена, никогаш помалку од денес, не сакала да седи дома. Да го гледа својот сопруг без работа или своите деца безидејни и безперспективни зошто немаат никаков ангажман и реални шанси на успех, и зошто никому не му е грижа што ќе биде утре со нив. Уште помалку сака да се грижи за децата на своите деца, иако храбро се носи и со тоа. Таа не сака да ја гледа сликата на сопствениот дом како пропаѓа, кога не може да поправи ништо. Дури ни нејзината традиционална улога на помошник, згрижувач и заштитник, од која најтешко би се откажала затоа што сè уште мисли дека е предодредена за тоа, и дека никој не може да ја замени, веќе не ја задоволува и не ја прави среќна. Зашто ни тука нема резултати, ни во тоа веќе не е добра. Затоа жената во Македонија сака да излезе од дома. Сака да работи и да заработи. Сака да придонесува, зашто верува дека само така ќе учествува во менување на работите на подобро. Таа сака да вложува и тоа не само во своето семејство, туку и во заедницата, зошто само ТАА ЗНАЕ како и колку тоа еден ден ќе се исплати и ќе им се врати на сите. Конечно, жената во Македонија сака да напредува и да биде наградена, сака помош во домот, подобра распределба на работата, подобра грижа за децата, исти права на работното место, сака да ја гледаат низ партнерство, а не низ нејзината сексуалност и лажна сентименталносг. Сака да решава дали и кога ќе има деца, со кого и каква заедница ќе формира. Или ќе одлучи да продолжи сама. И од тоа нема да се откаже, зашто почнува да верува дека тоа ѝ припаѓа, како право. Не таму некакво, туку нејзино лично и неотуѓиво.

Сето тоа оваа влада не го гледа. Дали доволно за тоа знаат нејзините, инаку жестоки политички опонентни? Не верувам. Но, време е луѓето кои толку сакаат да го преземат кормилото во свои раце, да започнат да учат и да научат како се креираат услови и како се одговара на вистинските животни предизвици на жената и човекот денес, во Македонија.

Слики: Свирачиња

Извор: Глобус

ОкоБоли главаВицФото