Законот на одмаздата

24.11.2012 11:56
Законот на одмаздата

Кој прв почна овој пат? Хамас исфрла ракети кон Израел. Израел го бомбардира појасот Газа. Во првите неколку дена на борбите исфрлени се 350 ракети и изведени се 600 воздушни напади – тоа е војна. Повторно изби војната, а никогаш не ни престана да рие под површината. Ударите и противударите ја одржуваат во живот. Државите апелираат, Англија предупредува, Обединетите нации бараат, Гвидо Вестервеле моли.

Но, законот на одмаздата не знае за крај. Оваа војна ќе заврши тогаш кога нејзините учесници ќе изгубат желба да ја водат. А моментално, изгледите за нешто такво се многу мали.

Зошто Ирзаел токму сега го уби шефот на воените операции на Хамас, Ахмед ал-Џабари? Изборите во Америка се готови, а во Изреал се во фаза на подготовки. Бенјамин Нетанјаху упорно заговара голем напад на Иран, но Америка не го поддржува во таа намера. Наместо тоа, тој води мала војна против Хамас. Ова е војна-замена. Војна со одредена функција.

До неодамна, ситуацијата не беше најповолна за премиерот Бенјамин Нетанјаху и неговиот коалициски партнер, министерот за одбрана, Јехуд Барак. Повторно се на сите вести, како господари на војната. Минатата година стотици илјади Изреалци излегоа на улиците да протестираат против економската и социјалната политика на Нетанјаху. Ова беше настан без преседан во историјата на Израел. Но, кога се води војна, народот се собира, редовите се збиваат. Опозицијата мора да молчи.

„Тел Авив е како Берлин“, тврди Bild am Sonntag, покрај коментарот дека ракетите на Хамас имаат поголем домет отколку порано. „Иста мода, музика, исти желби и вредности како во Берлин“. Стварно? Во некои делови на Израел жените погрдно се нарекуваат курви ако седат во предниот дел на автобусот заедно со мажите, а некои се спремни да ги навредуваат девојчињата што носат погрешна облека.

Исламските фундаменталисти го предупредуваат Израел, но тој има свои фундаменталисти. Се викаат ултраортодоксни или Харедим. Тоа не е мала, занемарлива група отпадници, туку се 10% од населението на Израел, што вкупно брои 7 милиони. Во кабинетот на Бенјамин Нетанјаху седат членовите на три фундаменталистички партии. Исти вредности како во Берлин?

Тие луѓе се исти како нивните исламистички противници. Тие го следат законот на одмаздата. Хамас уште пролетта исфрли ракети кон Израел. Израел ја бомбардираше Газа. Многу Палестинци загинаа. Наводно, пред една седмица, израелските војници убиле 13-годишно палестинско момче додека играло фудбал, а пред две седмици убиле човек со пречки во развојот, зашто не ја послушал наредбата да стане.

И сега пак. Хамас исфрла ракети. Израел бомбардира. Законот на одмаздата не знае за доста.

Онаа страна во конфликтот што има намера да го прекине кругот на насилството, мора да престане да го потхранува. Дали Израел тоа го сака? Од документите на Викиликс дознавме што прави Израел. Во 2008 година официјалните лица на Израел им објаснија на Американците дека свесно и намерно ја одржуваат Газа на „раб на колапс“, но така што во неа да не дојде до целосен пораз. Газа би требало „да функционира на најниско ниво, но да не се дозволи да се случи хуманитарна катастрофа“.

Дури и ова е лага. Катастрофата се случува. Газа изгледа како да дошол крајот на светот. Тоа е простор од 360 квадратни километри со 1,7 милиони луѓе. Газа е затвор. Логор во којшто Израел ги одгледува своите противници.

А Палестинците? На Генералното собрание на ОН на 29. ноември, Махмуд Абас има намера да поднесе барање за добивање статус на земја-посматрач. САД не можат да го блокираат поднесувањето на ова барање, но и одлуката за него. Америка им се заканува на ОН со финансиски санкции. Израел се заканува со анектирање области од западен Јордан. Каква порака им се испраќа на Палестинците со тоа? Не помагаат ни средствата на мирот. Оттаму Хамас ја црпи својата моќ.

„Војната поврзува, а правото разделува“, рекол Хераклит. Знаеме дека војната ги поврзува завојуваните страни. Во војната се содржи смислата на нивните идентитети. Блискиот Исток се претвори во лабораториски експеримент за докажување на оваа стара теза. Тажен, крвав, безнадежен експеримент. Насилството е лудило само за оној што верува дека тоа мора да престане. Оној што во насилството препознава креативна смисла, ја изгубил секоја надеж за неговиот крај.

Нема надеж за скорешен прекин на насилството на Блискиот Исток.

Извор: spiegel.de

 

Слични содржини

Свет / Став

ОкоБоли главаВицФото