1009 hPa
94 %
16 °C
Скопје - Пет, 11.10.2024 08:59
Скопје, 24 ноември 2012
Синоќа, помеѓу 23:00 и 1:00 часот, организирана група украла 10.000 македонски и албански знамиња во повеќе македонски градови, а најмногу во Скопје. Уапсени се десет лица, но нивниот број постојано расте и се очекува да достигне и до неколку илјади.
„Од распитот на уапсените, дознавме дека станува збор за организација која дејствува под името Бездомничка апатридска гладна револуционерна алијанса (БАГРА). Во интерес на истрагата, сè уште не откриваме други детали“, изјави министерката за внатрешни работи, Гоца Жандармерска.
Неофицијално, дознаваме дека станува збор за опасна и добро организирана група бездомници кои не можат да си купат облека и планираат да ги искористат македонските и албанските знамиња како ќебиња или импровизирани алишта.
Непосредно по апсењето на десетте членови на БАГРА, беа хакирани интернет страниците на ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и Владата на Република Македонија, и на нив беше објавена следната порака:
Бреееееј, студи! Работа? Храна? Покрив? Знаме .!.
Од извори блиски на МВР, екипата на Пара вести дознава дека бројот на украдени македонски знамиња е 7.500, додека украдени се 2.500 албански знамиња. Очигледно е дека БАГРА е македонско-албанска организација која води сметка за правичната застапеност на заедниците во своите редови.
Премиерот Николај Грубевски повика на смиреност, истакнувајќи дека се работи за провокација која има цел да ги наруши хармоничните меѓуетнички односи во државата и дека ќе направи сè да го заштити достоинството на македонскиот народ, додека неговиот партнер од владејачката коалиција, Теут Ал Рајфл, смета дека Албанците повторно се обесправени, затоа што се украдени повеќе македонски знамиња.
„Крајниот исход од кражбата на знамињата ќе биде продлабочување на јазот и недовербата помеѓу Македонците и Албанците“, изјави Рајфл.
Аналитичарот Немирко Бунтарски смета дека акцијата на БАГРА е однапред осудена на неуспех, затоа што не постои доволно големо знаме, или пак, доволно голем број знамиња, за да се покријат и затоплат сите бездомници. И покрај тоа, тој ја поздрави акцијата.
„Често доаѓа до зголемување на тензиите меѓу двете најголеми невработени заедници околу прославата на празниците на едната или другата. Но, акцијата на БАГРА е за поздрав и само може да доведе до обединување на двата народа“, додаде Бунтарски.