Андрогин

26.11.2012 11:59
Андрогин

Изразот доаѓа од грчките зборови andrógynos, што потекнува од зборовите anēr, andrós „маж“ и gynể „жена“. Во ботаниката, уште од 18. век, со него биле означувани растенијата што обединуваат машки и женски цветови. Во контекст на медицинскиот и сексолошкиот речник на 19. и 20. век, изразот може да се однесува на машкиот псевдохермафродитизам. Овој термин често се употребувал како синоним за „хермафродит“, но денес во помала мера означува анатомски хермафродитизам, а повеќе се однесува на личност со неодреден телесен изглед или на личност чиешто социјално однесување или начин на облекување главно се врзуваат со спротивниот пол.

Во многу култури постојат митови што се однесуваат на андрогините битија, а најмногу на андрогините божества што истовремено имаат и машки и женски особености. Идејата дека првобитниот човек бил андрогин се јавува во многу религии. Во Платоновата Гозба (околу 380 г.п.н.е.), Аристофан зборува дека во почетокот, човештвото било создадено од двократни, заоблени битија што формирале парови машко-машко, машко-женско (андрогини во вистинска смисла на зборот) и женско-женско. Тие битија биле толку издржливи и моќни, што боговите решиле да ги раздвојат на пола. На тој начин Аристофан ја објаснува љубовта и сексуалната желба како потрага по изгубената половина.

За јудеохристијанската религија, првобитниот човек бил создаден истовремено и како маж и како жена; и во овој случај двата пола настануваат со раздвојување, зашто Ева е создадена од Адамовото ребро.

Во европската историја што следува по антиката, можат да се издвојат повеќе периоди во коишто идејата за андрогинот е изразено актуелна. Ренесансниот неоплатонизам повторно го оживува Платоновиот мит за андрогинот. Идејата за андрогинот Адам била важна во алхемијата и во кабалата. Доживеала моќна рецепција во почетокот на 19. век, особено во германскиот романтизам. Во Франција андрогинот се сфаќал како слика на идеалниот човек. Меѓу останатите, сенсимонистите, на пример, верувале во божеството што ги обединува мајчинските и татковските одлики. Во својата политичка теорија тие ја застапувале позицијата дека мажот и жената заедно сочинуваат андрогина општествена единка и ја преземале замислата за бракот како андрогино сплотување.

Во уметноста и литературата во периодот на fin de siècle, андрогинот бил важен естетски идеал. Во екот на настанувањето на културата на хомосексуалците, имал потенцијал да стане утописка фигура. Еманципаторската сексологија од овој период зборува за хомосексуалноста како за „трет пол“. Магнус Хиршфелд во својата теорија за преодните степени на полот го усвоил изразот андрогин, не за да се повика на гениталниот хермафродитизам, туку на психолошките аспекти на оддалечување од идеалниот женски или машки тип, сметајќи дека меѓу овие две постои причинско-последична врска. Во психоанализата, Карл Густав Јунг ја воспоставува теоријата за психичката андрогинија, упорно припишувајќи им ја на anumus и anima архетипската структура на колективното несвесно што функционора како компензација за свесниот полов идентитет. Оваа идеја ја прифатиле некои уметници од круговите на надреализмот, како поткрепа на тезата дека креативната личност треба да биде андрогина, идеја што била покрената веќе во 19. век.

Не толку одамна, во седумдесеттите години на 20. век, особено популарната култура покажала повторно интересирање за игрите поврзани со половиот идентитет. Трансвестизмот и промената на полот се дел од сценскиот настап на одредени англоамерикански мегаѕвезди, но исто така овие практики се тематизирани и во доменот на уметноста. Истовремено, хуманистичките науки повторно го откриваат субјектот. Феминистичките студии го поттикнаа спротивставувањето на две позиции, од коишто едната е онаа на поборниците на сфаќањето на поимот андрогин како утопија за еднаквоста меѓу половите и за ослободувањето на идентитетите од нивната полова предодреденост, а другата се однесува на оние за коишто андрогинот не е ништо повеќе од маска под која се крие патријархатот. Подоцнежните проучувања на историјата и литературата, концентрирани врз одредени епохи, внесуваат нови нијанси во оваа дискусија. Според нив, андрогинијата преставува – особено во текот на многу специфични епохи, како што е епохата на романтизмот – не толку модел на еманципација, колку што претставува усовршување на мажите за сметка на жените. Во последно време, во рамки на Gender и Queer Studies и на теоријата на перформативноста, интересот е насочен кон трансвестизмот, транссексуалноста итн. Но, овие теориски пристапи воедно овозможуваат да се согледа дискурзивното, визуелното и општественото конструирање на андрогинот како инструмент за анализа на улогите, промените и спротивностите во рамки на половите.

Слики:
Girolamo Macchietti, The Temptation of Adam and Eve, 16th century
Hendrik Goltzius, The Fall of Man, 1616
Jean Francois de Troy, Adam and Eve, 1718

Извор: Le dictionnaire du corps

Слични содржини

Квир / Теорија
Општество / Квир / Живот
Фотографија / Квир
Квир / Око
Квир / Уживање / Теорија
Квир / Теорија

ОкоБоли главаВицФото