На исток ништо ново (1)

27.11.2012 12:34
На исток ништо ново

ПОЛОЖБАТА НА КИНЕСКАТА РАБОТНИЧКА КЛАСА:
НА ИСТОК НИШТО НОВО

Филозофски вовед

„Историјата нè учи дека народот никогаш ништо не научува од историјата“ (Хегел)

Хегеловиот историцистички песимизам навистина фрустрира. Во својата последна статија „Вулгарниот социјализам на СИРИЗА“[1] се обидов да покажам како „во очигледно отсуство на алтернатива на капитализмот, практичните борби се докажале како самоограничувачки“ (Климан). Доказот за само пола месец ни долета од официјален Пекинг! А веста еден ден по објавувањето на статијата дека СИРИЗА не е подготвена да управува со земјата[2] им се врати како бумеранг на сите нејзини симпатизери и уште еднаш ја потврди мојата теза дека оваа самонаречена коалиција на радикална левица нема алтернатива на капитализмот ниту пак има храброст да се впушти во класна борба со капиталот (а во тој случај, државен удар од страна на Комунистичката партија на Грција има морален легитимитет, да го наречеме нужно зло заради виша цел).

Во таа смисла, Големата француска капиталистичка револуција (1789-94) беше револуција во својата суштина, бидејќи успеа да ја исече феудалната експлоатација во нејзиниот корен. Сите последователни револуции, таканаречени „пролетерски“ и „социјалистички“, потфрлија колосално покривајќи се со калта на најголемиот срам земајќи го предвид фактот дека СССР важеше за втора воена сила во светот; со други зборови, буџетските средства наменети за милитаризам, иако оправдани заради победа над нацизмот[3], беа „нерентабилни“ инвестиции на долг рок.

„Приватниот интерес беше толку моќен што тој го победи перото на Мара, гилотината на Теророт и мечот на Наполеон како и распетието и сината крв на Бурбоните“, заклучуваат Маркс и Енгелс во нивното заедничко дело „Светото семејство“ (1845). Според тоа, широко распространетата протестирачка плима крената на 14-ти ноември индицираше само дека европскиот пролетаријат сака револуција без револуција. Вие не можете да најдете еден ебан комунист на континентов кој новиот поглед на светот го замислува без пари и пазар, а целата должничка криза избувна токму од овој однос, поради судир меѓу проширувањето на физичкото производство и оплодувањето на вредноста. И сега господа, имате трагикомична ситуација во која при недостиг на профити, едните, капиталистите и нивните загубени овци на науката – сикофанти и марионетски политичари (а кој професионален политичар не е курва на крупниот капитал?), бараат и наметнуваат сурови политики на штедења и кратења, а другите, заблудените работници од синдикалистичките фарисеи – не знам по уште кој не пат во нивната историја на класна борба со капиталот[4] – бараат и наивно очекуваат повисоки плати. И сè така во круг – како спобудалено куче по својата опашка додека не тресне со глава во ѕид од чиј удар само ѕидот би доживеал потрес.

Лидерите на левичарските партии и синдикатите мораат да сфатат еднаш засекогаш дека тие не можат да го победат пазарниот хаос во рамките на самиот тој пазар, бидувајќи негови манијаци. Тоа е однапред осудена борба на пропаст а во полза на пазарот. Оваа фатална вообразба на сите овие полтрони на пазарот само предизвикува нови бремиња врз грбот на работничката класа: тотална конфузија околу тоа чија е нејзината (радикална) филозофија и инфлација која ги јаде нејзините плати, добро познат механизам за извлекување на дополнителен вишок на вредност од страна на капиталистите уште во времето на Големата француска капиталистичка револуција.

Не без основа Џон Кенет Галбрајт обвинил: „Водењето на политика, која привидно ги штити работниците, може во очите на јавноста да ги претвори синдикалните водачи, обични битанги и апаши, во ‘великани‘ на синдикалното движење“. Затоа господине Живко Митревски, јавно ве повикувам, не, ве предизвикувам, доколку се чувствувате како христијанин, да изјавите пред работниците членови на синдикалниот сојуз кој вие го претставувате после темјанов: „Никој не може да служи на два господари. Или ќе го мразите едниот и ќе го сакате другиот, или ќе бидете посветени на едниот и ќе го мразите другиот. Вие не можете да им служите и на Бога и на Парите“ (Матеј 6:24) дека ѓаволската опашка не ја имате на својата задница, односно не ве држи во узди најголемиот непријател на народот – Никола Груевски.

Вие не можете да споредувате револуционери како Робеспјер, Дантон и Мара со Ленин, Мао и Гевара, првите ја укинаа феудалната експлоатација, вторите останаа бунтовници со одвратна кал на срам врз нивните лица. Имињата на првите не можат да видат дневна светлина дури во Франција (покажете ми барем еден споменик на Робеспјер или Мара!), тие се изложени на постојана анатема, додека строгите лица на вторите лесно се наоѓаат на комерцијални маици и други сувенири. Дури еден Мареј Ротбард, крајно реакционерен буржоаски економист, го елогизираше и жалеше потпомогнатото убиство од ЦИА на сталинистичкиот слеш (slash) убиец Че Гевара во 1967 година, изјавувајќи дека „неговиот непријател беше наш непријател“, мислејќи на американскиот империјализам (а зарем анексијата на Грузија и инвазијата врз Авганистан од страна на СССР и анексијата на Тибет и сите оние погранични конфликти со соседните „социјалистички“ земји од страна на Кина не беа вид на империјализам?[5]).

Од тројцата бунтовници, Мао беше доволно чесен да признае дека „Кина практикува наемен систем, распределба според работа и размена преку пари, а во сето ова се разликува многу малку од старото општество“[6]. А старото, односно капиталистичкото општество, не е некое вистинско општество, туку е само сурогат на заедницата. Во него егзистира личната слобода само за поединците кои се развиваат во условите на владејачката класа и само доколку се припадници на таа класа. Сурогатот на кинеската заедница ќе го испитаме подолу, што е всушност и тема на оваа статија. Ленин пак идеалистички го уверува Советскиот Сојуз дека наспроти прокапиталистичката Нова економска политика (НЕП, 1921) политичката власт останува целосно во рацете на работниците и селаните, додека сопственоста на капиталистите и кулаците (големите земјопоседници) не се обнови. Додека Че Гевара како верник, а повеќе како буржоаски револуционер, се колне пред сликата на „стариот другар Сталин“ дека ќе ги уништи капиталистичките октоподи.

Оттука, дури капиталистичкиот терор (1793-94) не може да биде споредуван со болшевичкиот терор (1917-53). Првиот беше ефективен за само една година да убие 55.000 непријатели на буржоаската држава и да ја укине феудалната експлоатација, а вториот за една година (1917) да убие преку 10.000 непријатели на советската држава (што е повеќе од број на егзекутирани за време на пола век под царска Русија) а сепак да потфрли да го направи истото со капиталистичката експлоатација, и неговите џелати (Јагода, Ежов, Берија) да завршат удавени во крвта на своите жртви. Робеспјеровата мисла дека „теророт без доблест е импотентен“ изгледа за навек посрамувачки ќе виси како Дамоклов меч над главите на Ленин, Мао и Че Гевара.

Прво, да разјасниме една работа околу теророт. Самиот терор против капиталистите по себе, со цел уништување на капитализмот, претставува антимарксистичка мерка. Зошто? Маркс како вистински интелектуалец објаснува (но кој од болшевиците и антикомунистичките сикофанти да чита пред едни против други да поитаат да си напишат црни книги на геноцидни идеолошки системи) во својот magnum opus дека капиталистот е само персонификација на капиталот:

„Како капиталист тој е само олицетворен капитал. Неговата душа е душа на капиталот. Капиталот има само еден единствен животен стремеж, стремеж да се оплодува, да создава вишок на вредноста, да исцицува со својот постојан дел, со средствата за производство, колку што се може поголема маса вишок на трудот. Капиталот е мртов труд, што оживува како вампир само со исцицување жив труд, и што колку повеќе живее, толку повеќе ќе исцица од него“[7].

Која е таа доблест за којашто Робеспјер зборува и требаше болшевиците, маоистите и другите буржоаски бунтовници да ја исползуваат? Се разбира, науката (Зарем не беше тоа Ренесансата која го извлечка континентов од мракот на средниот век?). Наспроти правото, историјата, политикологијата, економиката, логиката, социологијата, единствената наука за општествените процеси и појави е таа на Маркс и Енгелс, или класичниот марксизам, кој го разоткри економскиот закон на движењето на модерното општество, а овој – поточно – закон на вредноста поседува научен статус на закон на движење бидејќи дава тестирачки предвидувања за стварноста[8]; подолу ќе дадам еден пример во контекст на Кина, бидејќи нејзината внатрешна и надворешна политика ни е тема на статијава. Според тоа, „ако Марксовите закони на движење се точни, тој може да го заземе своето место заедно со Њутн и Дарвин како еден од најголемите научници во историјата. Отфрлете ги тестирачките закони на движење и тој станува само уште еден политички филозоф или моралист“ (Paul Cockshott). Затоа и Енгелс истакнува дека „посебно ќе биде должност на водачите сè повеќе и повеќе да се запознаваат со теоретските прашања и сè повеќе и повеќе да се ослободуваат од влијанието на вообичаените фрази кои припаѓаат на стариот поглед на свет, и постојано да имаат предвид дека социјализмот, откако стана наука, мора и да се негува како наука, т.е. мора да се студира“[9].

За жал, Мао беше дотолку лекомислен што во епски печатената и популаризирана „Црвена мала книга“ (збирка од негови говори во духот на романтичарски милитаризам) изјави дека ние треба да бидеме црвени во своите срца и дека тој пламен не смееме никогаш да допуштиме да згасне како во субјективички-идеалистички библиски стил на вечно запалена грмушка која ќе ни биде гласот на совеста низ искушенијата на животот. Сигурно, Мао беше и ќе остане запаметен во историјата како идеалист, додека ние денес мораме да учиме како да бидеме црвени од милијардер (поискрено: да учиме бизнис), и тоа, не од било кој кинески милијардер, туку од новоизбраниот претседател на кинеската комунистичка партија г-дин Си Џингпинг[10] (ех, разберете вие адолесцентни маоисти, „другар“ веќе е демоде салутирање!). Или како што Маркс со иронична нотка го објасни тоа во свое време: „Еднаш како трагедија, другпат како фарса“. Сосема оправдано буржоаските новинарски шкрабала побрзаа да хушкаат (поткажуваат), пардон, само љубезно да прашуваат, дали новиот лидер на Кина ќе резултира со нова директива (насока) за државата[11].

После овој зенит на срам озабен против филозофијата на работничката класа, после оваа вистинска катастрофа предизвикана од историската одговорност на општествената интелигенција и после ова помпезно самоубиство на маоизмот, зарем ние по дух пријатели на народот немаме легитимно морално право да организираме протест пред Кинеската амбасада, па макар да фрлиме и по еден гневен молотов коктел, во симболичен акт на солидарност со поробените кинески работници со чиј експлоатиран вишок на труд, г-дин Цуи Живеи е увезуван и извезуван како скапоцена кристална Сваровски стока? Г-дин Живеи изгледа не ја прочитал Џек Лондоновата „Железна петица“ која, освен ако не е вол да сврти грб на несреќите на човештвото, би му укажала дека неговиот костум е извалкан во дамки од крвта на кинеските работници жртвувани заради просперитетот на слободниот пазар, односно капиталот, и дека од таванот на неговата амбасадорска резиденција му капe врз глава и главите на неговото семејство крвта на тие модерни хелоти?

(продолжува)


[1]http://www.okno.mk/node/23119
[2]http://www.time.mk/cluster/9768b4c4f3/siriza-ne-e-podgotvena-da-upravuva-so-grcija.html
[3]Дури и оваа победоносна борба е компромитирана со оглед на геноцидите што Ленин и Сталин ги наредија врз одредени етноси. Така од април 1919 година ние знаеме за Лениновите напишани инструкции да се депортираат 300 000 Донски Козаци во концентрациони логори или на принуден труд; од 27 август 1941 година знаеме за Сталиновата наредба до НКВД да ги пресели советските Германци од Волга со цел да се дистанцираат од регионот; од 28 февруари 1944 година знаеме за Сталиновата наредба до НКВД да ги заврши операциите за депортирање на Чеченците и Ингушите за да се дистанцираат од тие региони; од 13 април 1944 година знаеме за Сталиновата наредба до НКВД да ја исчисти територијата на Крим од „антисоветски елементи“ со масовна депортација на кримските Татари; од 29 јануари 1949 година знаеме за декретот на Советот на министери за масовна депортација на балтичките националности да се дистанцираат од Литванија и Латвија.
[4]„Сè додека општеството е поделено на две спротивставени класи, на една страна капиталисти, кои држат монопол над сите средства за производство – земја, суровини, машини; на друга страна работници, работно население, на кое му е одземена секоја сопственост над средствата за производство и кое не поседува ништо друго освен сопствената работна сила – сè додека постои таа општествена организација, ќе остане семоќен тој закон на наемнината и секој ден ќе кова нови синџири, кои го претворуваат работникот во роб на неговиот сопствен производ, над којшто капиталистот држи монопол.
Синдикатите во оваа земја скоро шеесет години се борат против овој закон – со каков резултат? Дали им појде од рака да ја ослободат работничката класа од ропството во кое ја држи капиталот – производот на нејзините сопствени раце? Дали тие му овозможија на барем еден дел од работниците да се издигнат над положбата на наемни робови, да станат сопственици на своите сопствени средства за производство, на суровините, алатките и машините потребни во нивните дејности, а со тоа да станат сопственици на производите на нивниот сопствен труд? Општо е познато дека тие не само што не го направија тоа, туку дури никогаш не се обиделе.
Нема никако да тврдиме дека синдикатите се бескорисни затоа што не го направиле тоа. Напротив, синдикатите за работничката класа во Англија, како и во секоја друга индустриска земја, се неопходност во нејзината борба против капиталот. Просечната висина на надницата одговара на количеството на неопходните потрошувачки добра доволни за опстанок и одржување на работното население на земјата според животниот стандард вообичаен за таа земја. Овој животен стандард може да биде многу различен за различни слоеви на работници. Големата заслуга на синдикатите во нивната борба за зголемување на надницата и смалување на работното време се состои во тоа што тие тежнеат кон одржување и подигнување на животниот стандард.
Борбата на синдикатите не го нарушува законот на надниците; напротив, таа во целост го потврдува. Без средствата за отпор на синдикатите работникот не го добива дури ни она што што му припаѓа по правилата на наемниот систем. Само стравот од синдикатите може да ги присили капиталистите да му ја исплатат на работникот целата пазарна вредност на неговата работна сила. Сакате ли докази? Погледнете ги надниците кои се исплаќаат на членовите на големите синдикати и споредете ги со надниците во безбројните гранки во тоа мноштво од стагнирачка беда, лондонски Ист Енд.
Според тоа, синдикатите не го повредуваат системот на надници. Меѓутоа, не е високото или ниското ниво на наемнините она што ја прави економската деградација на работничката класа: оваа деградација се состои во фактот дека работничката класа наместо за својот труд да го добива целиот производ од својот труд, мора да се задоволи со дел од својот сопствен производ кој се нарекува наемнина. Капиталистот го присвојува сиот производ (и од тој производ ги плаќа работниците), затоа што е сопственик на средствата за работа. И затоа нема вистинско ослободување на работничката класа сè додека таа не стане сопственик на сите средства за работа – земја, суровини, машини итн. – и со тоа сопственик на сиот производ од својот сопствен труд“ (Фридрих Енгелс, Наемен систем, Тhe Labour Standard, n. 3, 21 мај 1881).
[5]Ротбард како да подзаборавил на поддршката што неговиот учител Лудвиг фон Мизес ја даде на фашистичкиот империјализам како „привремена нужност“ во надеж дека ќе го порази болшевичкиот империјализам: „Не може да се порекне дека фашизмот и сличните движења, коишто имаа за цел да воспостават диктатури, се исполнети со најдобри намери и дека нивната интервенција за момент ја спасила европската цивилизација. Големината што фашизмот на тој начин ја освои за себе ќе живее вечно во историјата. Но, макар што неговата политика донесе спас за момент, тој не може да вети континуиран успех. Фашизмот беше привремена нужност. Да се смета за нешто повеќе би било фатална грешка“ (Либерализам, објавена во 1927 година откога Мусолини ја презеде власта во Италија). Повеќе за ова види овде http://zahovistika2.blog.mk/2012/10/05/mizes-kako-sovetnik-na-fashistot-...
[6]http://www.marx2mao.com/Other/ARD75.html
[7]Карл Маркс, Капиталот, том први, Мисла, Скопје, 1975, стр. 211. Онлајн верзија овде: http://www.mediafire.com/?d39jtm015b7zpge#2
[8]Австриските економисти како строги априористи или рационалисти се радикално поставени против емпирицизмот. Меѓутоа во самата Австриска економска школа постои очигледен судир меѓу Мизес (мизесистите) и Хајек (хајекистите) околу соодветната методологија за економијата. Всушност, двајцата Австријци имале сосема различни, дури конфликтни, гледишта за методологијата. Мизес се придржувал за априористичката праксеологија со дедукција, додека методологијата на Хајек го отфрлува чистиот априоризам и признава улога за емпириските докази и е блиска до Карл Поперовата оповргливизам.
[9]Карл Маркс и Фридрих Енгелс, Дела, Том 10. Београд: Просвета, 1975, 461.
[10]http://www.bloomberg.com/news/2012-06-29/xi-jinping-millionaire-relations-reveal-fortunes-of-elite.html
[11]http://www.theglobeandmail.com/news/world/will-chinas-new-president-result-in-a-new-direction-for-the-country/article5358320/

ОкоБоли главаВицФото