Газа

27.11.2012 12:02
Газа

Со цел да се оправда себеси, државниот тероризам произведува терористи: сее омраза и жнее оправдувања. Сè укажува на тоа дека кланицата во Газа, што според нејзините создатели сака да расчисти со терористите, на крај ќе ги намножи истите.

Од 1948 година Палестинците живеат осудени на постојано понижување. Не можат ни да дишат без дозвола. Ја изгубиле татковината, териториите, водата, слободата, сè. Немаат ниту право да ги одберат владетелите. Кога гласаат за некој за кој не треба да гласаат, ги казнуваат. Ја казнуваат Газа. Претворена е во глувчешка дупка без излез, откако Хамас победи на изборите во 2006 година. Нешто слично се има случено во 1932 година кога победува комунистичката партија на изборите во Ел Салвадор. Натопен во крв, народот на Ел Салвадор беше казнет за лошото однесување и од тој момент живееше под воени диктатури. Демократијата е луксуз кој не го заслужуваат сите.

Домашните ракети што војниците на Хамас, притиснати во Газа, несмасно ги испукуваат кон земја која порано била палестинска, а која е узурпирана од страна на израелската окупација, се деца на немоќта. Очајот, на работ на самоубиственото лудило, е мајка на заканите кои го оспоруваат правото на постоење на Израел, сосема неефикасни викотници, додека многу ефикасната војна на истребување го негира, веќе со години, правото на постоење на Палестина. Остана уште малку Палестина. Малку по малку, Израел ја избриша од мапата.

Колонизаторите упаѓаат, и меѓу нив војниците ја преправаат границата. Куршумите го воспеваат запленетото, во легитимна одбрана. Не постои агресивна војна која не се прокламирала како одбранбена војна. Хитлер ја окупираше Полска за да избегне полска инвазија на Германија. Буш го окупираше Ирак за Ирак да не го окупира остатокот од светот. Во секоја од нејзините одбранбени војни Израел си земаше по уште едно парче од Палестина, а оброците продолжуваат. Распарчувањето се оправдува со титулите за сопственост што ги доделила Библијата, со прогонството од две илјади години на еврејскиот народ и со паниката која ја создаваат Палестинците кои демнат од заседа.

Израел е земја која никогаш не ги спроведува препораките ниту резолуциите на Обединетите нации, никогаш не ги извршува пресудите на меѓународните судови, која ги исмева меѓународните закони, и исто така е единствената земја во која е легално мачењето на затвореници. Кој и’ го подарил тоа право да ги негира сите права? Од каде доаѓа неказнетоста со која Израел го спроведува колежот во Газа? Шпанската влада не можеше неказнето да ја бомбардира баскиската територија за да расчисти со ЕТА, ниту пак британската влада можеше да ја срамни Ирска со земја за да ја ликвидира ИРА. Дали можеби трагедијата од Холокаустот наметнува осигурителна полиса за вечна неказнивост? Или пак ова зелено светло потекнува од моќниците кои во Израел го гледаат нивниот најголем вазал?

Израелската војска која е најсовремената и најсофистицираната војска на светот знае кого убива. Не убива по грешка. Убива заради терор. Цивилните жртви се нарекуваат колатерална штета, во согласност со речникот на останатите империјални војни. Во Газа од секои десет колатерални штети, три се деца. Има илјадници осакатени, жртви на технологијата за човечко десеткување која воената индустрија успешно ја испробува во оваа операција на етничко чистење.

Како и секогаш, пак истото: во Газа, сто спрема еден. На секој стоти убиен Палестинец, еден убиен Израелец.

Опасен народ, предупредува следното бомбардирање, под закрила на мас медиумите за манипулација, кои нè убедуваат да веруваме дека еден израелски живот вреди колку сто палестински животи. Истите медиуми сакаат да веруваме дека атомските бомби што ги поседува Израел, двесте на број, се хуманитарни, и дека нуклеарната сила наречена Иран беше таа што ги збриша Хирошима и Нагасаки од мапата.

Постои ли воопшто таканаречената меѓународна заедница?

Зарем е нешто повеќе од клуб на трговци, банкари и војници? Зарем е нешто повеќе од уметничко име што го користат САД кога играат во некоја претстава?

Наспроти трагедијата во Газа, светското лицемерие повторно го покажува своето лице. Како секогаш индиферентноста, празните говори, шупливите изјави, звучните декламации, двосмислените ставови оддаваат почит на светата неказнивост. Наспроти трагедијата во Газа, арапските земји си ги плакнат рацете. Како секогаш. И како секогаш, европските земји си ги тријат дланките.

Старата Европа, на која толку и’ оди од рака убавината и перверзијата, пролева солза-две додека потајно го слави овој маестрален потег. Ловот на Евреите отсекогаш бил европска навика, но од пред половина век овој историски долг го преземаат Палестинците, што исто така се семити, и никогаш не биле, ниту пак се, антисемити. Тие плаќаат, во крв, туѓа сметка.

Превод: Борјана Мојсовска

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото