Франција ќе ја признае палестинската државност

28.11.2012 10:43
Франција ќе ја признае палестинската државност

Шефот на француската дипломатија Лоран Фабиус изјави дека Франција планира да гласа во корист на признавањето на палестинската држава во Генералното собрание на ОН оваа недела, со што стана првата земја во рамките на ЕУ која ја поддржува Палестина како држава.

Фабиус во францускиот парламент изјави дека Франција веќе подолго време го поддржува настојувањето на Палестинците да им се признае државата и ќе одговори со „да“ кога ќе треба да се гласа за тоа прашање.

Со таа изјава, Франција како постојана членка на Советот за безбедност на ОН стана првата голема земја во ЕУ која ја поддржува Палестина како држава.

Палестинскиот претседател Махмуд Абас најави гласање на Генералното собрание на ОН за 29 ноември, за статусот на палестинската управа во светската организација да се унапреди од ентитет на држава која сè уште не е членка.

И Австрија најави дека ќе гласа за барањето на Палестинците да добијат статус на земја-набљудувач во ОН. Се очекува тоа барање да го поддржат повеќето членки на ОН.

Палестинските дипломати во понеделник им доставиле нацрт резолуција на членките на ОН во која бараат палестинските територии да добијат таков статус.

Истовремено, САД повторно предупредија дека успешното гласање на седницата на Генералното собрание може скапо да ги чини Палестинците и да ги лиши од финансиската помош на САД.

Додека Палестинците добија гаранција од мнозинството од 193 членки на Генералното собрание на ОН, на резолуцијата жестоко се спротивставија САД и Израел, а таа наиде и на студена реакција кај европските сили. Прифаќањето на Палестина како земја со набљудувачки статус, слично на статусот кој го има Ватикан, би било имплицитно признавање на палестинската држава, наведува Ројтерс.

Подобрениот статус на Палестинците би значел и нивен пристап до телата како што е меѓународниот кривичен суд во Хаг, пред кој тие би можеле да го поднесат тужби против Израел. Палестинските дипломати сметаат дека по добивањето на посакуваниот статус, Палестинците ќе преговараат со Израел на поинакво, рамноправно рамниште.

Минатата година, Палестина не успеа да добие полноправно членство во ОН поради противењето на САД во Советот за безбедност, па сега се обидува да го оствари тоа преку добивање на набљудувачки статус во светската организација. Противниците на палестинската иницијатива порачуваат дека нивните власти државноста треба да ја бараат преку мировни преговори и дека не треба да повлекуваат еднострани потези.

Успешното гласање за палестинското барање во Њујорк би можело да им нанесе финансиска штета на ОН, со оглед на тоа дека американскиот закон забранува финансирање на меѓународни организации кои ја признаваат палестинската држава.

Извор: Reuters