На исток ништо ново (2)

28.11.2012 11:05
На исток ништо ново (2)

Маова Кина

„Односот на работниците со сопственикот или производствениот естаблишмент и со нивните сопствени интереси е сличен под сите актуелни услови во светот денес, без оглед на тоа дали сопственоста е приватна или државна. Во двата случаи, производителите се заработувачи на плати, наспроти разликата во сопственоста. Според тоа, оваа промена во сопственоста не го решила проблемот на правото на производителот да користи непосредно од она што тој го произведува. Крајното решение лежи во укинувањето на наемниот систем“ (Гадафи)

Мао не беше задоволен со тоа што системот на сопственост беше изменет, бидејќи тоа според него не ја разликува Кина од старото општество, туку само укинувањето на наемното ропство радикално би ја дистанцирала. Постоењето на наемното ропство било доволна индикација за Мао да сфати дека револуцијата е сè уште незавршена: „Нашата земја денес практикува стоковен систем, наемниот систем е неегалитарен, исто така, како во осумстепениот наемен размер, итн. Под диктатурата на пролетаријатот таквите нешта можат само да бидат ограничени. Поради тоа, ако луѓето како Лин Пиао дојдат на власт, ќе биде многу лесно за нив да изградат капиталистички систем“.

Единствениот пример на марксистички принцип на распределба бил применуван во народните комуни на Кина во текот на 1960-тите и 1970-тите години. Таму, добрата биле распределувани според систем на норми за извршениот труд. Бројот на работни часови кои членовите ги придонесувале во годината бил запишуван и нивната жетва била заснована на тоа.

Тогаш Кина имала една од најегалитарните распределби на доходот во светот. Џини коефициентот на распределба на националниот доход бил .33[12]. Распределбата на доходот во народните комуни била исто така високо егалитарна.

Кинескиот народ имал низок, но сигурен стандард на живеење. Во руралните средини, земјоделците биле членови на нивните комуни кои им гарантирале можност да заработуваат доход. Здравствената нега била обезбедена преку комбинација на комунски и државни услуги на медицински персонал, обични клиники и хиерархија на болници кои буквално биле бесплатни. Образованието исто така било буквално бесплатно. Земјоделците поседувале свои домови. Оние чии доходи во работновременски единици не биле доволни да ги покријат трошоците, добивале од своите комуни храна, прибежиште, помош во вид на мали исплати за образование и здравствена нега и погреб. Иако немало пензиски систем за земјоделците, на старците често им се давале мали износи на работно-временски единици во возврат за домашни работи што тие би можеле да ги извршат во селото. Во градовите, на работниците и владините службеници им било загарантирано доживотно вработување. Претпријатијата и владините служби биле мали системи на социјална помош, обезбедувајќи вдомување, образование и здравствена нега по номинален трошок. Буквално немало невработеност.

Во Кина периодот на колективизација на земјоделството се совпаднал со сосема забележливо подобрување на животниот век на луѓето. Морталитетот во Кина опаднал драматично во текот на минатите 50 години, посебно во раните години на Народната Република. Официјалната стапка на морталитет во 1953 била 14 смртни случаи на 1000 луѓе. Животниот век се зголемил од 35 во 1949 до 65 во 1970-те години.

Кина била исклучителна во тоа што прашањето за укинување на буржоаскиот систем на трудови диференцијали станало болно политичко прашање. Тоа било едно од клучните спорни прашања во Културната револуција. Со поразот на левицата таму и хегемонијата на редот на Денг Сјаопинг, понатамошен напредок кон остварувањето на марксистичката програма станал невозможен. Во повеќето други социјалистички земји прашањето на насочување кон плаќање врз основа на труд никогаш дури не било на дневен ред.

Во СФРЈ имаше некоја „идеолошка граница“ и некоја можност за човек да постави некое прашање. Така, во таа смисла, еден работник од Ваљево или од Крушевац, го прашува Стане Доланц: „Како е можно да бидат членови на СКЈ работник и милијардер?“. А овој одговара: „Нема пречка ако милијардите се стекнати на чесен начин“. На прашањето на работникот како да одговарил апологет на слободниот пазар. Според мнението на еден од најуважуваните либералистички теоретичари кај капиталистите, Фридрих фон Хајек, дека „праведно е сè она што е заработено на слободниот пазар, без разлика дали за тоа е вложен труд или не“ може да се разобличи и авторитетот на Стане Доланц – како прикриен хајекист.


Кинеската НЕП

„Прво да овозможиме некои да се збогатат“ (Денг Сјаопинг)

Револуционерите од различни нијанси гледале на легализацијата на приватната трговија во 1921 година како јасен сигнал дека болшевиците се откажале од идеалите на Револуцијата. Меншевичкиот лидер Фјодор Дан, ослободен од болшевички затвор во јануари 1922 година и набрзо потоа протеран во странство, бил шокиран од глетката на богати Неповци (како што приватните претприемачи биле често нарекувани) како слободно чекорат во помпа низ главниот град.

„Оваа нова приватна трговија јасно се занимава со луксузите на „новите богаташи“, бесрамно издигнувајќи се наспроти заднината од општо осиромашување и ужасен глад... Театрите и концертите се наполнети, жените повторно се покажуваат со луксузна облека, крзна и дијаманти на себе. Шпекулаторот кој вчера беше загрозен со егзекутирање и тивко остана на страна обидувајќи се да избегне привлекување внимание, денес се смета себеси за важен и гордо го покажува своето богатство и луксуз. Ова е очигледно во секој мал обичај. Повторно после неколку години може да се слушне од устите на кочијашите, келнерите и портирите на станиците понизниот израз, кој целосно исчезна од употреба – ваша чест“[13].


Многу болшевици, збунети од новиот курс на партијата, ги споделуваа чувствата на Дан и горко го дефинираа акронимот НЕП како Нова експлоатација на пролетаријатот. Александар Бармин, млад болшевик, во 1921 година се сеќава на дискусијата околу НЕП со некои од неговите другари:

„Ние чувствувавме дека можеби Револуцијата е предадена, и беше време да ја напуштиме партијата. Капитализмот се враќа. Парите и старата нееднаквост против кои ние се боревме се вратија одново. Ако парите се појавија одново, зарем богатите луѓе не би се појавиле исто така одново? Нели бевме на лизгав терен кој нè доведе до капитализам? Ние си ги поставувавме овие прашања со чувство на вознемиреност“[14].

Поранешниот претседател на комунистичката партија на Кина, Џианг Цемин бил повеќе наклонет кон одржување јавни состаноци со кинеските и странските бизнисмени отколку со работниците од својата земја. Тој ја изменил официјалната идеологија на партијата за да ја направи претставителна не на пролетаријатот туку на „развојните трендови на напредните производствени сили“[15], што ја вклучува и буржоазијата. Тој дури отишол толку далеку што предложил прием на капиталисти во комунистичката партија, чиј идеен изрод е Си Џингпинг.

Кој е Си Џингпинг?

Осумнаесеттиот Национален конгрес на комунистичката партија на Кина само што заврши во Пекинг. Си Џингпинг (59), и Ли Кекианг (57), ќе го преземат кормилото на државата. Дебатата во рамките на водството ќе продолжи околу тоа по кој пат Кина да тргне: кон целосно пазарно стопанство отворено за глобалниот капитал. Според гледиштето на мас-медиумите и „експертите“ на Западот, новите седум луѓе од комитетот се благонаклонети кон статус кво: ако бродот плови, не го поправај. Се разбира, новиот лидер Си Џингпинг зборува за доближување до народот, за нула толеранција кон корупцијата, намалување на нееднаквоста итн. Сепак, сите кинески лидери го велат ова кога ја преземаат оваа положба. Нема доказ дека Си Џингпинг ќе направи што било од ова. А нам не ни треба доказ да покажеме дека кинеското општество целото е корумпирано, доволно е тоа што ги знаеме импликациите на трговијата: самоволна проценка, намалување на надниците, стечај, лихварство, паразитизам, несолидарност, нарушено здравје и др.

Таткото на Си, Си Џонгсун бил реформистички комунистички лидер кој бил изолиран за време на Културната револуција. Рехабилитиран од Денг Сиаопинг, тој станал гувернер на Гуангдонг каде придонесувал во иницијативните стопански реформи на Шенжен во 1980-те години. Си бил поддржан од шангајската фракција на партијата, позната за својата пазарна ориентација и од поранешниот претседател Џианг Цемин.

Пред една година, кога Пекинг го проучувал дванаесеттиот петгодишен план, Си поддржува забрзување на „стопанските реформи“, имено нов модел на раст презентиран во проектот „Кина 2030“ со Кинескиот државен совет и Светска банка. Овој извештај е јасен чекор кон целосно пазарно стопанство кое драстично ја намалува улогата на државата и дури повеќе ја отвора домашната економија за странскиот капитал. Аргументот на синолошките „експерти“ на конвенционалната економика е дека само ова ќе ја оспособи Кина да избега од таканаречената „стапица на средниот доход“. Тие мислат дека „испливувачките стопанства“ можат да растат брзо со инвестиции на голем капитал и извози користејќи евтин труд и нова технологија – Кинескиот модел.

Но, помалку од една петтина од 180 држави во светот успеале да станат развиени стопанства. Еден извештај на Светската банка го дава истиот аргумент. Од 101 држава кои биле „средно доходни“ во 1960 година, само 13 успеале да се одвојат од групата за да станат развиени стопанства до 2008 година.

Една причина зошто државите се фатиле во оваа „среднодоходовна стапица“ е што тие го достигнале она што е познато како „Левис точка“, според левичарскиот економист од 1950-тите, Артур Левис. Ова е нивото до кое една држава во развој престанува да бидува способна да достигнува брз раст со релативна леснотија, едноставно земајќи рурални работници кои извршуваат непродуктивна земјоделска работа и ставајќи ги да работат во фабрики и градови. Но, штом оваа резервна армија на труд е исцрпена, урбаните плати растат, доходите достигнуваат одредено ниво и се појавува „средната класа“.

Во 2002 година околу 324 милиони Кинези сè уште биле фармери, околу 50% од работната сила до 2004 година, а ова опадна на 47%. Ако преместувањето на земјоделството кон индустријата продолжи по оваа стапка, и економски го достигне врвот до 2025 година, тогаш скриените резерви на труд во Кина значително ќе се исцрпат во наредните 20 години. Долгорочната стапка на профит во едно стопанство е определена од релативните стапки на раст на понудата на труд и капиталот. Кина, се разбира, ќе извезува капитал во Африка – веројатно ќе го доминира континентот како Англија некогаш[16]. Јужна Америка исто така ќе биде дестинација. Како што беше случај со европскиот империјализам еден век порано, овие извози во почетокот ќе бидат концентрирани на производство на суровини потребни да ја прехранат кинеската индустрија. Споредени со Азија, резервите на труд на Африка се скромни. Огромната акумулација на капитал во Кина бргу го превртува балансот. Капиталот на трудот ќе биде наскоро изобилен. Процесите коишто доведоа до европската социјална криза во 1970-те години, половина век подоцна, ќе почнат да се реплицираат ширум Азија. Платите ќе тежнеат да растат како дел од националниот доход. Стапката на приход од капиталот ќе паѓа. Падот на профитите во однос на каматните стапки провоцира поларизација на капиталот во должнички и кредиторни фирми. Размерот на фирмите е втеран кон формална несолвентност. Ако доволно фирми станат несолвентни, настанува голема рецесија. Јапонското искуство ги покажува крајните граници на еден таков тек. Фирмите чии долгови ќе ги доведат до банкрот, ќе останат прометни. Лошите или ненаплативите долгови ги доминираа завршните сметки на јапонските банки. Истото ќе се случи во Кина. Државата, како што се случи во Британија, ќе мора да ги национализира, или во случајот на Кина, повторно национализира, водечките индустрии. Како што сегашниот циклус на глобален економски развој, циклусот што започна со отворањето на Кина, се ближи кон крајот, капиталистичкиот општествен поредок ќе се соочи со економска и политичка криза на глобално ниво[17].

Кинеското стопанство растеше со под 10% годишно, во просек, почнувајќи од 1980 година. Ако тоа може да расте со барем 6% или 6.5% годишно од сега натаму, Светската банка смета дека Кина може да стане високодоходовна земја пред 2030 година и да ги надмине САД како најголемо стопанство во светот, но приходот на Кина по глава, се разбира, и понатаму би бил многу понизок од американскиот. Но, ова никако не е сигурно. Многу малку, ако не ниедно развиено стопанство, успеале да ја направат оваа темелна транзиција додека продолжувале да ја зголемуваат продуктивноста – производство по глава – со 6-7% годишно. Америка, Европа и Јапонија имале предимство на растечка работна сила за поголемиот дел од оваа фаза во нивниот развој. Кина нема да го направи ова бидејќи нејзиното население старее многу побргу и нејзината работна сила ќе се намалува по 2016 година[18].

Марксовиот закон на вредност дејствува во Кина, главно преку странската трговија и приливите на капитал, како и преку домашните пазари за потрошувачки добра, услуги и фондови. Профитабилноста е клучна за инвестициите и растот. Капиталот си останува она што го пишува „Quarterly review“ за него. Општествен однос кој за соодветен профит става сè под нозе. „Капиталот“, вели „Quarterly review“, „избегнува врева и кавга и се одликува со бојазлива природа… Капиталот се плаши од отсуство на профит, или сосема мал профит, како природата од празен простор. Со соодветен профит капиталот станува смел. Ако 10% профит се осигурени, капиталот може да се примени насекаде, со 20% тој живнува, со 50% станува позитивно вратоломен, за 100% ги става сите човечки закани под своите нозе, 300% не постои престап на кој тој не ризикува, дури и при опасност да го обесат. Ако вревата и кавгата носат профит, тој и двете ќе ги потспотнува.“ Па, што се случило со профитабилноста на Кина во последните 30 години?

(продолжува)

Кон првиот дел


[12]Keith Griffin and Zhao Renwei, The Distribution of Income in China, 1993.
[13]E I. Dan, Dva goda skitanii, Berlin, 1922.
[14]Alexandre Barmine, One Who Suirvived. The Life Story of a Russian under the Soviets, New York, 1945.
[15]http://www.china.org.cn/english/zhuanti/3represents/68735.htm
[16]Замбиските рудари убија кинески менаџер и сериозно повредија друг во сабота (04.08.2012) во расправија околу плати во рудникот за јаглен Сollum, изјави во саботата министерот за труд Факсон Шаменда. Кинеските претпријатија инвестирале повеќе од 1 милијарда долари во богатата Замбија со бакар но омразата кон нив расте како што замбиските работници ги обвинуваат претпријатијата за злоупотреби и потценување на трудот. Работниците во рудникот Collum, сместен 325 км јужно од главниот град, ги нападнале Кинезите барајќи зголемување на платите според наведеното од владата во јули 2012. „Сè уште треба да ги утврдиме точните околности но извештајот што јас го имам е дека еден Кинез е убиен а друг повреден кога работниците побарале нова минимална плата“, рече Шаменда за Ројтерс во саботата. Пред две години, замбиската полиција ги стави под надзор двајцата кинески менаџери во рудникот за јаглен Collum поради обид за убиство кога пукале во 13 рудари во расправија околу платите. Гладната за ресурси Кина многу инвестира во Африка, снабдувач на нафта и суровини како бакар и ураниум, но критичарите предупредија дека нејзините претпријатија го увезуваат и нивното добро познато кршење на работничките права.
[17]http://www.academia.edu/1119114/The_Big_Picture_Britain_and_China_and_the_Future_of_Capitalism
[18]Кина е земја со најмногубројно население во светот, околу 1 300 000 000 луѓе, една петтина од светското население. Кинеската влада (единствен пример во светот) воведе задолжителна контрола на плодноста, што драматично ја намали стапката на пораст на населението на 1,3% годишно во 2001. Просечната бројност на домаќинствата опадна од 4,5 во 1985 на 3,5 во 2000, а предвидено е дека и понатаму ќе се намалува до 2,7 во 2015 година. Намалувањето на бројноста на домаќинствата е резултат на општествени промени: особено стареење на населението, помалку деца на двојка, зголемување на бројот на порано речиси непостојните разводи и намалување на бројот на традиционалните повеќегенерациски домаќинства, во кои три генерации живееја заедно под ист покрив.

ОкоБоли главаВицФото