Ни снемува дрва

28.11.2012 12:27
Ни снемува дрва

Бевме да го провериме паркот Македонија во Карпош за да ги преброиме дрвата во шумата што ја засади Коце Трајановски. На денот на дрвото, 13.11.2012, Градоначалникот се пофали дека засадил преку 1800 дрва на просторот на паркот Македонија. Еве ја неговата изјава на порталот на Град Скопје.

Во понеделникот бевме инспирирани од активистите на велосипедската иницијатива “На Точак” и нивниот блог за велосипедските патеки на новите булевари “Е добро де...”, па решивме да им вратиме на предизвикот и организиравме своја граѓанска инспекција во паркот “Македонија”.


Е добро де

Тргнавме од официјалните информации на Град Скопје за промоцијата на паркот пред неколку денови. Официјалното соопштение на Градот го нарекува паркот “нов”, а Градоначалникот Коце Трајановски дава прилично детаљна изјава за вегатацијата во паркот:

„Денеска го промовираме паркот „Македонија“, кој е со зелена површина од над 30 000 квадратни метри. Во паркот се засадени 8 000 парчиња сезонско цвеќе од видот виола и украсна зелка и 525 ружи, од кои 175 калемени и 350 мини ружи. Досега се засадени 1 535 парчиња зимзелени дрвца мини четинари, а денеска ќе се засадат околу 300 листопадни садници. Иако не критикуваа дека сме исекле многу дрвја, досега за 3,5 години имаме засадено околу 45 000 дрвја, но и во иднина Градот нема само да гради булевари, туку и зеленило и дрвореди покрај нив.“

По слушањето на оваа изјава, бројките изгледаа малку неверојатно. Особено затоа што паркот изгледа прилично голо кога го одминувате по соседните улици. Екипа на Плоштад Слобода се упати кон паркот за да ги преброи наведените дрва и да разоткрие дали Градоначалникот лаже кога зборува за својата работа.

При анализата беа користени мапи на Google Earth за мапирање на просторот, а дрвата беа броени едно по едно од активистите на Плоштад Слобода. Во пребројувањето не беа вклучени хортикултурните растенија (виоли, украсни зелки, калемени ружи, мини ружи), туку само зимзелените и листопадните дрва.

Наспроти изјавата на Градоначалникот дека се работи за парк од над 30.000 м2, сателитската мапа покажува новоуредена површина од 26.400 м2 и староуреден дел од паркот (пред министерството за Економија) со стари дрва, зеленило и без нови садници или останата хортикултура во површина од 11.000 м2 или вкупно (37.400 м2).

Паркот има два наворешни дрвореди по должината на улиците Јуриј Гагарин и Гологанова. Оној покрај тротоарот на бившата Лола Рибар е со наизменично посадени листопадни и зимзелени дрва. Овие се единствените зимзелени дрва во целиот парк, а вкупно се 37, а не 1535 како што тврди Град Скопје.

Во паркот се засадени и 2 вида на листопадни дрва. 3 дрвореди од декоративни егзотични дрвца што ги го сечат паркот и ги поврзуваат двете улици и неколку кратки дрвореди од поголеми садници на некое домашно листопадно дрво. Декоративните дрвца се 131 на број, а останатите листопадни се 164, или вкупно 295. Оваа бројка соодветствува со изјавата на Градоначалникот („денес ќе засадиме околу 300 листопадни садници“).

Овие декоративни дрвца чинат околу 40% од вкупниот дрвен фонд на паркот. Тоа се дрва со поизразена визуелна, отколку функционална улога. Со своите мали крошни и ниска стапка на издржливост тие ќе имаат малку да понудат во суштинското зазеленување на просторот.

Како и да е, вкупниот број на дрва е далеку помал од оној на Трајановски. Дури 6 пати помал (најавени 1835, а засадени 332), што значи дека нас “ни снемува дрва”. Ако 6 е коефициентот на мултиплицирање од вистината, тогаш во изминатите 3.5 години низ Скопје не се засадени 45.000, туку 7.500 дрва. Целосната листа на уништени паркови во центарот на Скопје можете да ја погледнете овде.

ДА НЕ НИ СЕ МНОГУ ДРВА?

Покрај тоа што се пофалија со бројка од преку 45.000 дрва засадени Градот предвидел на површината на овој парк да се засадат 1835 дрва (според изјавата на градоначалникот и официјалното соопштение на веб страницата на градот), иако засадил 1502 помалку. Но, ајде да провериме дали е воопшто возможно да се засадат 1835 нови дрва во еден парк во Скопје.

Но, да се вратиме на сериозните пресметки: во паркот Македонија требаше да има 1835, а има 332 дрва. При вакви дискрепанци човек не може а да не се запраша КАЈ СЕ ДРВАТА? Нам ни снемува дрва.

Слични содржини

Јавни Простори / Став
Јавни Простори

ОкоБоли главаВицФото