Издигнувањето на Златна зора

28.11.2012 13:28
Издигнувањето на Златна зора

„Доаѓаме како непријатели. Како волк што упаѓа во стадо овци, така доаѓаме.“ (Јозеф Гебелс, 30. април 1928 година)

Грчкото општество, разнишано од мерките за штедење, долгогодишната рецесија и сè поголемата стапка на невработеност, тоне сè подлабоко. Во таква атмосфера се зајакнуваат два пола на политичкиот спектар: на една страна левицата, што достигнува до поддршка на 40% од гласачите, а на другата страна ултрадесницата. За многумина не е чудно што дојде до толку нагло издигнување на неонацистичката партија Златна зора, којашто до пред неколку години не можеше да го надмине цензусот, за на изборите во јуни 2012 година, да добие 425990 гласови, што е 6,92% и 18 места во грчкиот парламент. Пратениците од оваа партија меѓусебно се поздравуваат со нацистички поздрав, а нивните членови организираат т.н. ударни баталјони од нацистички тип, што ги напаѓаат странците-имигранти.

Имаат препознатлив имиџ: избричена глава, набилдани, со израз на лицето во стилот на Mein Kampf, облечени во црни блузи со симбол што е некаква комбинација од старогрчкиот меандер и нацистичката свастика.

По години поминати на маргините, грчките неонацисти почнаа да ги „чистат“ атинските плоштади од темнокожите имигранти, користејќи тупаници, палки или ножеви, но и да ги сквернават еврејските гробишта и да ги палат џамиите.

Политички активизам

Истовремено, им продаваат заштита на Грците: одат заедно со бабичките во самопослуга или до бакноматите за да ги заштитат од крадци. Исто така, им помагаат на оние што изнајмуваат станови да ги исфрлат имигрантите од изнајмените станови ако со плаќањето се доцни дури и еден месец, ги прогонуваат ситните трговци што се обидуваат да преживеат продавајќи разновидни производи по улиците и плоштадите. Сето тоа го нарекуват „политички активизам“.

За да привлечат уште поголем број очајни Грци, организираат бесплатна дистрибуција на храна, народни кујни, доброволно даруваат крв, но сето тоа исклучиво на граѓаните од грчко потекло: една стара жена, на пример, ја избркаа од јавната кујна затоа што дознаа дека потекнува од Грузија.

Отсуството на грчката држава и на законите, се обидуваат да го надоместат со својот терор. Неонацистичката организација Златна зора, што истовремно е и политичка партија, вешто ги користи празините предизвикани од недоволното справување со безбедносните проблеми, што грчката држава ги остави настрана, поради парализираноста со економската криза. Исто така, Златна зора е и главен претставник на супкултурата на општеството со организирано вмрежување во полицијата, што и отворено ги поддржува, бидејќи како што покажаа статистиките на последните избори, еден од два грчки полицајци гласал за Златна зора. Многу имигранти што пријавиле во полиција дека биле злоупотребувани од страна на членовите на Златна зора, наместо да бидат заштитети, завршија во затвор бидејќи немале дозвола за престој.

Кој гласа за нацистите?

Од историски причини, досега крајната десница во Грција не успеваше да се развие во кохерентна политичка сила. Познато е дека уште од своето создавање е поврзана со диктатурата на Јоанис Метаксас (1936-1941), со нацистичката окупација (1941-1944) и со воената хунта (1967-1974), значи со црните периодни на отуство на слободата и демократијата, во коишто најмногу страдаше грчкиот народ.

За Златна зора најмногу гласале младите што не ја доживеале хунтата. Но, Грците што гласаа за Златна зора не го направија тоа бидејќи се поддржувачи на неонацисти. Тука имаше гласови поради протест, обид да се казни власта, полни со огорченост и бес, но и од антисемитки побуди. Очајнички барајќи помош, луѓето се свртеа кон Златна зора, којашто во последно време го изгради „револуционерниот мит“ поврзувајќи ја нацијата и расата, обраќајќи им се на луѓето без перспектива што наседнаа на фашистичката реторика.

Фирерот

Ваков развој на настаните сигрно не очекуваше ни генералниот секретар на организацијата Никос Михалолиакос, водач на грчката радикална десница уште од 1970 година, кога во 1980 година почна да го издава списанието „Златна зора“ според коешто подоцна ќе биде именувата партијата. Не ни можеше да сонува дека неговата партија во 2012 година ќе има толкаво влијание на народот поразен од економската криза.

Во своите написи, тој отворено пишуваше дека е приврзаник на националсоцијализмот и на супериорноста на Хителровата „ариевска раса“. Ги оправдуваше Германците за масовните стрелања на грчкото население во текот на окупацијата, пишувајќи дека тоа е едноставно „одмазда“ поради отпорот на народот. Осудуван е за учество во една терористичка десничарска организација што во 1976 година изврши бомбашки напад во којшто имаше жртви, а осудуван е и за соработка со државната информативна служба, во којашто како таен агент го добил тајното име „Астианакс“. Сето тоа не го спречи во 1985 година да го основа Националното народно движење – Златна зора, којашто се прочу во почетокот на деведесеттие кога се вклучи во демонстрациите околу името „Македонија“.

Некои од членовите како доброволци учествувале во југословенските војни на страната на босанските Срби и подоцна беа осудени како „воени злосторници“.

Иако во декември 2005 година, генералниот секретар на Златна зора Никос Михалолиакос објави прекин со самостојните политички акции во организацијата, повторно се активираше во 2007 година, а во 2012 година излезе на грчките локални избори и успеа во Атина да биде избран за општински советник, благодарение на антиимигранстката реторика. До тогаш, неговата партија во цела Грција немаше повеќе од 30000 приврзаници. Благодарение на отровната комбинација на што сè поголема невработеност и ксенофобија, недостаток на перспектива и сè поширока распространетост на теоријата на завера, малата неонацистичка партија растеше сè повеќе.

Терен за вооружени пресметки

Честите случаи на расистички злосторства кон имигрантите од страна на членовите на Златна зора станаа дел од грчкото секојдневие во кризите времиња, а полицијата често им гледа низ прсти. Под мотото „секој странски работник е еден невработен Грк“ Златна зора спроведува погром врз имигрантите.

Некои делови на Атина, како што е Агиос Пантелеимон, се претворија во терен за вооружени пресметки меѓу членовите на Златна зора и имигрантите, што во голем број се населени во таа област. Тепањето, бодењето со нож, палењето и рушењето на продавниците што ги поседуваат странци се секојдневните акции што ги организираат „активистите“ на Златна зора. Главно се возат со мотори, доаѓаат во групи и задолжително носат кациги што им го скриваат идентитетот.

Организираните напади се сè почести на пазарите и плоштадите, со цел прогонување на странските продавачи. Во Рафина, едно од атичките пристаништа, во почетокот на септември, на пазарот Света Богородица, околу педесетина членови на Златна зора, на чело со двајца пратеници, нападнаа имигранти – ситни трговци, навредувајќи ги и уништувајќи им ги тезгите и производите – сето тоа пред телевизиските камери, објаснувајќи дека „поради фер конкуренција морале да ги отстранат илегалните производи што ги продаваат исто така илегални имигранти“. Тој чин го поддржа и Стаматис Мелос, претседателот на синдикатот на малите трговци, изјавувајќи дека „не само што ја поддржува Златна зора, туку и ѝ аплаудира“.

Во октомври, стотина членови на Златна зора, заедно со православните фанатици, се собраа околку театарот Хитирио во Атина, за да го спречат одржувањето на театарската претстава Христовото тело, прогласувајќи ја за богохулна. Од другата страна на улцата беа собрани десетина луѓе што извикуваа „долу рацете за културата и слободата на говор“. Со денови траеше борбата околу театарот додека на крајот, организаторите и учесниците беа принудени да отстапат.

Најновата иницијатива на Златна зора е преку Министерстовто и државните училишта „децата да ги усвојат националните идеали“.

Одговорот на државата

Кривичните дела и „политичкиот активизам“ на Златна зора предизвикаа бројни реакции. Министерот за заштита на граѓаните Никос Дендиас, што му припаѓа на десниот центар, изјави дека „им објавува војна на ударните баталјони на Златна зора“. Ги негираше обвинувањата дека грчката полиција ги прикрива акциите на грчките неонацисти.

Под притисок на левичарската партија Дендиас одлучи да основа полициска единица специјализирана за борба против расистичките злосторства и друга група задолжена за односите на полицијата и ултрадесничарските организации. Тие специјални единици сè уште не се активирани.

За наглиот пораст на фашизмот, левицата ги смета за одговорни строгите мерки на штедење што ги наметнува Тројката (Европската комисија, Европската централна банка и Меѓународниот монетарен фонд), што ја исцрпуваат Грција и „го носат змиското јајце од коешто се испилува фашизмот“. За левицата, Златна зора е патерица на којашто се потпира системот што пропаѓа, којашто бесот на народот го насочува кон „жртвениот јарец“, а тоа во овој случај се имигрантите, наместо да го насочи кон одговорните за кризата. Но, поделени се мислењата за тоа дали би требало да се забрани таа паритја.

И митрополитот Сиатист Павлос ја нарече Златна зора „Црна ноќ“, а нејзините членови „неопагани“, што немаат никаква врска со учењето на Евангелијата. И другите грчки црквени достоинственици во Грција и Америка зборуваа за тоа дека „крстот и насилството не можат да се мешаат“, осудувајќи го расизмот и сите негови пројави. Наспроти ова, американската расистичка организација Кју клукс класн гордо ја нарече Златна зора „братска партија“ и најави блиска соработка со неа.

Адмнистраторите на Фејбук, по илјадници жалби на нивните корисници, ги избиришаа сите профили од страна на членови на Златна зора, со образложението дека ја нарушуваат ненасилната и антирасистичката политика.

Најголемиот број Грци стравува од наглото издигнување на Златна зора, што скокна на цели 10% и претставува третата најмоќна партија во Грција. Најголемата опасност е ако Златна зора стане дел од владејачката елита и ако понуди некое „решение“ или „излез“ од слепата улица во којашто се најде грчкото општество. Поркај тоа, оваа организација може, во име на националната вонредна состојба во државата, и да биде повиката да поддржи некоја нова форма на авторитарна власт.

„Со Хунатата барем знаевме кои ни се непријатели“, изјави пратеникот на Демократската левица Василис Мастројанис, „а овие луѓе делуваат во општеството и го подриваат системот одвантре. Ваквата ситуација може да потрае 15-20 години, додека на крајот Демократијата не попушти“.

Извор: vreme.com

ОкоБоли главаВицФото