Што народ сме биле?!

29.11.2012 09:49
Што народ сме биле?!

Годишнините се повод. Така и вчерашната стогодишнина од албанската независност, е повод да се напише збор-два за Албанците. Велам, збор-два, поради ограниченоста на просторот за да се опфати сиот отпор, врева и далекувидност на Албанците и албанството. Но, и од мојата лична ограниченост од субјективноста заради мојата припадност како Албанец. Можеби и затоа, наместо „Портрет на народот во стогодишнината“, ова е, само еден обид за прашањето „Што народ сме биле?!“

Сто години независност и државност во место како Балканот, каде што, многу често, комшија на комшијата му е волк, кој може дури да посакува да му умре козата на комшијата и кога самиот тој не е волкот, кој ќе се офајди, е за секоја почит. Ова посебно за Албанците кои, речиси никогаш, немаа некого сличен или блиску, за да се потпрат во нивниот легитимен стремеж, како и на секоја нација, за слобода и правда. Но, она што на Балканот, речиси секој за секого го правел со векови, придонесувало најмногу за светскиот суд за целиот Балкан. Имено, толку многу сме се навредувале, кодошеле и местеле, едни со други, кај странците, што тоа придонело за целиот наш полуостров да се изречат зборови, до суд категорични: „последното мочуриште“ (Бизмарк) и дека „правиме повеќе историја отколку што можеме да консумираме“ (Черчил)! Но, нашата историја беше предизвикана од нашата географија а мочуриштето наполнето и со блато токму од странците. Ова не може да се разбере од, да речеме, Норвешка или Јапонија, кои немале толку атрактивна географија за да им се наредат секакви дојденци, од секаде од светот. Но, ете, самите сме во голема мера виновни, затоа што по цел свет ни викаат: сè е тоа едно те исто...?!

Нашата балканска грешка сега ја повторуваат, здружено, муслимани, христијани и Евреи, на Блискиот Исток. Исто, сега, за сите нив, цел свет, од Норвешка сѐ до Јапонија, вели: сè е тоа едно те исто, такви се таму сите?!

Но, ретко кој учи од нашите грешки, иако токму тие од Блискиот Исток би требало да знаат дека Господ не е неправеден и дека тука, каде што како кај нив не се родиле неовоземни величини како Аврам, Мојсеј, Исус и Мухамед, сепак сме имале човечка памет како Сократ, Платон, Аристотел или по ново Тесла, Крлежа и Селимовиќ. (Авторот на овие редови ги знае Албанците и Македонците премногу, за да може да наведе само неколку)

Светот и Балканот вредат да се напише некогаш: „Што свет сме биле?!“, но да се вратиме на историјата и Албанците. Албанците имаат едно име во историјата кое, често и сè уште им го наденуваат и на своите деца: Илир. Покрај толку научни истражувања, копања, книги и реликти, сепак, мислам дека фактот дека само Албанците и никој друг ги наденува имињата како Илир, Агрон, Теута и Дардан, говори за непрекинатата нитка на Албанците од Илирите, кои од дамнини го населувале Балканот.

Албанците не се небески народ туку се толку овоземен народ што приземно се врзува за земјата и за родната грутка. Толку многу што тие се познати и како ендемски вид на аџии, кои оставале аманет моштите да им се закопаат во нивната земја, иако, се случи да умрат на аџилак во Мека, Ерусалим или Ватикан!


Веројатно заради географијата и историјата, албанскиот стремеж бил повеќе отпор отколку аспирација. Тој се одликува, освен со приземност, со настојчивост, (Гунгш = човек со чврга, е албански термин за своеглавоста и настојчивоста, упорноста). Друга основна карактеристика е сенсот за геостратешка ориентација на Албанците кој традиционално е концепт насловен како: „Седумте кралеви“. Така Албанците имаат спор со запленето злато од страна на Голема Британија, но, никогаш истиот не го спомнуваат. Британската кралица е една од тие седум цареви со кои Албанците нема никогаш да се спречкаат.

Овој геостратешки сенс е веројатно научена лекција од времето кога Албанците војувале спротивно на глобалниот тренд, во времето на Скендербег, при што дале многу жртви и имале многу штета.

Жртвите што Албанците ги дале во текот на своите директни битки со, пред сѐ, Турците, Србите и Грците, се на десетици илјади. Штетата, пак, може да се брои и во стотици илјади, дури и во милиони. Маџир Маало во Скопје, арнаутските маала во најдревниот постоечки град на светот, Дамаск-Сирија, Арбанаси и Албена во Бугарија, цели села и градови во Сицилија и Анадолија, Украина, Египет, се само неколку точки каде што заминала албанската загуба. Маџир Маало било новонастанато маало (XIX век) во отоманската империја, кое се изградило за да се вдомат Албанците и другите што дошле од „Црвената Јаболка“ (митолошката граница на раздвојување помеѓу Албанците и Србите, некаде во Алексинац, денешна Србија).

За да се долови обемот на Албанци оттргнати од албанството вреди да се спомнат два врсника, ретко спомнати имиња и од самите Албанци: Ахмед Рами, египетскиот поет на младината (1892-1981) и Антонио Грамши, (1891-1937) основачот на Комунистичката партија на Италија, кој „мразел индиферентни“.

Сигурно дека освен што не се небески народ, Албанците не се ни космички народ па сиот отпор и целото албанство да го правеле сами. Така, освен помошта од многу нации, блиски или далечни, Албанците имале и поединци кои многу придонеле за албанската култура и историја. Пак да споменеме само две ретки имиња: Хасан Риза Паша, главниот во одбрана на Скадар, Арап од Ирак и Стерјо Спасе, Македонец, кој го напиша можеби најметафизичкиот роман во целата албанска книжевност: „Од живот за живот - зошто?“.

Во односите меѓу себе и со другите, Албанците се трудат да воспостават една природна праведност со, дури до светост, почитување на принципот на беса и борба против зулумот (неправда). Така Албанците, на скоро сите балкански јазици и во есперанто, го извезле зборот Беса, а за себе, во поговорка, го увезле старото, и библиско и куранско правило, против неправдата: сѐ се кине кога ќе се тенчи, освен зулумот, кој се кине кога ќе се здебели! Само со ова може да се разбере историскиот албански концепт за праведност кој, неретко, се движел во тромеѓето на Канунот, Шеријатот и државните закони. Тромеѓе, од каде што Албанците црпеле легитимност за единствената институција со која можеле да си гарантираат овоземна праведност: одмазда.

Слики: Federico Hurtado

Извор: дневен „Фокус“, 29.11.12.