Женските нозе

21.09.2009 12:12
Noze_528.jpg

Овој значаен дел од женското тело, услов за стабилност и мобилност истовремено, практично не постоеше во секојдневниот живот на западниот свет сè до 20 век - што во посебна светлост ги открива краткотрајноста на човечката култура, самоувереноста на западните култури и статусот на жените во нив. Ако сакаме да се утешиме, во претхристијанската антика, со сите наши заблуди за “слободата на телото”, ќе пронајдеме главно женски нозе како предмет на сокривање и откривање, значи желби но не и толеранција: кога не станува збор за експлицитно сексуални сцени, голите нозе на античките вази се појавуваат, пред сè, во сцените на грабнување, бегство и насилство. Останува да се помириме со тоа дека европските култури тешко ги поднесувале женските нозе, за разлика од голем дел од оние надвор од Европа.

Од цензурираните нозе на шпанската кралица, која не можела да прими за подарок чорапи “затоа што кралицата нема нозе”, па до најлонските чорапи со кои американските војници во Европа по Втората светска војна го бараа патот до повисоките цели на женското тело, историјата на женските нозе е историја на недоразбирањата меѓу половите, главно изразени во различните форми на насилство над жените. Денес, сè уште клучното прашање за покажувањето на женските нозе се прикажува во цензурирана форма преку должината на здолништето, на тој начин повторувајќи ја низ целиот век траумата на скусувањето на здолништето, која на мажите им се случи по Првата светска војна.

Додека се пробиваме низ врелото лето, на секој чекор опкружени со избор од најнеобични криви, влакнести, предебели или претенки машки нозе во смело комотни куси панталони, ја носиме културолошки вградената цензура дека жените со помалку убави нозе не треба да ги покажуваат, а дека жените со убави нозе се изложуваат на машкото насилство ако ги покажуваат! Со други зборови, нозете треба да се демитологизираат, полово да се деполитизираат и да се направат неприкосновена сопственост на жените. Фотографијата на Мишел Морган, млада, убава, слободна и среќна во играта со своето тело и еластичноста на своите совршени нозе, некаде во 1949, на плажа во Кан, нека биде програмски симбол на таквиот пристап.

Човечкото тело, во голема мера, е производ на културата, женското тело повеќе отколку машкото, затоа што повеќе е подредено на желбите на носителите на власта во културата. Ролан Барт во својот есеј S/Z заклучи дека пофалбата на женското тело во француската трубадурска поезија открива канибалски пристап според кој женското тело е “поделено” на очи, врат, гради... И нозе, би додале. Мажот-трубадур, пред да се обиде да ја добие целината, вербално ги “консумира”, канибализира деловите на женското тело. Но, нозете носат уште цела низа значења впишани во историјата на односите меѓу половите. Додека во првобитната човечка средба се гледа во рацете на мажот (кои можат да носат оружје), жената се гледа во нозете (кои можат да побегнат). Повеќевековното владеење на здолништата, визуелната контрола, но и директните пречки за жената да се движи побргу, ги дефинираат верската односно моралната цензура и потребата на машката власт покрај себе постојано да има осигурано сексуално задоволување. Не е потребно да се оди далеку, ниту во психоанализата на Фројд, ниту во антропоморфната илустративна теософија за нозете, предворјето на уживањето, за да се потврди големата амбивалентност на картата на човечката телесност.

Танцот, спортот и хигиенските барања на модерната медицина ги помогнаа појавувањето и задржувањето на видливоста на женските нозе во овој век. Затоа самите нозе се женска икона, а не чарлстон фустанчето со шлицови, мини-здолништето или шорцот. Во новиот историски контекст, модата на долгите здолништа, на пример “полжав-здолништата” од седумдесеттите години, или макси здолништата во неколку наврати, подеднакво се одмазда и на жените и на текстилните производители. Културната историја на положбата на женските нозе покажува не помалку судбоносни промени. Седењето, за нозете неспоредливо поудобно во долго здолниште, го натера женското тело да измисли најнеудобни можни пози што одговараат на цензорските барања, кога здолништата се скусија: прекрстени нозе, идеална поза за развој на венозни заболувања и намалување на циркулацијата, во секоја ситуација грчевитото прекрстување на колената, совршено за артроза и целулит, значи токму оние болести и незгоди што ја уништуваат убавината на нозете. Откриените нозе, парадоксално, во некои ситуации ја намалија слободата на движење и го загрозија женското здравје – но тоа не е нивна вина, туку последица на сериозната цензура на другите уште поризични делови на телото, заради функционирањето на културата.

Во популарната култура на 20 век само еден автор се осмели да пишува и да отпее сосема трубадурска, сериозна и нежна пофалба на тој тешко именуван, најмногу цензуриран дел од женското тело - Жорж Брасанс, францускиот шансониер. Неговата шансона се вика исто како и забелешката на Барт од споменатата книга, како и самиот трубадурски жанр, преземен од хералдиката: бласон, “грб”, збир ознаки на еден колектив, во овој случај на женскиот колектив. Брасанс го оправда својот гест со потребата најважниот дел од женското тело да се ослободи од вулгарните називи и конечно да добие “едно убаво христијанско име”. Барањето е целосно разбирливо во една култура обземена со јазична измазнетост како што е француската. Но, историски (всушност, праисториски), причината за ова поместување на точките на половото интересирање за човечкото тело, всушност, се наоѓа во конструирањето на човекот како двоножно суштество, единствено, осамено и ранливо во светот на животните, и како што изгледа, безнадежно уверено во својата моќ. Во таа конструкција, женските нозе преземаат комплексни, двострани мерила, естетска надградба, накусо, сите сеќавања за проблемите и талкањата на двоножниот културен напредок, на машките нозе, оставајќи застрашувачко културно сиромаштво. Можеби, на мажите добро би им дошло некој век на движење, работа и забава во долги здолништа, за и нивните нозе да добијат културна повеќезначност.

Женските нозе ја носат, покрај телото, и одговорноста за својата културна историја. Секој елемент на женската гестуалност околу нозете – подигнувањето на чорапите, повлекувањето на здолништето, прекрстувањето на нозете, собувањето на чевлите – зборува за една или повеќе фази од историјата на жените во културата. Комбинацијата од барањата на цензурата и сексуалноста од цела една генерација на стотина милиони кинески жени направила целосни инвалиди, чие секое автономно движење предизвикувало ужасни болки: стапалата морале да бидат мали, детски. Од “мали нозе” на девојчињата им го виткале, кршеле лакот на табаните, им ги гмечеле ножните прсти додека не атрофирале или отпаднале од гангрена, чија жртва би можела да биде и самата девојка. Дури кога веќе не можела да се служи со своите нозе, девојката била прифатлива за брак. Овој очигледно машки фантазам за малото, слабо и контролирано женско тело денес може да се препознае во изгладнетите и премлади манекенки. Во незаборавната бајка на Андерсен, Малата Сирена ги заменува својот божествен глас, пливањето и владеењето со водите за еден пар болни нозе со цел да се доближи до принцот што претходно го спасила од морето. Принцот, за волја на вистината, умее да цени убави нозе, но за себе избира социјално соодветна принцеза, која зборува што треба и каде треба. Соочени со можните судбини на Пепелашка и Малата Сирена, жените на 20 век досегнаа барем до тоа дека за губењето на гласот и обувањето стаклени чевлички можат и сами да одлучуваат.

Во популарните верувања, нестабилноста на нозете (куцањето) сè уште се поврзува со исклучителна сексуалност, и машка и женска. Во првата половина на 20 век, новиот вкус за благосостојба и луксуз смисли нозе во форма на шишиња со шампањ како идеален модел. Притиснати од сите страни со мускулести и скелетни примероци, жените денес тешко работат на тоа нивните нозе да изгубат секаква мекост и облини. Целулитот, тој спомен на плодните и корисни хормонски промени во женското тело, видлива историја испишана под кожата, стана манипулативен центар околу кој аморалната индустрија за убавина трупа пари. Наместо да го следат примерот на црните жени, кои на индустријата за забава и’ ги наметнаа своите специфични форми, и безгрижноста кон староста и дебелината на жените на Индија, муслиманскиот свет или Источна Европа, жените на западниот свет денес како да се најневротични од сите кога станува збор за нозете. Има ли лек за таа невротизација? Можниот одговор треба да се бара во здравството, класично или алтернативно, споредбената антропологија, анализата на модата и различните техники на опуштање и уредување на удобниот живот во единственото тело што го имаме. Но, можеби најважно од сè, женската освестеност за женската историја и женската култура, која може благотворно да ги релативизира сите обиди за манипулации, насочувања, потчинувања на жените, без разлика дали тоа го изведува некој друг, или тоа го прават самите на себеси.

Со други зборови, кога составниот дел на основното образование ќе има и малку женско (женска историја, женска култура, женски права), жените поцврсто ќе стојат на своите нозе.

Од Светлана Слапшак можете да ги прочитате и овие текстови:

Чоколадо

Филмската хероина на триесеттите

Читајте го Персеполис

Кичот

Bad

Женските ликови на Волт Дизни

Валентина Терјешкова

Европскиот претседател

Е ова е веќе нешто убаво...

Е ова е веќе нешто убаво... Ништо поубаво од женските нозе...

Најдобрите женски нозе се

Најдобрите женски нозе се оние раширените :-)

Слични содржини

Општество
Општество / Активизам
Општество / Книжевност / Живот
Општество / Балкан / Теорија

ОкоБоли главаВицФото