Индивидуалното и колективното во етнонационализмот (1)

29.11.2012 14:05
Индивидуалното и колективното во етнонационализмот (1)

Кога слушате како етнонационалистот жестоко ги брани своите погледи и уверувања, и притоа, се разбира, претерува во секој поглед, било да ги велича своите или унижува оние другите, едно од многуте прашања што се будат во вас гласи: зошто тој така зборува; дали тоа го прави од некои лични побуди, зашто неговата личност му диктира така да зборува, и во склад со тоа и да се однесува, или етнонационалистичките ставови ги изразува под притисок на одредени надворешни околности. Кога го поставувате тоа прашање вие, всушност, ја актуелизирате старата дилема: nature или nurtare, која практично секогаш искрснува кога треба да се одреди што е попресудно при одредувањето на нечии карактеристики, индивидуални преференции или одбојности - самата единка или влијанијата на средината. Дилемата, се разбира, е вештачка; помеѓу другото и зашто човек од првиот ден на животот им е изложен на надворешните влијанија. Тие надворешни влијанија стануваат интегрален дел од личноста во онаа мера во која ниедно живо суштество не се развива наполно заштитено од влијанијата на околината. И она што ни се чини како „чиста природа“, она што човекот го донел на свет, веќе претрпело влијание на средината во форма на исхрана на родилката, поради нејзините евентуални заболувања во текот на бременоста, психичката состојба на родилката, условите под кои е извршено породувањето итн.

Затоа ми изгледа соодветно порано изнесената дилема да се формулира на следниов начин. Колкаво влијание врз усвојувањето на етнонационалистичките ставови имаат, од една страна, индивидуално-психолошките, а, од друга, социјалните (економски, политички, итн.) чинители? Поинаку речено, во која мера тоа што некој, во покус или подолг период од животот ќе биде етнонационалист, ќе зависи од тоа каква е неговата личност, а во која од тоа во какви услови живее, со кого се дружи, на кои политичари им подарува (поголема) доверба, какви лични искуства има со припадниците на друга етнонационална група, итн.

Самиот факт дека епидемискиот етнонационализам, значи, етнонационализмот кој зафатил голем или најголем дел од припадниците на една (етно)национална група, има масовен карактер укажува на тоа дека индивидуалните разлики не се пресудни во настанувањето на етнонационализмот. Попрво би можело да се зборува за општа склоност на сите луѓе, без разлика, кон етнонационализмот, поточно, кон однесувачкиот образец сличен на етнонационализмот. Еднаш таа склоност се реализира во форма на парохијализам, друг пат во форма на трибализам, трет пат како етнонационализам, и слично. Во таа смисла Џорџ Орвел (1945) точно забележал: „Националистичките љубови и омрази... се дел од психолошкиот склоп на секого од нас, ни се допаѓало нас тоа или не.“

Без таа општа психолошко-антрополошка склоност кон однесувачкиот образец сличен на етнонационализмот, кој може да се смета како еден од основните услови за настанување на тој специфичен тип на однесување, мислење и чувствување кој, во соодветни историски околности, добива карактер на етнонационализам, не може да се објасни толку брзото ширење на етнонационалистичките страсти и ставови во етнички времиња.

Се чини дека она што во поширока смисла би можело да се нарече групен менталитет ја претставува таа психолошко-антрополошка основа врз која растат и парохијализмот и етноцентризмот и трибализмот и етнонационализмот, со почит за сите разлики меѓу овие појави. Она што, во психолошка смисла, е нивен битен именител е ние-тие синдромот: пристрасност, пријателски чувства, некритичност кон оние кои се припадници на истата група како и ние, и преголема критичност, одбојност, па и отворено непријателство кон оние кои не припаѓаат на нашата група, односно кои се членови на некоја друга група; претпоставувањето на нас пред нив, инсистирањето да се зачува нашиот идентитет, или идентитетот на она што е наше, со што појасна демаркација кон оние кои не се наши, и спремноста да се жртвуваме за од нив или од нивното да го сочуваме нашето.

Судирот меѓу групите е вечен. Се менуваат само видовите групи. Во таа смисла е точна забелешката на Ханс Магнус Енцесбергер (1994): „Себичниот интерес на делот од целината и ксенофобијата се антрополошки константи кои ѝ претходат на секоја рационализација. Нивното универзално присуство укажува дека тие се постари од сите познати општества.“

Станува збор, всушност, за психолошко-антрополошки втемелената спремност на луѓето да дејствуваат и реагираат во склад со диктатите на принципот пријателство кон внатре - непријателство кон надвор. Зависно од надворешните околности во поголема, и личните карактеристики на поединецот во помала мера, луѓето ќе го реализираат овој потенцијал, ќе почнат повеќе или помалку изразито и доследно да го искажуваат синдромов.

Покрај соодветните надворешни околности, посебните лични склоности на поединците кон однесувачкиот образец сличен на етнонационализмот, и групниот менталитет којшто, видовме, не е туѓ за ниеден човек, печат на етнонационализмот му даваат и за секоја (етно)национална група специфичните митови, колективните сеќавања, вредносните системи и традицијата. Нема етнонационализам без колективно име, мит за заеднички предок и златно доба на етнонационалната група сместена во древно минато, без единствен јазик и претензии кон одредена (света) територија која ѝ припаѓа само и исклучиво на таа етнонационална група. Конечно, секоја етнонационална група зачувувањето на својот културен идентитет го смета за единствена вистинска гаранција за својот опстанок.

Враќајќи се, сега, кон насловот на овој есеј должен сум да одговорам на прашањето дали постојат личности кои се повеќе склони да го прифатат етнонационализмот, кои побрзо и поподготвено реагираат на предизвиците на етнонационализмот (или парохијализмот, трибализмот, и слично). Одговорот е позитивен само ако на етнонационализмот не се гледа како на единствена појава која нема (само поинаку наречени) историски паралели, туку како на една специфична форма на однесувачки образец којшто, покрај ние-тие синдромот, помеѓу другото се карактеризира и со: антииндивидуализам; заговарање на што поголема униформност на погледите и чувствата меѓу членовите на заедницата; нетолерантност; деградирање на рационалното: зголемена подложност кон емоционални поттици; екстремизам; поедноставување на сложените односи; ослободување од индивидуалната одговорност и нејзино пренесување врз колективот; ригидност; склоност кон конформизам односно потчинување кон авторитет; агресивни чувства спрема оние кои се сметаат за инфериорни.

(...) Повеќе наклонети кон конформизам се личностите кои се чувствуваат базично несигурни и загрозени, кои немаат доверба во сопствените способности; понатаму, луѓето кои имаат потреба некој однадвор да ги насочува и контролира, како и оние кои се емоционално неспонтани, закочени.

Кога етнонационализмот ќе почне да се шири низ заедницата, а особено тогаш кога тој ќе стане социјален однесувачки стандард, повеќе склони побрзо и поообемно да одговорат на социјалниот притисок ќе бидат личностите со надворешно (а не внатрешно) место за контрола, потоа оние личности кои веруваат дека во различни социјални ситуации тие немаат повеќе можности туку само една како да се однесуваат, мислат и чувствуваат, и конечно, оние личности на коишто посебно им е важна сликата за нив во јавноста.

 

(кон вториот дел)

 

 

(Авторот е психијатар кој последниве 20 години живее во Австралија)

 

 

Слики: Ralph Pugay
Извор: Душан Кецмановиќ, Етничка времена, Београд 2001

 

Болни не сме, здрави уште помалку

Слични содржини

Општество / Психологија / Живот
Книжевност / Психологија / Живот / Теорија
Психологија / Живот / Теорија
Општество / Психологија / Живот / Теорија
Општество / Теорија

ОкоБоли главаВицФото