Зелени покриви, одржливи градови

29.11.2012 13:36
Зелени покриви, одржливи градови

Постојаниот пораст на урбаното население и фактот дека градовите по правило користат повеќе простори и ресурси во споредба со нивната физичка зафатнина го предизвикуваат проблемот на урбаната одржливост, што е едно од клучните современи прашања и важен предизвик. Животот во градот е обележан со дистанцирање од непосредната околина, што е видливо не само во недостигот од зелена површина, зголемената температура и загубата на биолошкиот диверзитет, туку и во дистанцирањето на производството на храна. Имајќи предвид дека тоа повлекува сложени духовни, културни и општествени значења, оддалечувањето на потрошувачите од произведувачите предизвикува еколошки, но и економски и општествени последици. Ејрес и Босиа (2011) сметаат дека со локално производство може да се покаже отпор кон неолибералната глобализација, што во последно време предизвикува сè поголем теориски и политички интерес. Имено, поединците, малите фармери и локалните заедници постепено го прифаќаат концептот на суверенитет на храната и на органското производство што го запазува биолошкиот диверзитет како одговор на глобализацијата на прехранбените системи, на индустриската и корпоративна производствена и аграрна криза, па и на кризата на прехраната и храната како нивни резултати.

Ако локализирањето на производството и потрошувачката на храна го примениме во контекст на градот, тоа може да се сфати и како манифестација на неколку сродни концепти на дејствување во урбаната средина. Харви (2008) го поистоветува прашањето за тоа каков град сакаме со тоа какви луѓе сакаме да бидеме, какви општествени односи бараме, какво секојдневие сакаме, која технологија ја сметаме за соодветна, какви естетски вредности застапуваме. Според него, правото на град значи многу повеќе од индивидуалниот пристап до ресурсите што ни ги овозможува градот – тоа е право да се менуваме менувајќи го и градот според нашите желби. Спорет Лефевр (1991), просторот се создава со просторна пракса, со репрезентација на просторот и со простор за репрезентација. Луѓето се оние коишто преку special practice би требало да го создаваат просторот, но истовремено тие се и под големо влијание на државно-капиталистичката логика и всушност се отуѓени од него. Со тоа нужно е поврзан и проблемот на културно неразвиеното знаење за природните простори, што го покренуваат Харт и Негри (2003) во својата теорија за улогата на биомоќта и биополитиката во производството на политичките субјективитети. Но, тие автори (2011) токму градот го разбираат како фабрика за производство на заедничкото, а поимањето на заедничкото, во тој случај, не се однесува само на земјата што ја делиме, туку и на јазиците што ги создаваме, општествените пракси што ги воспоставуваме и што ги одредуваат нашите односи итн. Значи, сметаат дека луѓето со своите дневни активности го создаваат општествениот свет на градот и на тој начин обликуваат нешто заедничко и достапно за сите, што пак, е предуслов за создавање нови (алтернативни) политички субјективитети.

Предностите на одгледувањето храна на покривите

Во ситуација во којашто градот е претворен во физички простор за акумулација на капитал и за материјализација на пазарниот вишок во трговијата со недвижности, во висок степен се загрозени традиционално користените простори за произведување храна, а во некои случаи тие дури и се недостапни. Една од можностите за произведување простор е користење на петтата фасада за таа цел, односно, претворање на покривите на зградите во обработливи површини.

Органското производство на покривите е еден од начините на коишто урбаните средини можат да се обидат да остварат балансирана и одржлива потрошувачка на ресурси. На покривите можно е да се произведат различни видови овошје, зрнести плодови и зеленчук, без оглед дали тоа се одвива во контејнери или на тлото. Со тоа што храната се произведува во непосредна близина на потрошувачите се елиминира потребата од транспорт од оддалечени подрачја, се намалува еколошката штета, а производите уште свежи стигнуваат до потрошувачите.

Одгледувањето храна на покривите е исплатливо и затоа што ги користи локалните ресурси: дождовницата и филтрираната отпадна вода од домаќинствата, соларната енергија и топлината што ја генерира зградата. Освен тоа, зелените површини на покривите ги одржуваат влажноста и квалитетот на воздухот, имаат поволно влијание врз микроклимата на градот и врз квалитетот на живот во непосредната околина.

Загадувањето е особено важен проблем за урбаното производство, но за среќа, најголемите загадувачи се тешките метали како оловото и издувните гасови на автомобилите. Бидејќи и двете се погусти од воздухот, храната што се одгледува на покривите високо над прометните улици сепак е заштитена во некоја мера.

Видови зелени покриви и градини на покривите

Зелените покриви се направени од видови лесни слоевити системи во коишто класичната површина на покривот се прекрива со супстрат за раст на растенијата што истовремено го штити интегритетот на објектите на коишто се наоѓа. Специфичните материјали зависат од видовите садници, но секоја градина на покривите има исти основни компоненти – непропустлива мембрана, противкоренска заштита, водоносен слој за дренажа, супстрат и растенија. Таквите покриви може да се поделат на екстензивни и интензивни. Екстензивните се полесни, не бараат многу нега и обично не се наменети за активно користење. Интензивните се слични на класичните градини и бараат и одредени архитектонски/градежни прилагодувања на самите објекти. На интензивните зелени покриви може да се сади овошје, зеленчук, дрвја и да се уредува градина. Се сади директно во тлото, при што неопходно е редовно наводнување, одржување и, понекогаш, заштита од сонце. Градините на покривите може да бидат сместени и во контејнери со различни големини што се поставуваат на површината на покривите; тие исто така служат за садење, при што не се неопходни посебни конструкциски зафати.

Но, градините на покривите не се новост. Веласкез (2005) зборува за тоа дека тие постојат уште откако луѓето почнале да градат населби. Косите ѕидови на зигуратите во Нани (околу 2100 г.п.н.е.) биле прекриени со дрва и растенија. Вавилонските висечки градини (меѓу 8 и 10 в.п.н.е.) се најраните примери на раззеленување на покривите. Постоеле и на средновековниот Блиски Исток и во ренесансна Европа. Ле Корбизје ги вклучил во своите проекти (toit-jardin), со цел зелената површина што била отстранета од земјата потоа да се врати со градење на зелени покриви. Исто размислувале и Франк Лојд Рајт и Роберто Бурл Макс.

Современите зелени покриви се појавиле во Германија во раните 1970 години, на иницијатива на група производители, пејзажни архитекти и универзитетски научници. Во книгата Roof Areas Inhabited, Viable and Covered by Vegetation од 1971 година, Герд Голвицер и Вернер Вирсинг ги наведуваат основните принципи на модерните покриви, а во 1972 година, Х. Ј. Лизек ги поставува темелите на интензивните зелени покриви во студијата Dach und Terrassengärten. Поширока примена на зелените покриви во Европа се случува во 1980-тите, кога во системите на покривите била поставена поусовршена коренска заштита, а биле изведувани со пософистицирани, посигурни и потрајни облици на конструкции.

Зелените покриви во различни средини

Постојат два успешни примери на њујоршки покриви што се претворени не само во обработливи површини, туку и во референтни точки за заедницата на градските произведувачи и потрошувачи на храна според принципот zero-food-mile. Се работи за органското производство во рамки на Brooklyn Grange Farm, изградена во 2010 година, сместена на врв на стара индустриска зграда во Квинс, и за Eagle Street Rooftop Farm, сместена на покрив на склад во Бруклин. Бен Фланер и Ени Новак, иницијаторите на овие фарми, имаат слични мотиви – да се употребат неискористените простори на покривите за фискално одржлив модел на урбано производство и за да се создава здрава и вкусна храна за локалната заедница, притоа правејќи нешто добро за екосистемот. Моментално, Brooklyn Grange со околу еден хектар обработливи површини на покривите на две фарми во Бруклин и Квинс, ги продава своите прехрамбени производи на околните ресторани, на членовите на community-supported agriculture (алтернативен, локално заснован социо-економски модел на производство и дистрибуција на храна), на локалните продавници и на дирекните потрошувачи на неделните распродажби. Меѓутоа, во тек на две години тие го зголемија производството и сега одгледуваат и кокошки носилки и произведуваат мед во пчеларници, каде што одгледуваат сопствени матици и одржуваат бесплатни обуки за пчеларство. Покрај тоа, нивниот непрофитен, едукативен оддел City Growers организира работилници во локалните училишта, институциите на локалните заедници и непрофитните организации, на тема урбано одгледување храна, чување на семето, користење на локалните производи во кујната...

И во Германија има многу различни примери на урбано производство на покривите – приватните градини во Карлсруе и Вендлинген, големата површина на покривот на Техничкиот музеј во Манхајм или Malzfabrik во Берлин, на чијшто покрив има стакларник за одгледување зеленчук, а во преостанатиот дел се одгледуваат риби.

Во Санкт Петербург, во рамки на програмата The Roof Top Gardening Program од 1993 година, е спроведено истражување на техниката на урбано градинарство од страна на ECHO (Educational Concerns for Hunger Organization). Како одговор на периодот на недостиг од основните прехранбени продукти во текот на 1980-тите, урбаните градини на покривите на големите, масивни бетонски блокови (во сопственост на државата) се наметнаа како нужно решение за задоволување на основните прехранбени потреби на луѓето што немаа пристап до обработливи површини надвор од градот. Проценето е дека само во еден градски кварт во текот на една сезона од 4 месеци, можно е да се произведат 2000 тони зеленчук.

Одгледувањето храна на покривите има значајни потенцијали за создавање одржливи градови, но и понатаму постои многу простор за истражување, стекнување практично искуство, едукација на јавноста и развој на свеста за предностите на одгледување храна во урбаните средини. Индивидуалните вложувања во потребната инфраструктура, во случајот со интензивните зелени покриви, веројатно не се многу исплатливи, но постои можност за здружување на заедницата во вложување и користење на заедничките простори, како и за поттикнување на градските институции да субвенционираат такви решенија, но и за комерцијални проекти што ќе задоволат дел од локалните потреби за храна и со тоа ќе станат значаен дел од заедницата.

Извор: Zarez

Слични содржини

Јавни простори / Екологија
Јавни простори / Екологија
Јавни простори / Екологија
Јавни простори / Екологија
Јавни простори / Екологија
Јавни простори / Екологија

ОкоБоли главаВицФото