Јајца

30.11.2012 08:04
Јајца

По слоганот „Засади ја твојата иднина“, очигледно се подготвува нов: „Оплоди ја својата сегашност“. Очекувам наскоро да биде прогласен и Ден на наталитетот, каде што сите заедно ќе ја оплодуваме сегашноста, за подобра иднина. Или, ако баш сакате, за иднината да ни биде трудна. Се разбира, како и секогаш, пример ќе ни даде државниот врв. Со своите придружни вокали, јасно. Министерот за образование и наука Панче Кралев веќе рече дека лично ќе се потруди за зголемување на наталитетот на нацијата. А кога тој лично се труди, тогаш навистина станува трудно.

Прославата на Албанците по повод Денот на знамето, некој ја нарече „Марш на орлите“. И имаше право. Само што тоа не се однесуваше на Албанците кои парадираа низ Скопје, небаре ја слават стогодишнината од ВМРО, туку токму на она што се нарекува државен врв. Имено, во Скопје беа двајца странски државници, а од врвот ни трага. Сите измарширале некаде, а премиерот ја летнал дури до Америка. Вистински орел.

Нема информации што бара Никола Груевски во Америка, ниту пак слушнав некакво официјално соопштение. Нема информации дали и таму поработел на развојот на нивната живинарска индустрија, како што тоа го направи пред некој ден во Албанија. Сепак, Американците немаат обичај да ги гаѓаат странските туристи (макар биле и премиери на држави) со јајца. Тоа можат само да го направат нашите од дијаспората. Ако им се дава по некое јајце. Онака, за наталитетот во татковината.

Значи, албанскиот премиер Сали Бериша беше во Скопје. Но, за жал ја пропушти шансата да се види повторно со својот македонски колега и да биде исто пречекан како Груевски во Тирана. За волја на вистината, ако сакаш некого да гаѓаш со јајца, тогаш треба да имаш - јајца. Македонија е изгледа во дефицит со оваа стока.
Делува парадоксално, ама токму најагресивниот дел од албанската популација, оној што носеше најголеми албански знамиња и оној што ги палеше македонските знамиња, направи многу повеќе за почитување на македонското знаме кај Македонците од 
која  било „патриотска“ кампања на ВМРО-ДПМНЕ. Имено, дури ни владеачката партија не го „мирисаше“ особено македонското државно знаме, а оние што ќе сакаа да покажат некакво патриотско чувство, редовно го истакнуваа знамето со 16-кракото сонце. Дури и на спомениците од „Скопје 2014“ никаде не може да се види мотив на македонското државно знаме. Но, секогаш е тоа така со Македонците. Некој нешто мора мошне силно да замрази, за ние да го засакаме.

Знамето, според некои дефиниции, не е ништо друго туку парче ткаенина што од некои, во принцип непознати, причини буди јаки емоции кај човекот. Но, затоа автомобилот е мошне конкретна работа, која буди уште посилни емоции. Ќе им го простевме ние палењето на знамињата на славениците-Албанци, ама палењето на автомобилите... Па, автомобилите ни по потекло, ни по технологија, ни по ништо - не се македонски. Напротив, главно се американски и од земјите на Европската Унија. А има толку многу убави работи по главниот македонски град што вредеа да се запалат. Верувам дека во едно такво прочистување „низ оган“ ќе им се придружеа многу Македонци и така ќе го зацврстевме соживотот. Вака, не ни останува ништо друго туку и на следните избори да ги избереме истите политички елити за да можеме да си ја довршиме работата.

По уште еден екстремно успешен Ден на дрвото, партијата ДОМ, претпоставувам загрижена за тоа што ќе се прави со толку многу дрвја, покрена иницијатива за „посвојување на дрвата“. Претпоставувам дека станува збор за „пробен балон“ - како треба да се постапува, откога и акцијата за наталитетот ќе доживее волшебен успех. „Кој посвои едно дете, ќе добие дрво – гратис“! Сепак, сè некако мислам дека додека Македонија се грижи за својот наталитет, до тогаш за Европа нема зима. Ќе има редовен прилив на луѓе: од политички азиланти до високообразувани и стручни кадри. Раѓајте мајки деца, Европа ќе ги посвои. Иднината на Европа е веќе - засадена.

Што се однесува до нас, ние не треба да се грижиме дали ќе имаме зима или ќе немаме. За тоа се грижи АД „Топлификација“, односно ние веќе и среде лето имаме зима. Еве, „Макпетрол“ најави дека нема да ја снабдува повеќе „Топлификација“ со гориво поради неплатени долгови. Тоа значи дека е ставено под знак прашање греењето во Скопје. Јас можам да се обложам во сите дрвја на Лилјана Поповска дека скопјани нема да почувствуваат разлика од периодот кога АД „Топлификација“ ги греела со периодот кога веќе нема да ги грее. Разликата ќе се почувствува кога ќе им застуди во Регулаторната комисија, па кога ќе ни дадат уште еден новогодишен подарок.

Тука нема ништо спорно. „Топлификација“ не може да ја извршува својата основна функција, па затоа треба да и’ помогнеме. Освен ако не станува збор за уште една мудра стратегија на Владата во функција на зголемување на наталитетот. Но, како што веќе констатиравме, за да се зголеми наталитетот потребни се јајца. А ние сме во хроничен недостиг од овој артикл. Затоа предлагам што поскоро да се зафатиме со акцијата „посвој радијатор“, за да можат дрвата од нашата иднина да ја извршат својата функција.

Извор: Глобус
Слика: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото