Индивидуалното и колективното во етнонационализмот (2)

30.11.2012 14:36
Индивидуалното и колективното во етнонационализмот (2)

Од сите типови на личност таканаречената авторитарна личност најдолго и најмногу го привлекува вниманието како оној тип на личност кој најповеќе го предиспонира поединецот за тој, во соодветни социјално-економски и политички околности, да се однесува етнонационалистички. Односот меѓу авторитарната личност и етнонационалистичкиот однесувачки образец може, затоа, најдобро да послужи за анализа на учеството на индивидуално-персоналното и социјалното (колективното) во етнонационализмот.

Во годините по Втората светска војна, група научници во Америка, предводена од Теодор Адорно (1950), доби задача да идентификува тип на личност, доколку таков воопшто постои, кој има склоност да се однесува, верува и чувствува онака како што тоа го правеле протагонистите на национал-социјализмот во Германија. По повеќегодишно истражување тие утврдиле дека постои таква личност, и ја нарекле авторитарна личност.

Кои се основните карактеристики на авторитарната личност? Авторитарната личност е склона кон конвенционализам. Таа инсистира на почитување на доминантниот групен стандард. Бидејќи нема сопствени внатрешни критериуми и ставови, авторитарната личност мора да ги прифаќа и почитува конвенциите. Без надворешна поддршка (авторитетот на некоја личност или јавно мнение), таа не е во состојба да каже што е исправно, а што не е, и затоа конвенциите и’ се основни ориентири. Затоа, впрочем, таа и сака да му се потчинува на водач (авторитарна субмисивност).

Авторитарната агресивност е тесно поврзана со авторитарната субмисивност. Таа се насочува кон оние за коишто смета дека се инфериорни, а тоа по правило се оние надвор од групата.

Авторитарната личност исто така е ригидна во емоционална и когнитивна смисла. Ригидноста, стеснувањето на полето на интерес и на критичката свест е поврзано со уште две склоности на авторитарната личност, а тоа се склоностите кон предрасуди и стереотипи.

Ригидноста и склоноста кон стереотипи не и’ допуштаат на авторитарната личност никакви двоумења, уште помалку разбирања за нијансите, за сите оние погледи и оцени кои се наоѓаат во широкото подрачје помеѓу црното и белото. Затоа авторитарната личност не може да избегне да ја фалсификува стварноста, која подразбира разноликост на формите и мноштво премини помеѓу две или повеќе крајности.

Ако ги имаме на ум карактеристиките на етнонационалистичкиот менталитет, односно основните принципи на националистичката идеологија, нема да ни биде тешко да ја воочиме сличноста помеѓу авторитарното и етнонационалистичкото. Авторитарната личност ги отфрла и презира оние коишто ги смета за слаби, нечесни, неморални. Националистот го прави истото, сметајќи дека сите такви се припадници на ривалската етнонационална група. И авторитарната личност и етнонационалистот се ригидни, склони кон себевеличање, морализам, конвенционализам, дихотомизација, предрасуди и стереотипи. И едниот и другиот не поднесуваат дилеми, то ест, го сакаат јасно, црно-бело структурираниот свет.

Адорно и соработниците во авторитарната личност ја идентификувале онаа личност која поподготвено од другите луѓе одговара на антидемократската и антисемитската пропаганда. Дали авторитарната личност поподготвено и побрзо реагира и на националистичката пропаганда?

Секое разгледување на односот на авторитарната личност (карактер) и национализмот неизбежно го придвижува многу поширокото прашање за односот помеѓу личноста и средината. Како што е познато, овој однос различно се интерпретира во склоп на различни концепции и теории. На пример, Ерик Фром (1949), настојувајќи да го концептуализира односот меѓу општеството, општествената структура и поединецот, ја воведе категоријата на општествениот карактер којшто го делат, повеќе-помалку, сите луѓе од одредена заедница. Во општествениот карактер се содржани интернализираните општествени барања, и затоа тој заправо посредува помеѓу поединецот и општеството, обезбедувајќи ја трајноста на конкретен општествен однос.

Враќајќи се кон прашањето за односот меѓу авторитарната личност (синдром, карактер) и социјалната средина, ми се чини дека постојат повеќе форми на овој однос.

Прво, динамиката на односите во семејството го вообличува авторитарниот карактер на детето, односно подоцна возрасниот човек.

Ваквата личност би одговарала на авторитарната личност којашто ја опишуваат Адорно и соработниците. Таа би поседувала потенцијал за прифаќање и развивање на фашистички ставови, бидејќи поподготвено од другите луѓе би одговарала на антидемократските, првенствено етноцентричките поттици, то ест, на пропаганда, и тоа тогаш кога постои јасен авторитет кој испраќа пораки, и тогаш кога се наоѓа во стресно социјално опкружување.

Второ, авторитарното однесување претставува норма (стандард) во одредена социјална средина, и луѓето се однесуваат авторитарно не под притисок на внатрешните потреби туку за да не стрчат, за да бидат како и повеќето луѓе околу нив.

Живеејќи во средина во која авторитарното однесување претставува норма, луѓето се привикнуваат на авторитарниот однесувачки образец, и потполно го усвојуваат.

Трето, авторитарниот однесувачки образец претставува вид на прилагодување на одредена група, слој, да речеме, припадници на одредена социјална класа кон социјалниот амбиент; поточно, авторитарниот образец е одговор на нивната посебна положба во општествената структура.

Четврто, еден број луѓе, а како последица од различни, што емоционално-когнитивни, што воспитно-образовни чинители и околности, чувствува дека е некомпетентен, несигурен, неспособен да најде потпирка во самиот себе. Ваквите луѓе во авторитарниот однесувачки образец гледаат начин за надминување на посочените непријатни чувства или барем начин за успешна борба против нив.

Ваквите луѓе можат самите, спонтано да го развијат авторитарниот однесувачки образец или пак мошне подготвено и брзо да реагираат на секоја социјална промоција („понуда“) на авторитарниот однесувачки модел.

Најпосле, петто, актуелните социјални, економски, политички случувања во една средина можат кај еден или повеќе жители на заедницата да предизвикаат слични чувства, то ест, чувства на несигурност, дезориентираност, загрозеност, некомпетентност, помала вредност. Таквите чувства се јавуваат во луѓето за време на распадот на големите нормативни системи, распад на државни заедници, или кај посилно слошување на економската ситуација, нагласен и брз пад на животниот стандард на најголем број од луѓето.

Авторитарниот образец, благодарение на неговите инхерентни карактеристики, може да се јави како реакција на таквите чувства, поточно, како форма на обид за ослободување од таквите непријатни чувства.

(...) Да заклучам, односот помеѓу индивидуалното и колективното во етнонационализмот е циркуларен, а не линеарен. И уште нешто. Воопштеното разгледување на овој однос не мора да биде добар водич во барањето одговор зошто тој и тој човек станал етнонационалист. Сакам да кажам дека кон точниот одговор на прашањето за односот помеѓу индивидуалното и колективното можеме да се приближиме дури со анализата на секој поединечен случај на искажување етнонационалистички ставови и верувања. Имено, во секој посебен случај е специфична големината на учество на персоналното и (социјалното) колективното во секое поединечно искажување на етнонационализам.

(Авторот е психијатар кој последниве 20 години живее во Австралија)

Слики: Ralph Pugay
Извор: Душан Кецмановиќ, Етничка времена, Београд 2001

кон првиот дел

сличен текст
Болни не сме, здрави уште помалку

Слични содржини

Општество / Психологија / Живот
Книжевност / Психологија / Живот / Теорија
Психологија / Живот / Теорија
Општество / Психологија / Живот / Теорија
Општество / Теорија

ОкоБоли главаВицФото