1039 hPa
75 %
2 °C
Скопје - Чет, 16.01.2025 23:59
1 декември 2012, Хаг
На вчерашното рочиште, со едногласна одлука, судиите од Хашкиот суд ја прогласиja Мајка Тереза за виновна за злосторства сторени против човештвото, за време на мисијата во Калкута. Клучен доказ за судиите беше изгледот на нејзиниот спомен дом во Скопје.
„Ако спомен домот одговара на делото на Мајка Тереза, тогаш без никакви сомнежи таа е злосторник“, изјави судијата со македонско потекло Правдољуб Кадиевски, додавајќи дека и покрај пресудата, не е изречена затворска казна, од практични причини.
Во образложението на судиите стои дека носителката на Нобелова награда за мир всушност ширела и водела војна, војна против сиромаштијата, и тогаш ги извршила злосторствата.
Одлуката на Хашкиот трибунал наиде на одушевување во Калкута, каде беше организирана голема прослава. Особено еуфорични беа просјаците и бездомниците, а градоначалникот на Калкута отворено го повика Вангел Божиновски да биде автор на планираниот спомен-затвор во градот.
Пресудата на Трибуналот во заедничко писмо ја поздравија Анте Готовина, Младен Маркач и Рамуш Харадинај, кои најавија хуманитарна воена мисија во Индија и отворање болница за пресадување органи.
„Конечно еден вистински злосторник да биде осуден“, радосно изјави Харадинај за Пара вести.
Веднаш откако беше соопштена пресудата на Хашкиот суд, Нобеловиот комитет реши постхумно да и’ ја одземе Нобеловата награда за мир на Мајка Тереза, затоа што новите докази покажуваат дека не ја заслужува.
„Како злосторник, Мајка Тереза повеќе не може да биде носител на Нобеловата награда за мир и затоа и’ ја одземаме. Ја променивме одлуката и решивме носител на наградата за 1979 година да биде армијата на САД, која во следните години низ целиот свет ја докажа својата ревносна борба за мир во светот“, изјави Пацифик Смиренсен, еден од членовите на Комитетот.
Вангел Божиновски, авторот на спомен домот на Мајка Тереза ја поддржа одлуката на судот и најави дека тоа е одличен повод за интервенции врз куќата и доградба на уште еден кат.
„Надградбата во висина од еден кат ќе биде во затворски стил, со решетки, како симбол на казната што сега Мајка Тереза би ја отслужувала, а еден дел од веќе изграденото ќе се обои со црна боја “, објасни Божиновски.