1025 hPa
77 %
14 °C
Скопје - Сре, 16.10.2024 08:59
Просто не постои судир помеѓу партијата и бизнисмените. Напротив, постои многу скапоцена кохезија за која укажуваат сите докази. Нивните интереси се истоветни бидејќи и партијата има душа на капитал и нејзината желба е оплодување на вредноста.
Просечната профитна стапка на НР Кина
Мајкл Робертс, автор на книгата „Големата рецесија“ (2009)[19], открива дека имало три циклуси на профитабилност. Меѓу 1978-90, имало покачување како што капиталистичкото производство се проширувало преку реформите на Денг и отворањето за трговија со странство. Но, од 1990 година до крајот на таа декада, имало пад, како што прекумерното инвестирање забрзало и другите стопанства, особено во светот во развој, искусиле низа кризи (Mексико 1994, Aзија 1997-1998, Јужна Америка 1998-2001). Опаѓачката профитна стапка потоа била придружена со забавување на стапката на раст на БДП. Потоа од околу 1999 година па натаму, имало пораст на профитабилноста, што било причина за значително извишување на стапката на стопански раст на Кина како што светската економија исто така се проширила со кредитно потпомогнат чекор.
По 2007 година, кризата на светскиот капитализам ја снижилa кинеската профитабилност. Растечките плати не биле во склад со зголемените продажби во странство, па стапката на вишок на вредност нагло паднала (зелена линија) додека инвестициите во средства за производство (фиксен капитал) останале високи (црвена линија). Според тоа, профитабилноста опаднала.
Неминовно ова имало штетен ефект врз растот на БДП, бидејќи профитите ги водат инвестициите и инвестициите го водат растот, особено во Кина.
Нееднаквост и пауперизација
Нееднаквоста на богатството и приходот под кинеската НЕП никогаш порано не била толку лоша. Џини коефициентот на Кина, индекс на доходовна нееднаквост, според Сун Липинг, професор на пекингшкиот Универзитет Цингхуа, пораснал од 0.30 во 1978 година кога комунистичката партија почнаla да го отвора стопанството кон пазарот на 0.46. Кинескиот Џини коефициент растел повеќе од кое било друго азиско стопанство во последните две децении. Растот на нееднаквоста е делумно резултат на урбанизацијата на стопанството како што руралните селаните се селат во градовите[20].
Но, растот на нееднаквоста е исто така делумно резултат на црвената буржоазија која ги контролира лостовите на власта и во исто време допушта некои кинески милијардери да цутат[21]. Најбогатиот кинески капиталист Лианг Венген[22], инаку кандидат за Централниот комитет на комунистичката партија на Кина, чесно си признал: „Мојата сопственост, дури мојот живот, припаѓаат на Партијата“[23], одговарајќи на прашањето на новинарите околу судирот помеѓу интересите на партијата и него самиот како бизнисмен. Но, просто не постои судир помеѓу партијата и бизнисмените. Напротив, постои многу скапоцена кохезија за која укажуваат сите докази. Нивните интереси се истоветни бидејќи и партијата има душа на капитал и нејзината желба е оплодување на вредноста. „Каде што самата држава е капиталистички производител, како во експлоатацијата на рудници, шуми, итн., нејзиниот производ е стока и оттука ја поседува специфичната особина на секоја друга стока“ (Маркс).
Јазот на нееднаквост меѓу урбаните и руралните области во Кина е вџашувачки. Во 2002 година, распределбата на доход по глава како во урбана (Џини = .32) така и во рурална Кина (Џини = .38) била поголема од вкупната национална бројка (Џини = .40). Во 2002 година, размерот на просечниот урбан доход спрема руралниот доход по глава достигнал 3:1, што аналитичарите Кан и Рискин го опишуваат како „отстапувачки и речиси невиден во светот во развој“[25].
Руралната нееднаквост би била многу повисока ако не беше крајната егалитарна распределба на земјата во Кина, која се разбира, е производ на нејзината земјишна реформа или колективизација, како и на постојните ограничувања на развојот на пазарни сили во земјоделството.
Во капиталистичкиот развој што погоди многу Кинези, бројот на пролетери кои кинеската влада ги класифицира како оние кои заработуваат помалку од 75 долари годишно, се зголемил во 2004 година за прв пат во 25 години од 800 000 до 30 000 000 луѓе, иако стопанството растело до 9%[26]. Сепак, бројката од 30 000 000 е сериозно ниска проценка. Пореална бројка за 1998 година, користејќи го меѓународниот стандард од 1 долар ПКМ (паритет на куповна моќ) и прилагодувајќи ја поточно на инфлацијата, дава размер од 103 000 000 до 187 000 000 рурални пролетери и од 5 500 000 до 15 000 000 урбани пролетери[27].
Кинеската извозно ориентирана индустријализација имплицирала четири нови вида на нееднаквости. Прва, областите со рудници на јаглен каде што нееднаквоста растела далеку побргу од остатокот на државата. Втора, бидејќи поголемиот дел од новата извозно ориентирана индустријализација се случила во градовите и во брзо урбанизираните помали градови и предградијата, јазот меѓу урбаните и руралните средини се проширил. Трета, капиталистите и менаџерите на извозно ориентираните претпријатија и оние кои им обезбедуваат финансии, инфраструктура и потрошувачки стоки, се збогатиле далеку повеќе од работниците кои напорно и тешко работат, понекогаш на раб на психички слом, во нивните фабрики. Четврта, појавата на меѓународно конкурентен сектор го зголеми притисокот врз државно и колективно поседуваните претпријатија, што резултирало со нивно затворање, невработеност, несигурност за статусот на вработен, намалена социјална помош и надолен притисок врз платите[28].
Класите во кинеското општество
Кина е раководена од елита која ја интегрира политичката, економската и интелектуалната власт. Политички, таа содржи државни службеници и бирократи од врвно и средно ниво и водечки службеници на властите од средно ниво. Економски, таа се содржи од менаџери на големи државни претпријатија и банки и сопствениците и извршните директори на големи претпријатија од приватниот сектор. Во сојуз со овие е мала група на интелектуалци – кои специјализираат во наука, технологија, економика и менаџмент – од универзитетите, владините тинк-тенкови или приватни претпријатија. Оваа елита брои околу 7.000.000 членови, која претставува околу 1% од вработеното население[29]. Кинеската средна класа се содржи од околу 110.000 000 луѓе, околу 16% од работната сила. Владините практики намерно помогнале да ја изградат новата буржоаска претприемачка класа на Кина. На пример, во одредени места малите претприемачи биле почестени од локалните влади со застрашувачко големи заеми за да ги прошират своите бизниси. Особено во јужна Кина, владините службеници самите се впуштиле во лов на профит, понекогаш со партнери од странство, понекогаш не. Тие исто така се збогатиле уценувајќи ги новосоздадените капиталисти.
„Модерната држава, каков и да е нејзиниот облик, во суштина е капиталистичка машина, држава на капиталистите, идеален колективен капиталист. Колку повеќе производствени сили таа презема во своја сопственост, толку повеќе станува вистински колективен капиталист, толку повеќе државјани експлоатира. Работниците остануваат наемни работници, пролетери“ (Енгелс)[30].
Со структурните реформи имплицирани од кинеската НЕП, вработеноста во државниот сектор се намалила на околу 75.000.000 во 2001, од нејзиниот максимум од 110.000.000 во 1995 (Statistical Yearbook of China 2002) и станала понесигурна, бидејќи многу претпријатија отпуштиле голем број работници или дури банкротирале. Помал и брзо смалувачки индустриски сектор поседуван од локални власти вработувал 12.400.000 работници во 2001, додека во 1991 година тој број на вработени изнесувал 36.300.000 (Statistical Yearbook of China 2002). Вработеноста во приватниот сектор, во претпријатија поседувани од странски капитал и оние со заедничко вложување, бргу растела, особено во 1990-те, достигнувајќи 21.400.000 во 2001 година споредено со речиси никаква вработеност во приватниот сектор пред една декада и 9.400.000 во 1996[31].
Во 2001, Кина имала 325.000.000 луѓе вработени во земјоделството (Statistical Yearbook 2002). Оние во области со добри природни услови можат да преживеат од земјоделство, макар што земјоделскиот приход е толку низок што земјоделците кои имаат добар стандард го одржуваат преку вработување надвор од земјоделските дејности.
Постои и растечки лумпенпролетаријат од проститутки, наркозависници и криминалци, како и членови на банди. Мнозиството од нив доаѓаат од урбаното невработено или пауперизирано рурално население.
Економска несигурност и мизерни социјални услуги
Руралните комуни биле уништени до 1983 година, а реалниот изглед за економска несигурност се вратил за многу земјоделци. Меѓу 40.000.000 и 60.000.000 земјоделци немаат воопшто земја да ја обработуваат. Десетици милиони со премалку земја за да преживеат мигрирале во градовите каде, ако имаат среќа, можат да најдат работа, често во експлоататорски претпријатија (таканаречени sweatshops), во растечки неформални и дури илегални сектори, или со градежна мафија. Живеат во гета во перифериите на градовите, фабрички спални (за кои ќе дадеме краток опис во делот „Црниот биланс на жртви на капитализмот“), или на нивните градежни места во бараки или едноставно надвор на отворено. Во тешко погодените фабрички градови како тие од североисточна Кина, проценките за невработеноста се движат до 25%[32].
Работниците кои биле отпуштени од претпријатијата кои сè уште работат добиваат месечна социјална помош од неколку стотина јуани. Оние чии претпријатија биле целосно затворени можат да се квалификуваат за мал надомест за отпуштање од работа. Исто така постои „социјална помош од минимален доход“ за крајно осиромашени урбани семејства кои немаат други средства за егзистенција. Во 2005 година централната влада ја зголемила социјалната помош. Оние со најмали средства, како телевизор купен во деновите кога тие имале работа, немаат право на социјална помош. Просечната месечна социјална помош е само 56 јуани (околу 7 долари), што не е доволно да се купи храна, да не зборуваме за облека. Сепак, околу 4-5% од урбаните средини – 21.000.000 до 26.000.000 луѓе – ја добиваат оваа социјална помош.
Во едно истражување на села во четири региони, образовните трошоци за семејства со деца во училиште се движат од 12% до 35% од издатоците. Семејствата се задолжувале меѓу 29% и 175% од доход по глава за да ги покријат овие трошоци. Трошоците за здравствена нега се движат меѓу 5-14% од доходот на семејствата и тие земале заем меѓу 48% и 320% од доход по глава за да ги покријат овие трошоци. Четириесет и еден процент од домаќинствата – и меѓу 65% и 100% од сиромашните домаќинства – морале да се задолжат кога имале искуство со крајна потреба, шок или друга економска тешкотија како повреда на вработено лице во семејството. Само 33% имале доволни заштеди за да надминат криза и само 2.5% добивале владина помош[33].
„Националната влада не беше способна да реализира одредени приоритетни програми како што е општо основно образование – Кина е сè уште со години далеку од обезбедувањето девет години бесплатно образование за сите деца што беше замислено да се реализира за 2000 година[34]“ . Особено меѓу сиромашните, не изненадува што посетувањето на училиште опадна, најмногу меѓу девојчињата. Бројот на девојчиња кои посетуваат училиште опаднал од 65.000.000 во 1980 година до 57.000.000 во 1990 година, а се зголемил само на 62.000.000 до 2000 година, иако женското население пораснало до 27 проценти низ периодот од дваесет години. Во 2001 година, стапката на неписменост била 24 проценти за жените, а само 8 проценти за мажите[35].
[19]Линк до онлајн верзија на книгата: http://gesd.free.fr/mrob2009.pdf
[20]Од 1953 до 2001, додека населението на Кина само се удвои, процентот на градско население се зголеми три пати од 13 на 38%, така што бројот на градското население се зголеми седум пати, до близу половина милијарда. Бројот на големите градови се зголеми пет пати, на скоро 700, а постојните градови значително се зголемија по површина.
[21]Кина брои околу 900.000 милијардери и мултимилионери, кои како што самите признаваат, воопшто не се погодени од економската криза. Ова го покажа најновиот извештај на „Хурун репорт“, институција која детално ги следи и објавува извештаите за богатството во Кина. Просечниот кинески богаташ е на возраст на околу 40 години, ужива во производите на „Картие“, уметнички слики и голф, вози „мерцедес Р500“, а покрај стан, има барем уште една вила или селски куќички за одмор. И покрај сето ова, на кинеските богаташи многу им е побитен општествениот статус отколку богатството. Во Кина денес живеат 825.000 Кинези мултимилионери, кои се финансиски тешки повеќе од 10 милиони јуани и 51.000 милијардери. Најголем број кинески богаташи го избрале Пекинг за живот - 143.000 мултимилионери и 8.800 милијардери. Следува Шангај со 116.000 мултимилионери и 7.000 милијардери. На списокот на градови со најголем број т.н. нови аристократи се и Хангжу, Шенџен, Ченгду и Шенјанг.
[22]http://www.forbes.com/lists/2011/74/china-billionaires-11_rank.html
[23]http://www.chinadaily.com.cn/china/2012cpc/2012-11/12/content_15919473.htm
[24]http://www.cia.gov/cia/publications/factbook/fields/2172.html
[25]Azizur Rahman Khan and Carl Riskin, Inequality and Poverty in China in the Age of Globalization, Oxford: Oxford University Press, 2001.
[26]http://english.people.com.cn/200407/21/eng20040721_150336.html
[27]Lucia Hanmer, “Growing Inequality and Poverty in China”, China Economic Review, 2004.
[28]Mary Gallagher, Contagious Capitalism, Princeton: Princeton University Press, 2005.
[29]He Qinglian, “A Listing Social Structure”, London: Verso, 2003.
[30]Карл Маркс и Фридрих Енгелс, Дела, Том 31. Београд: Просвета, 1974, 213-4.
[31]Statistical Yearbook, table 5.10.
[32]Murray Tanner, “Protests Now Flourish in China”, International Herald Tribune, 2004.
[33]Sarah Cook, “Seeds of Discontent: Insecurity, Welfare and the Failure of Public Provision in Rural China”.
[34]Christine Wong, “Can the Retreat from Equality Be Reversed? Assessing Fiscal Policies toward Redistribution from Deng Xiaoping to Wen Jiabao”, 2004.
[35]Marc Blecher, China Against the Tides, London, 2003.
(продолжува)