Окно анкета за СК014 (14)

03.12.2012 12:57
Окно анкета за СК014 (14)

Прашањата на Окно
1. Кое дело од многуте скулптури, споменици и згради од СК014 би го издвоиле како симбол или квинтесенција на целиот проект?
2. Што друго би издвоиле од проектот, во позитивна или негативна смисла?
3. Вашето мислење за целокупниот проект СК014?


Роберт Алаѓозовски, теоретичар на културата

1
Тешко е да се издвои едно дело, кандидати за крал на глупоста, кичот и етно-национализмот се повеќе. Воинот на коњ е централна фигура во проектот. Ако центарот на Скопје е симболичкиот центар на татковината тогаш разулавениот воин со кренат меч, е срцевината на симболичниот поредок. Македонското битие, според овој проект, е разјарен милитаризам, освојување на светот со меч и копја. Пострашна порака за карактерот на земјата не може да се испрати. Но, истовремено, среде тие разјарени лавови и воини во битка, провејува панаѓурскиот кичерај на евтино осветлување, „Сите бои убаво ми стојат“, распенавени млазови и класични напеви, а костимираните аматери треба да ви го направат впечатокот убав, таман за споменарска фотографија.
Баналноста на амбициозниот кич ве тера да се смеете, но суровоста на пораката и реалното упропастување на цивилизациската шанса на народот, пљачкосувањето на неговата иднина, ви оставаат тешка горчина во устата.

2
Освен оваа централна фигура, најстравично е уништувањето на модернистичкото наследство на градот, преоблекувањето на зградите од соседството во неокласично руво, особено уништувањето на зградата на Владата, тоа мало архитектонско ремек-дело. Се разбира некои скулптури се тотално апсурдни, како величењето на Олимпија, или онаа танцувачка двојка антички фигури, надвор од секаков историски канон, како од панаѓурска кутија на навивање.

3
Најморбидната замисла на еден провинциски ум, чист хитлеризам на едно мало диктаторче од предградието. Олицетворение на тотално погрешното читање на кодот на современоста и историјата.


Сеад Џигал, комуниколог

1
Иако Воинот на Букефал со својата масивност и грандиозност некако се наметнува како епицентар на Скопје 2014, мене најинтересни ми се лавовите на мостот Гоце Делчев. Од една страна е миметичкиот лик на едниот пар лавови кој сака да ја долови природната форма на овие благородни и аристрократски животни кои чиниш се симнале од Шар планина, а од друга страна е футуристичкиот пар лавови кој како да излегол од некој манга цртан филм. Во таа смисла тие многу верно ја отсликуваат растечката сегрегација во оппштеството, борбата на контрастите, поделбите и другите форми на дивергенции, така што се еден вид споменичка реификација на секојдневието.


2
Не ми се допаѓа што Воинот и Филип II се одделени, односно се еден спроти друг во однос на реката Вардар. Пак се поделија симболите на вечната Македонија, пак се симболизира некаков раздор, јаз, поделеност. Мислам дека Воинот, Филип II и Олимпија требале сите да бидат на едно купче на плоштад и така да се симболизираат семејните вредности и важноста на единството.

3
Несомнено се работи за фабулозно и грандиозно проектно здание кое од Македонија прави центар на светот, како што го откри пред некој ден и една национална телевизија. Никој на светот нема вакво единство на различности, ваков невиден синкретизам на стилови, ликови од сите милиенуими, херои познати на сите меридијани. Убаво е што така се сите на едно место, па кога туристите доаѓаат не мора многу да шпартаат низ Македонија, туку така што се вели на лесна нога можат да ги видат сите херојски споменични зданија кои ја красат Македонија. Вака заштедуваме на средства за изградба на патиштата, кои не се толку потребни кога с
è што е важно е тука на едно место во Скопје, и можеме тие заштедени средства на патишта да ги вложиме во правење уште повеќе споменици.

Многумина критикуваат дека е поважно да се обноват, на пример, тоалетите во училиштата и болниците, но чуму тоа? Кога доаѓаат странци и нашинци да ја посетат оваа земја, дали можеби одат да ги гледаат тоалетите таму или нашиот прекрасен плоштад? Затоа е важно да го сочуваме образот на оваа прекрасна земја, да нè знаат само по добро, да ни се восхитуваат, а ние да се жртвуваме и да вложиме во естетиката, а за другите работи како хигиената, здравјето, образованието, да се стегнеме малку.

Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото