На исток ништо ново (4)

04.12.2012 10:48
На исток ништо ново (4)

Црниот биланс на жртви на капитализмот (работноцид)

„Капиталот умира ако секое утро не ги подмачкувате круговите на машинеријата со човечка лој“ (Жил Вале)

Времето додека работникот работи, е време во кое капиталистот ја троши купената работна сила. Ако работникот го троши своето расположиво време за себеси, тогаш тој го поткраднува капиталистот. Значи, капиталистот се опира на законите на стоковната размена. Тој, како и секој друг купец, се обидува да извлече од употребната вредност на својата стока колку што се може поголема полза[36] (при недостаток на енергија цената на јагленот расте, што ги тера некои бескрупулозни рударски инженери во Кина да ги соборуваат рудничкот јаглен). Туку ненадејно се крена гласот на работникот, кој се беше заглушил во шумот и вревата на процесот на производството:

Штом кинеската влада во пролетта 2006 година отвори 30-дневен јавен период за коментари по однос на предложениот закон за работни односи[37], таа примила близу 200.000 коментари, повеќето од обичните работници. Но, Волмарт и другите корпорации, вклучувајќи ги Гугл, UPS, Microsoft, Најк, AT&T, и Интел, дејствувале преку Американската трговска комора (AmCham) и други индустриски здруженија за да се обидат да го блокираат кинеското законодавство коешто значајно би ја зголемило моќта и заштитата на работниците.

Оваа корпорациска кампања противречи на оправданијата коишто биле дадени за јавните политики кои ги охрабруваат корпорациите да инвестираат во Кина. Корпорациите во САД повеќе пати барале зголемување на човековите и работничките правни стандарди во странство. На пример, Американската трговска комора во Хонг Конг тврдела од нејзините „универзални принципи“ дека „американскиот бизнис игра важна улога како катализатор за позитивна општествена промена промовирајќи човекова благосостојба и гарантирајќи дека го потпомага достоинството на работниците и дека дава позитивни примери за нивно наградување, третирање, здравје и безбедност“. Но, корпорациите во САД се обидуваат да го блокираат законодавството скицирано посебно за да го подобри наградувањето, третирањето, здравјето и безбедноста, и други стандарди за кинеските работници.

Предложеното законодавство на Кина нема да ги отстрани нејзините работнички проблеми. Законот нема да им го обезбеди на кинеските работници правото на независни синдикати со водачи според нивен сопствен избор и правото да штрајкуваат. Но, странските корпорации го напаѓаат законодавството не затоа што тоа им обезбедува на работниците премалку заштита, туку затоа што тоа им обезбедува премногу. Навистина, предложениот закон може силно да ги охрабри работниците да се организираат да бараат принудување на правата коишто тој ги нуди. А изгледот на независен, организиран труд во Кина ги примора корпорациите да се организираат и себеси.

Кампањата на корпорациите против законот започна набрзо потоа, предводена од страна на три главни организации коишто ги претставуваат странските корпорации кои делуваат во Кина: Американската трговска комора во Шангај (којашто претставува над 1.300 корпорации), Бизнис советот на САД-Кина (којшто претставува 250 американски компании, кои делуваат низ сите сектори во Кина), и Трговската комора на Европската Унија во Кина (којашто претставува повеќе од 860 членови). Сите три ѝ испратиле на кинеската влада опширни напади кон предложениот закон. Ставот на Американската трговска комора во Шангај се движи до 42 страници[38].

Капиталот на XXI век не е помалку развиен принуден однос, туку може да се каже сосема оправдано дека тој далеку повеќе го надминува својот претходник по својата енергија, безмерност и ефикасност како цедач на вишок на вредност и експлоататор на работната сила. На ослободувањето на капиталот му неопходи приклештување на трудот меѓу ајкулестата челуст на капиталот. Работниците во фабриката „Фокскон“ во јужниот кинески град Шенжен произведуваат електронски компоненти за iPhone на Apple и за iPad. Во 2010 година 10 работници извршиле самоубиства. Имало други два обиди за самоубиство. Сите смртни случаи биле адолесценти меѓу 18 и 25 години.

Долгите часови, ниските плати и високиот притисок направиле таму неподнослива работна средина. Според кинеските медиуми, причината за самоубиствата е чувството помеѓу работниците дека тие се машини. Многу од нив започнуваат да работат во 4 часот наутро, па поминуваат низ движења повторувани илјадници пати во текот на своите често долготрајни смени.

„Во секоја смена ние завршуваме 4000 Dell компјутери, цело време стоејќи“, вели еден работник од Фокскон за весникот „China Labour Watch“. Една смена обично трае помеѓу 10 и 12 часа и вработените се жалат дека надгледувачите ги присилуваат на воена дисциплина. Zhang Ming, политиколог на Народниот универзитет на Кина, изјавил дека работниците емоционално реагирале како тие да биле машини или резервни делови. „За повеќето мигрантски работници родени во 1980-те и 1990-те години, неподносливо е да живеат во место без културна средина и општења со своите пријатели. Тие се психолошки слаби. Инцидентите со самоубиствените скокања низ прозор во Фокскон се повици за живот“[39].

Заедничките спални соби на работниците се опремени со заштитни мрежи, фотографирани во индустрискиот комплекс на Фокскон во Шенжен. Фокскон ги постави мрежите и вработи психолози поради големиот број самоубиства кои го достигнаа максимумот во 2010 година со барем 10 смртни случаи. Годишниот извештај Supplier Responsability на Apple, прв пат објавен во 2007, ги истакнува и проблемите и напредокот на своите испорачатели на производи. Во 2012 година, евиденциите во 93 постројки на испорачатели покажаа дека повеќе од половина од вработените ги пречекориле границите на работната недела од 60 часа. Триесет и седум постројки немале систем да осигурат дека работниците земале барем еден слободен ден во неделата. Критиките за работните услови беа остри, вклучително и истражувањето на New York Times објавено во јануари оваа година.


Мрежи за самоубијци поставени под балконите на заедничките спални соби на вработените во Foxconn на Аpple


Жена чекори под самоубиствена мрежа во фабриката на Foxconn

Работничката од Фокскон со која разговарал авторот Мајк Дејзи, надвор од портите на фабриката чувана од стража со пушки, било 13 годишно девојче. Таа го полира стаклото на илјадници нови Ајфони дневно. Тринаесетгодишната работничка одговорила дека Фокскон нема обѕир спрема возраста на работниците што ги вработува. Има инспекции на лице место, одвреме-навреме, но Фокскон секогаш знае кога тие ќе се случат. И пред да дојдат инспекторите, Фокскон само ги заменува младоликите работници со постари.

Во првите два часа надвор од фабричките порти, Дејзи запознал работници кои кажале дека тие имаат 14, 13 и 12 години (заедно со многу постари). Дејзи пресметал дека околу 5% од работниците со кои тој зборувал се малолетни.

Тој посетил други фабрики во Шенжен, претставувајќи се како потенцијален муштерија. Тој открива дека повеќето фабрички погони се огромни простории исполнети со 20.000-30/000 работници во секоја од нив. Просториите се тивки: Нема машини и не е дозволено да се зборува. Кога трудот е обезвреднет толку ниско, нема зошто да се произведува на поинаков начин освен рачно.

Кинескиот работен „час“ е 60 минути – не како американскиот „час“, кој генерално содржи паузи за Фејсбук, тоалет, телефонски повик и нешто малку разговор. Официјалниот работен ден во Кина е 8 часа долг, но стандардната смена е 12 часа. Генерално, овие смени се зголемуваат на 14-16 часа, посебно кога има многу нови апарати да се изработат. Додека Дејзи бил во Шенжен, еден работник од Фокскон умрел после работење од 34 часовна смена.

Работниците остануваат во заеднички спални соби. Во 12-на-12 цементно кубна соба, Дејзи избројал 15 кревети, наредени како фиоки до таванот. Американците со нормална големина не би ги собрало.

Синдикатите се незаконски во Кина. Секој кој ќе биде откриен дека се обидува да создаде синдикат е испраќан во затвор. Дејзи разговарал со десетици (поранешни) работници кои тајно поддржувале синдикат. Една група зборувала за користењето на „хексан“, чистач на мониторот на Ајфон. Хексанот испарува побргу од другите чистачи на монитори, што овозможува производната лента да се движи побргу. Хексанот исто така е невро-отровен. Рацете на работниците кои му раскажувале за тоа им се треселе неконтролирано.

Некои работници не можеле да работат повеќе бидејќи нивните раце биле уништени работејќи го истото нешто стотици илјади пати за време на многу години (mega-carpal-tunnel). Ова можело да биде избегнато ако работниците имале ротирачки работни места. Штом работничките раце повеќе не работат, очигледно, тие се бескорисни.

Една поранешна работничка побарала од нејзиното претпријатие да ѝ плати за нејзината прекувремена работа, а кога нејзиното претпријатие одбило, таа отишла во бирото за работни односи. Бирото за работни односи ја ставило на црн список којшто циркулирал до секое претпријатие во регионот. Работниците на црниот список се жигосани како „белјаџии“ и претпријатијата не сакаат да ги вработуваат.

Еден работник ја скршил својата рака во метална преса во Фокскон. Од Фокскон не добил медицинска грижа. Кога раката на работникот оздравела, со неа не можел повеќе да работи. Па тие го отпуштиле. (За среќа, работникот бил способен да најде нова работа, во пилана. Часовите таму се многу подобри, вели тој, само 70 часа неделно). Овој работник, патем, ги изработувал металните рамки на Ајпадите во Фокскон. Дејзи му го покажал својот Ајпад. Работникот никогаш порано не видел Ајпад. Го држел и си играл со него. Рекол дека е „магичен“.

Од горниот пример произлегува дека луѓето се отуѓени од производот на трудот[40], процесот на производството[41]  и од самите себе[42]. Овие луѓе ја губат контролата над нивната сопствена егзистенција во систем потчинет на економски закони над кои тие немаат контрола. Тие економски закони се имплицирани од приватната сопственост над средствата за производство според кои трудот е насочен кон производството на стоки (што е, стоковна размена на пазарот) и самиот труд како таков е стока. И ако парите се „моќ да се управува трудот на другите“, како што вели Адам Смит, и бидејќи капиталистите имаат повеќе пари од работниците, тие можат да ги употребат овие пари за да вработат работници да работат за плати. Не без основа Маркс го поистоветува капиталот со вампир. „Капиталот е мртов труд, што оживува како вампир само со исцицување жив труд, и толку повеќе живее, колку што ќе исцица од него“[43].

„Продолжувањето на работниот ден преку границите на природниот ден до во ноќта дејствува само како палијатив, само донекаде ја гаси вампирската жедност за живата крв на трудот. Затоа присвојувањето на трудот за сите 24 часа е иманентен стремеж на капиталистичкото производство“[44]. „Буржоаскиот поредок...стана вампир кој ја цица крвта на работничките срца и мозоци и ги фрла во алхемичарскиот казан на капиталот“[45].

Таканаречените „sweatshops“ или буквално преведени како „фабрики во кои се експлоатираат работниците“ се ‘рбетот на вампирската приватно-сопственичка класа. Стоките кои се произведуваат во овие фабрики бараат малку технологија или скапа инвестиција, меѓутоа терминот „sweatshops“ го добил своето име од работните услови под кои таквите стоки се произведуваат. Во нив минијатурни, флексибилни изработувачи – главно жени, понекогаш и деца – се подјармени на долги работни часови, присилна прекувремена работа и немилосрден шаблон на работа во смени. Платите често се под нивото за опстанок, а работната средина е нездрава, опасна и понекогаш застрашувачка. Безбедноста на работно место во голема мера не постои и тие кои протестираат или се организираат како одговор на тоа ги губат своите работни места, често без опомена. Такви „sweatshops“ во Кина се „Umbro“ и „Mizuno“. „Umbro“ е приватно поседувана британска компанија во која на работниците им се одбива времето додека биле болни. Ако работниците ја напуштат фабриката тие губат плата за издржување од еден месец. „Mizuno“ е јапонско акционерско претпријатие, во кое работниците парично се казнуваат поради оштетени производи. Им се исплаќа наемнина од парче која варира според тоа колку работа сака менаџментот да извршат[46].

Подземните експлозии во кинеските рудници често се должат на недостаток на вентилациска опрема што го отстранува гасот кој се цеди од лежиштето на јаглен. Според официјалната статистика, повеќе од 5000 работници загинале во експлозии, поплави и пожари во кинеските рудници во 2004 година. Минатата година Кина произвела 35% од светскиот јаглен, но известила за 80% од глобалните смртни случаи при несреќи во јагленокопите. Оваа индустрија во приватна сопственост исцицува животи на 15 рудари дневно во првите девет месеци од 2004 година, според официјалната статистика. Кина има два вида рудници: големи, управувани од државниот менаџмент, кои општо се оценети како побезбедни, и помали приватнопоседувани рудници каде што се случуваат поголемиот број на смртоносни инциденти. При недостаток на енергија цената на јагленот расте, што тера некои бескрупулозни рударски инжинери да го соборуваат рудничкиот јаглен[47].

(продолжува)

Кон првиот дел
Кон вториот дел
Кон третиот дел


[36]Карл Маркс, Капиталот, том први, Мисла, Скопје, 1975, стр. 211.
[37]http://www.troutmansanders.com/files/Publication/da0358e9-71d3-4370-82dc-5344756922ba/Presentation/PublicationAttachment/99cc8c35-65ae-4be2-b84e-63fec7baa708/TS%20China%20New%20Labor%20Contract%20Law%20Overview.pdf
[38]Jeremy Brecher, Tim Costello, Brendan Smith, „Labour Rights in China“, Post-autistic economics review, 41, 2006.
[39]Clifford Coonan, "Tenth worker at iPad factory commits suicide", Independent, 26 May 2010.
[40]„Политичката економија принципиелно меша два сосем различни вида приватна сопственост, од кои едната почива врз сопствениот труд на производителот, а другиот врз експлоатацијата на туѓ труд. Таа заборава дека последниов не само што е директна спротивност на првиот, туку и дека расте само врз неговиот грб“ (Карл Маркс, Капиталот, том први, Мисла, Скопје, 1975, 667).
[41]„Мора да се признае дека нашиот работник излегува поинаков од процесот на производството од каков што влегува тој во него. На пазарот тој стапува како стопан на стоката – „работна сила“ – спроти други стопани на стоки, како стопан на стока спроти стопан на стока. Договорот, со кој тој му ја продава својата работна сила на капиталистот, докажува, така да се рече црно на бело, дека тој слободно располага со самиот себе. По склучената трговија се открива, дека тој не бил сосем „слободен агент“, дека времето(,) што му е слободно за да ја продаде својата работна сила, е време во кое тој е присилен да ја продава неа, зашто вистински неговиот вампир не го пушта сè додека останува за исцицување уште еден мускул, уште една тетива, уште една капка крв“ (Карл Маркс, Капиталот, 1975, 268.).
[42]„Времето додека работникот работи, е време во кое капиталистот ја троши купената работна сила. Ако го троши работникот своето расположиво време за себеси, тогаш тој го поткрадува капиталистот“ (Карл Маркс, Капиталот, 1975, 211).
[43]Ibid.
[44]„...Но, бидејќи е физички невозможно да се исцицуваат истите работни сили без запир преку целиот ден и ноќ, тогаш е нужно, за да се отстрани оваа физичка пречка, да се заменат работните сили истрошени дента и ноќта, смена што допушта различни методи, на пр. да биде така наредено, што едниот дел од работниот персонал едната недела да биде на дневна работа, а другата недела на ноќна работа итн.“ (Карл Маркс, Капиталот, 1975, 230-1).
[45]Карл Маркс и Фридрих Енгелс, Дела, Том 11. Београд: Просвета, 1975, 164.
[46]"Claiming connections: a distant world of sweatshops?", First published: 2010-01-15. Open University.
[47]"Chinese mine explosion kills 203", BBC News, First published: 15 February, 2005.

ОкоБоли главаВицФото