Урбаното градинарство како стратегија

05.12.2012 10:12
Урбаното градинарство како стратегија

Урбаното градинарство и партиципацијата како стратегија

 

Уште од настанувањето на градот, воспоставен е традиционалниот систем на поларитетите „град – рурално опкружување“, при што токму на руралното опкружување со коешто господари градот како центар на моќта, му припадна функцијата на произведување храна. Иако низ историјата постојат многу случаи каде што храна се произведувала и во градовите, сепак доминантна е токму наведената функција.

Со цивилизацискиот развој, преку низа аспекти, постепено се брише границата меѓу селото и градот. Со тоа значиетлно се трансформира традиционалната улога на руралното опкружување, така што влегува во криза и сè повеќе потпаѓа под процесот на индустријализација на производството на храна. Овој процес е под доминација на сопствениците-трговци, придружен со сите еколошки, здравствени, културолошки, економски па дури и политички консеквенци што ги носи со себе зависноста од големите производствено-трговски системи, чија што иманентна цел е профитот и заработувачката. Последиците од ова се, на пример, загадувањето на храната (вештачко ѓубриво, пестициди, GMO итн.), трајното одржување преку замрзнување, дополнително зреење во складовите или во текот на транспортот, а со тоа сè повеќе се доведува под прашање хранливата вредност на храната. Сето ова претставува еден нов вид отуѓување, за којшто Маркс не ни сонувал.

Идеолошките и општествените движења во последните децении во светот, а особено последните години, развиваат различни концепти што можеме да ги сведеме под поимот урбано градинарство. Тие концпети ги преиспитуваат како традиционалната поделба на функциите во подсистемот и системот „град – рурално опкружување“, така и сè поголемата современа доминација на индустриско-трговските системи.

Идејните извори на движењата за урбаното градинарство не можеме (барем не доследно) да ги извлечеме од класичните економски, еколошки, културолошки и други теории и концепти, туку она што можеме да го направиме е да ги бараме можните извори, без оглед на досега декларираните мотивации, во современите теории (и идеологии) од различни дисциплинарни провиниенции, пред сè, во еколошките и антрополошките. Да наведеме само некои:

Системските теории на катастрофата (еколошки аспект) коишто предвидуваат распад на планетарниот систем, па со тоа и на прехранбениот, и од нив произлезените идејни реакции коишто ја истакнуваат неопходноста од превентивно обезбедување неопходни количини (здрава) храна за преживување.

Социо-политичките теории на односите на моќта (еколошки аспект) што произлегуваат од отпорот кон индустриското производство на храна, односно од големите производствено-трговски системи, што ги диктираат критериумите за квалитетот на храната и нејзината хранлива вредност (или барем прифатливиот минимум).

Антрополошките теории (еколошки аспект) што настојуваат да ги формулираат начелата на развој на околината што би овозможиле стимулирање на остварувањето на иманентните потенцијали на комплетните човечки битија (биолошко-симболичките, што ќе ги обликуваат како битија и на природата и на културата), што подразбира учење и одржување на активен (и партнерски) однос со елементите на природата и производство на храна на „природен“ начин сфатен како темел на самоодржувањето (одржливоста).

Антрополошките теории (културолошки аспект) што настојуваат да ги формулираат начелата на развој на околината како „дом“, со којшто можат да се идентификуваат човечките битија, не само во прехранбена, туку и во емоционално-симболичка смисла и така да ги надвладеат облиците на отуѓување.

Право на здрава храна

Овие и некои други теориски концепти имаат и утописки карактер во извесна мера, барем како real-утопии. Но, во секој случај, движењата за урбаното градинарство се исклучително актуелна еколошка, економска и културолошка, на крајот, и политолошка тема. Тема што длабоко навлегува и во прашањето на човековите права, на пример, правото на здравје (сè уште не е соодветно кодификувано), што го вклучува и правото на здрава храна (воопшто не е кодификувано), а можеби во иднината, и правото на сопствено производство на храна за свои потреби (особено во критични услови).

Во постоечките услови во светот, во коишто неизвесно е да се потпреме на државните и владејачки структури (често компромитирани и беобѕирни) и на нивната отпорност на притисоците на светските лобирања за дистрибуција на храната (што ги наметнуваат и начините за нејзино производство), освестеното население е изложено на дилемата: дали да се бори со легални и демократски средства за озаконување и официјализирање (на ниво на држава) на производството на храна што е здрава, економски прифатлива и што потекнува од локални ресурси или да се сврти кон сопственото индивидуално производство за индивидуални потреби и тоа во градовите, и така да постигне независнот од производството и дистрибуцијата на храната што е обликувано од односите на моќта во светот и внатре во самите држави. Ова особено доаѓа до израз во можните кризни (економски или воени) околности, чијшто степен на веројатност не е занемарлив. Да не ги спомнуваме и останатите еколошко-културни апсекти, што исто така се значајна компонента на движењето за урбано градинарство.

За второто решение (производство на храна во градовите), предуслов се погодните терени. Тоа се слободните и незагадени приземни земјени површини, но и покривите и заедничките тераси на зградите за колективно живеење. Овие вторите може да се користат за ваква намена по постигнувањето заеднички договор меѓу сопствениците и станарите, а огромен дел од овие површини остануваат приземни земјени површини чиешто користење зависи од општествено условените одредници (соодветните закони, прописи, процедури, одлуките на извршната власт, урбанистичките акти, различните заштитни мерки итн.) Заинтересираните за урбаното градинарство не можат без соодветната согласност да се служат со овие површини законски и по договор, т.е. без ова не можат да ги претворат во површини погодни за производство на храна.

Избор на стратегија

Освен дефинирањето и објавувањето на основните теориско-идеолошки премиси што го оправдуваат стремежот кон производство на храна во градовите, на субјектите мотивирани за такво производство (во постоечките околности) им претстои изборот на стратегија за постигување на таа цел. Ако се обидеме да го скицираме спектарот можни стратегии, можеме да ги сместиме меѓу два екстрема: дејствување без оглед на постоечките законски одредби, сопственички односи итн. на едниот пол и подлегнување на сите до сега важечки и постоечки законски рамки, правни пракси и идеолошки позадини, на другиот пол. Тоа е, на првиот пол, стратегијата на сквотерството, самоволното заземање на погодни површини, без оглед на нивниот правен статус и можната веќе одредена општествено-планска намена, и со тоа, воспостување на една илегална (герилска) состојба внатре во актуелниот систем, односно, друга форма на практикување на дирекната демократија. На другиот пол, тоа значи вклучување во макотрпниот, во моменталните околности, често безизлезен пат на постигнување на целта во рамки на постоечките законски, плански и раководни пракси и односи на моќ. Меѓу тие два пола, треба да се спомене барем една „средна“ можнсот, а тоа е, на некои од можните начини, легализирано привремено користење.

Пред да се одлучат за една од можните стратегии, или за комбинација од повеќе, заинтересираните субјекти би требало да спроведат барем почетна иницијална анализа на сите последици од секоја стратегија одделно и на веројатноста на нивната успешност на краток и долг рок, најмногу поради избегнување на залудниот влог на енергија во борба со слаби изгледи за успех, за да се оствари промислен избор на стратегија што најверојатно и најлесно води кон реализација на основните цели. Предуслов за добра и промислена одлука е дефинирањето на идеолошката основа како почетна точка за која било делотворна стратегија. Тоа ќе даде солидни темели за аргументацијата на која било варијанта на борба, со кој било вид и ниво на државни и општествени инстанци.

Што се однесува до наведените основни стратешки насоки, корисно е да се анализираат не само разликите, туку и сличностите. Ако тргнеме од сквотерството, можеме да констатираме дека и покрај поченото самоволие и пркос кон постоечките закони и статуси на површините, и самото сквотерство во крајна линија, тежнее кон легализирање на состојбата постигната по пат на сквотерство. За ова постојат низа успешни примери на Балканот и во светот, во коишто иницијалната илегална герила постигнала легализиран статус, често со многу значајни, пред сè културни, достигнувања. Во тие процеси на легализацијата се оствари, на специфичен, сквотирачки начин, начелото на партиципацијата. Најпрво по иницијатива на малцинството, за на крај да се постигне договор меѓу сите релевантни субјекти и сите заинтересирани.

Стратегијата на легализирање на привременото користење, спомената како една „средна“ можност, воопшто и не може да се оствари без договор и паритципација на сите релевантни и заинтересирани субјекти. За неа, начелото на остварување на партиципацијата е иманентно.

Методот на партиципацијата

Стратегијата на моментално пропишаниот пат за постигнување на целта преку соработка во просторно-урбанистичко-планските процеси може да се потпре на елементите на сегашната озаконетост на партиципатијата, која всушност е само формално озаконета, но во соодветните закони е недоволно разработена, па не се спроведува во пракса, барем не доволно и не вистински. Затоа заинтересираните субјекти често се доведуваат до нови, невообичаени идеи и пракси, до риење во живиот песок на бирократијата и до подлегнување на односите на моќ коишто влијаат врз одлуките на релевантните субјекти на власта. За оваа стратегија неопоходно е да се развива во рамки на борбата за реализација на вистинските можности на партиципацијата, за соодветните законски решенија и процедури што го овозможуваат тоа. За ова пак, потребна е споменаната соодветна идеолошка основа на аргументацијата.

Без оглед на предностите и недостатоците на поединечните опишани (и многуте можни) стратегии и нивните можни комбинации, заедничко им е начелото и методот на партиципација, без коешто ниедна стратегија, во крајна линија, нема изгледи за успех. Тука треба да се спомене основното начело на партиципацијата во процесите на развој на (веќе изградената) околина, а тоа е дека партиципацијата значи активно учество во заедничкото одлучување на сите заинтересирани и релевантни субјекти што соработуваат во процесите на развој на (веќе изградената) околина уште од самиот почеток па до крајот на секој процес на интервенирање во затекнатата околина и нивна рамноправна позиција во информирањето, следењето, договарањето и заедничкото одлучување. Примената на ова начело би значела и промена на менталитетот на владеење и управување, што е долготраен процес. Затоа која било од наведените стратегии значи и борба за остварување на вистинско применување на партиципацијата, што ниедна стратегија, ако сака да успее, не може и не смее да ја занемари, туку неизбежно мора да ја инкорпорира во себе.

Што се однесува до облиците на партиципација, веќе од досегашната пракса се познати: дејствување преку граѓанските иницијативи, здруженија, локална самоуправа, градските и општински собранија итн. Можните методи опфаќаат широк спектар: од теориско промислување, вклучување и дејствување преку постоечките облици и институции по пат на предлози и претставки, па до притисокот по пат на јавни демонстрации, дејствување преку дирекната демократија и сквотерство на соодветните површини.

На крајот на оваа скица може да се заклучи дека проблемите на создавање на градски градини и производството на (здрава) храна во градовите се тесно поврзани со проблемите на партиципацијата, па со цел да успеат и едното и другото, мора заедно да се промислуваат и практикуваат. Покрај тоа, практикувањето на урбаното градинарство би требало да се развива и во промислувањето на вклопувањето во пошироките (посеопфатни) концепти на комплетниот развој на градскиот пејсаж и на културата на живеење.

Извор: Зарез

Слични содржини

Јавни простори / Екологија
Активизам / Екологија
Јавни простори / Екологија
Јавни простори / Европа / Екологија
Јавни простори / Екологија
Активизам / Јавни простори / Екологија

ОкоБоли главаВицФото