На исток ништо ново (5)

06.12.2012 10:38
На исток ништо ново (5)

Прометејскиот дух на кинеската работничка класа

Les grands ne nous paraissent grands
Que parce que nous sommes à genoux
Levons nous!
(Loustalot)

Кинеската работничка класа не стои на колена наспроти декадентните услови и губењето на нејзините права кои ги добила низ децениска борба и жртвување во Културната револуција. Кинеската НЕП само ја потврди државата како отуѓување која ги регулира општествените работи според интересите на посебната, економски најсилната, владејачка класа, а нејзините функционери, професионалните политичари, како сила над општеството, и класите како основен облик на социјалното отуѓување низ класен антагонизам и класна борба. Дури министерот за јавна безбедност објави бројки признавајќи дека „масовните инциденти или демонстрации и бунтови“ се зголемиле до 74.000 во 2004 година, повеќе од само 10.000 пред една деценија, и 58.000 во 2003 година (New York Times, August 24, 2005).

Со отворањето на Кина за глобалниот пазар, селаните се соочија со присилно распуштање на руралните комуни, а земјата беше продадена од локалните власти на инвеститори без соодветна компензација за селаните, што фрли стотици милиони во сурова борба да пронајдат постојана работа да заработуваат за живот. Преку 100 милиони од нив станаа дел од масовна миграција кон градовите, барајќи работа во градежништвото, новите извозно ориентирани фабрики или највалканите и најопасни работни места каде што отсуствуваат дури најосновните работнички права. Злоупотребувајќи ја оваа масовна миграција од руралните области во градовите, властите со искусни и сигурни методи на „подели и владеј“ ги позиционираат селаните и урбаните работници едни против други.

Острината на овие поделби е потврдена од искуството на работниците во фабрика за опрема за пренос на електрична енергија во Женгжоу, каде главните судири се случиле во 2001 година. Кога претпријатието било продадено и поделено, полицијата ги уапсила демонстрантите ноќе, упаѓајќи како крадци во фабриката и ја одзеле машинеријата. Исто така властите донеле селани за педесет јуани дневно да ја извлечат опремата. Ова резултирало со долга борба. За да се избегне реакција на јавноста кон градските власти кои ја користат полицијата да извршува валкана работа, селаните биле вработени како убијци, кои носеле заштитни кациги и користеле оружје за да ги тепаат работниците. Околу триесет камиони со петстотини селани-штрајкбрехери пристигнале, што е пример за она што се случува ширум Женгжоу. Еден активист раскажал дека кога работниците во фабриката го заѕвониле ѕвоното, „сите излезете!“, проследило четиричасовна борба на селаните наспроти работниците на 24 јули 2001 година. Работниците победиле тој ден, бидејќи работници од други фабрики дошле на помош – па сите заедно биле 40 000 работници. Иако осум работници биле уапсени и обвинети за уништување приватен имот, тие исто така имале законска помош и капиталистите изгубиле повторно. Како што еден работник ја објаснил ситуацијата, повикувајќи се на правата што тие ги имале во добата пред кинеската НЕП: „Нашите закони, Маовите закони беа испочитувани. Имаше толку многу работници што владата се исплаши“.

Размерот на работничката акција ги присилил властите на дистанцирање, но под притисок од капиталистите, работниците биле повторно уапсени, овојпат со полиција за јавна безбедност за да се заобиколат судовите, и имало десетдневна борба со селаните. На овој начин, капиталистите и квазикомунистичките власти ги злоупотребиле селаните да ги истераат работниците од фабриката, и веднаш распродале сè, отпуштајќи 5.600 луѓе. Потоа тие ја срушиле фабричката зграда, како и работничките спални, и ја предале земјата на приватен инвеститор, кој изградил продавница и станбена зграда. Сега, без работа или дом, секој се плаши да ја продолжи борбата. Полицијата одвреме-навреме дејствува без униформа, повеќе како банда што ги штити капиталистите, дури со користење ножеви. Во една грнчарска фабрика, толпа скоро до смрт го претепала лидерот на работниците, но квазикомунистичките власти допуштиле тоа да се случи и ги игнорирале жалбите после инцидентот.

Акции на трудот од голем размер растат и ширум руралните средини, од време на време извојувајќи локални победи, но често завршуваат со апсење и затворање на лидерите. Иако подобрувањето на руралните услови сега е официјална владина политика – барем на хартија – кршењето на селанските протести може да биде дури побрутално, како во случајот со убивањето на околу дваесет селани во Донгжоу, во провинцијата Гуангдонг, во декември 2005, кои протестирале против несоодветна компензација за земја присвоена за електрична централа.

Наспроти поделбите и препреките, постои можност работниците во градовите и селата да пронајдат заеднички јазик за да се обединат во борбата против капиталот, со оглед на тоа дека селаните стануваат сè повеќе гневни и нивните услови се приближуваат до тие на урбаните работници и како што мигрантите стареат и се соочуваат со влошувачка ситуација. Активистите, кои помагаат да ги организираат работниците од работничка класа по себе во работничка класа за себе, се обидуваат да ги обединат работниците и селаните, но тоа е долг и тежок процес, којшто само што започнал да го затвора јазот меѓу работниците и селаните.

Важно е да се истакне дека овие работници имаат класна свест дека овие постројки, машини и фабрички згради им припаѓаат ним. Како што еден работник објаснил, фабриката за производство на опрема за пренос на електрична енергија била „изградена со потта на работниците“ и тие не сакале да им бидат одземени и дадени на капиталистите, односно приватизирани. Според работниците, фабриката припаѓала на целата нација и била дел од заедничката стопанска акумулација од страна на целата работничка класа. За време на Мао, работниците исто така имале одредена контрола над фабриките, тие „можеле да ги практикуваат своите идеи и да бидат сослушувани“. Ова го достигнало својот зенит во текот на Културната револуција. Тогаш „тие биле лидерите, работничката класа сама за себе се претставувала во тоа време“, но сега никој не ги слуша и тие немаат власт. Овој работник посакува борба на кинеската работничка класа против (квази)комунистичката партија и капиталистите и повторно работниците да се вратат на патот кон изградба на бескласно општество. Тој се надева дека работниците во Кина полека ќе се вратат на овој пат, во кој случај тие би требале на крајот да победат. Но, тој исто така предупредил дека ако сегашното движење наскоро не достигне повисоко ниво, помладите работници ќе го сметаат само како економска борба за „подобри услови“.
„Наместо конзервативното мото: „Праведна дневница за праведен работен ден!“, работниците треба да ја напишат на своето знаме револуционерната максима: „Укинување на наемниот систем!“ (Маркс)

Ленинистите, истите тие ленинисти кои гадно ја заебаа работничката класа со Лениновата НЕП од која се изроди медузиното лице на капитализмот во вид на мит за „пазарен социјализам“ и потоа се трансформира во вистинско дерење месо и соголување душа на работниците, нè укоруваат: „И убаво си напишал Маркс во извадокот што го споделуваш со нас: Наместо конзервативното мото: „Правична надница за праведен работен ден!“ РАБОТНИЦИТЕ треба да ја испишат на своите знамиња револуционерната максима: „Укинување на наемниот систем!“.

На иронија на овие ленинисти, Ленин во својот памфлет „Што да се прави?“, напишан во 1901-02, изјавил: „Историјата на сите земји покажува дека работничката класа, исклучиво со свои сопствени напори, е способна да развие само свест за синдикат, односно уверувањето дека е неопходно да се комбинираат синдикати, да се бори со работодавците и да се настојува да се принуди владата да воведе неопходно работно законодавство, итн. Теоријата на социјализмот, сепак, изникнала од филозофски, историски и економски теории коишто биле разработени од образовани претставници на сопственичките класи, интелектуалци“. Понатаму: „Класна политичка свест може да им биде донесена на работниците само однадвор, што е, само надвор од економската борба, надвор од областа на односите помеѓу работниците и работодавците“. Уште понатаму: „Спонтаното движење на работничката класа самото по себе е способно да создаде (и неминовно создава) само синдикализам, а синдикалните политики на работничката класа се токму буржоаски политики на работничката класа“.

Но, во текстот од кој е даден овој цитат Маркс ги критикува всушност синдикатите. Тој продолжува веднаш по цитатот: „Синдикатите генерално не успеаја поради себеограничување на герилска војна, против ефектите на постоечкиот систем, наместо истовремено да се обидуваат да го изменат, наместо да ги искористат своите организирани сили како лост за завршна еманципација на работничката класа односно крајно укинување на наемниот систем“. Значи Маркс УКАЖУВА дека НАМЕСТО конзервативното мото, работниците ТРЕБА да ја испишат на своите знамиња револуционерната максима „Укинување на наемниот систем“. Според ленинистите сега Маркс е идеалист?! Очигледно ниту логички резонираат ниту ја прочитале Марксовата „Вредност, цена и профит“ (1865).

Хероите на кинеската работничка класа

Во 2001 година во Женгжоу се организирало одбележување на годишнина од смртта на Мао на кое се собрале десетици илјади работници – со 10.000 полицајци кои ги заобиколиле работниците – и исто така бил организиран голем штрајк. Денес, на работниците им е забрането дури да одат на мало место каде што последната статуа на Мао во градот уште стои, кога тие сакаат да ги одбележат датумите на неговото раѓање или смрт. Но, тие сепак одат и се судираат со полицијата. На истото место, на 9 септември 2004, активист за работнички права, Жанг Женгјао, разделил леток во кој ги обвинува комунистичката партија и владата за предавство на интересите на работничката класа и за учество во широкоразмерна корупција. Неговиот леток исто така го обвинил обновувањето на капитализмот во Кина и повикал за враќање кон „социјалистичкиот пат“ започнат од Мао. Тој и коавторот на летокот, Жанг Рукуан, биле уапсени откако полицијата упаднала во нивните станови. Нивниот случај наскоро станал познат на левичарите ширум државата и тие пристигнале во Женгжоу да простестираат надвор од затворениот судски процес на двајцата обвинети во декември 2004 година, на кое судење секој од нив бил осуден на три години во затвор. Заедно со Ге Лијинг и Ванг Жанкинг – кој помагал во пишувањето и печатењето на летокот и кој исто така бил психофизички малтретиран од полицијата – овие активисти за работнички права станале познати како „Женгжоу 4“.

Впечатлив пример за нов бран во кинеската левица е едно писмо до Ху Џинтао од група на „ветерани на КПК, членови, кадар, воени лица и интелектуалци“ во октомври 2004 година, насловено „Нашите погледи и мислења за сегашната политичка ситуација“[48] со повик за корективна акција и враќање на социјалистичкиот пат и оддалечување од капиталистичкиот пат. Писмото е еднакво милитантно како летокот на Женгжоу 4 во својата критика на сегашната ситуација. Оваа волја на ветераните на револуционерните борби од минатото да излезат така отворено против сегашните политики на партијата и државата е индикација на понова клима која се најавува.

Наравоучение за навек

„Исто така, би можел да се укине папата, а да се пушти да суштествува католицизмот“ (Маркс)

Субјективните виновници беа токму апологетите на кинеската НЕП кои заземаа високи позиции во КПК. Зошто? Па, бидејќи „пазарниот социјализам“ му беше мајка на „слободниот пазар“. Според Кокшот и Котрел „...Пазарниот социјализам не установува посебен начин на производство со свои сопствени динамички закони. Капитализмот е начин на производство со различен механизам на екстракција на вишокот на труд и различни закони на движење; исто и социјалистичката планска економија. Пазарниот социјализам од друга страна е идеолошки натпис аплициран на одредени општествени формации доминирани од капиталистички начин на производство. Сомнително е дали таквите општествени формации можат да бидат секогаш стабилни. Во зависност од политичките околности, тие се развиваат повеќе или помалку брзо во вообичаени капиталистички економии или социјалистички плански економии. ...Професионалните менаџерски слоеви сè повеќе и повеќе ги преземаат карактеристиките на капиталистичка класа, барајќи можности да ги приватизираат претпријатијата. Во ова тие се помогнати од порастот на класа на мали претприемачи кои првично коегзистираат со работничко-поседуваните претпријатија, но кои растат со своето богатство и важност. Притисокот расте за претпријатијата да емитираат трговски акции. Штом ова се случува, транзицијата кон нормална капиталистичка дистрибуција на акционерска сопственост е брза. Ова фаза беше достигната во Кина и Југославија кон крајот на 1980-тите години. Политиката на крајот е одлучувачка. Каде што државата е контролирана од социјалисти, таа може да интервенира во економијата, ограничувајќи ја приватната трговија, ограничувајќи го правото на претпријатијата да располагаат со своите сопствени вишоци, и насочувајќи ја кон планска економија. Ако оние во власта се бранители на капиталот, државата ќе интервенира да го прошири полето на дејствување на приватните претприемачи, да ги ограничи работничките права коишто се несоодветни со потребите на пазарот и да ја забрза транзицијата кон целосна пазарна економија“[49].

Маркс опоменува во Граѓанската војна во Франција дека без економско ослободување, политичката власт за работниците би била деструктивна илузија и којашто многу наскоро би се демаскирала како диктатура на „авангардата“. Сетете се што им се случи на сиромашните селани и работници во златната ера на античка Атина кои практикуваа непосредна „компјутеризирана“ демократија со раце кои се врзани за џебовите на богатата класа. Не залудно Адам Смит предупреди дека парите во крајна линија се моќ да се командува трудот на другите, а Маркс – дека секој капиталист ја носи својата власт в џеб. Зошто „социјализам“ со економска база на стоковно-парично производство неминовно се трансформира во капитализам докажуваат и физичарите:

„Јаковенковите оригинални равенки ја претставија економијата, која е нешто како она што Маркс го нарече просто стоковно производство. Тоа претпоставува само купување и продавање. Поновиот труд од Јаковенко и Рајт, покажал дека ако вие ги менувате овие равенки така што допуштате или заработка од камата на пари или од вработување на наемен труд, тогаш равенките предвидуваат поларизација на населението во две групи. Најголемиот дел од населението, работничката класа и ситната буржоазија, произлегува од Гибс-Болцмановата дистрибуција на приход. Меѓутоа, постои друга класа, онаа чиј приход произлегува од капитал, чие богатство следи од различен закон, кој се нарекува закон на моќта. Повторно, погледајте ја детално дистрибуцијата на богатството и ќе ви ја даде точно дистрибуцијата предвидена од Јаковенковата теорија. Ова, кажува Јаковенко, докажува дека Маркс бил во право кога кажал дека современото „општество“ се состоело од две различни и спротивставени класи: капиталисти и работници. Така современата физика покажала дека не само што Маркс бил во право со неговата основна анализа, туку дека тој бил во право, бидејќи неговите заклучоци произлегуваат од најосновните закони на физиката, законите на термодинамиката. Постои исто така помалку очигледен заклучок, кој можеме да го извлечеме од физиката, а кој се однесува на непожелноста од пазарен „социјализам“. Можеме да видиме од Јаковенковиот труд дека една пазарна „социјалистичка“ економија би имала исто така многу нееднаква дистрибуција на парите. Постои исто така Гибс-Болцманов закон што би владеел. Мал број на луѓе или задруги би завршиле со многу пари, и многу такви луѓе или задруги би завршиле погодени од сиромаштија. Од ова капитализмот би бил регенериран. Како што Ленин напишал: „Ситното стоковно производство создава капитализам и буржоазија континуирачки, дневно, на секој саат, спонтано и во голем размер.“[50]

Лудвиг фон Мизес, реакционерен буржоаски економист, се разбира, во иронија кон марксистите, пишува: „Материјалните производствени сили работат како режисер во опера; тие мора да имаат на располагање заменик во случај на проблем, како што режисерот на операта мора да има заменик доколку пејачот се разболи. Според оваа идеја, Наполеон и Данте, на пример, биле неважни – доколку тие не се појавиле да го заземат нивното сопствено специјално место во историјата, некои други би се појавиле на подиумот за да ги присвојат нивните улоги.“

Но, дозволете како одговор да прилагодам еден необјавен параграф од последниот Игов роман „Вандеја се буни: 1793“ во контекст на денешна КАПИТАЛИСТИЧКА Република Кина:

Мао не е мртов. Ставете го Мавзолејот или фрлете го во одводен канал; не е важно – тој е тука следниот ден. Тој е прероден во човекот кој нема работа, во жената која нема леб, во девојката која мора да го продава своето тело, во детето кое не научило да чита; тој е прероден во незатоплениот стан, во мизерниот душек без ќебе, во невработените, во пролетаријатот, во борделот, во затворот, во безмилосните закони, во безперспективните училишта… О, внимавај, човечко општество: ти не можеш да го убиеш Мао сè додека не ја убиеш мизеријата на сиромаштијата.


[48]http://links.org.au/node/17
[49]Paul Cockshott&Allin Cottrell, On Ljunggren’s „Plan and Market“, 2002.
[50]W. Paul Cockshott, How Physics is validating the Labour Theory of Value, 2008. Онлајн верзија: http://21stcenturysocialism.blogspot.com/2008/08/how-physics-is-validating-labour-theory.html

(крај)

Кон првиот дел
Кон вториот дел
Кон третиот дел
Кон четвртиот дел

ОкоБоли главаВицФото