Дизниленд

06.12.2012 12:47
Дизниленд

Не знам. Можеби е во право министерот Тодоров кога сака сосема да го претумба јавното здравство. Очигледно има сериозни со проблеми со јавното здравство, бидејќи овие, јавните личности, да не кажам јавни функционери очигледно не се здрави. Прво, самиот министер покажа дека има проблеми со видот, па не успеа да ги види штрајкувачите, а сега видот, се чини, уште повеќе му се влоши, па штрајкувачите му личат на криминалци, па им праќа инспектори. И, второ, како што еден мој колега забележа, како колмплетната Влада (заедно со владеjачката партија) да има проблеми со слухот. На прашањето дали ќе му се извинат на фармерот Душко Илиевски за шиканирањето околу наводната марихуана, тие одговараат со прашање: Дали Заев ќе излезе пред суд за (наводниот) криминал што го направил. На барањата на АМАН за поништување на одлуките на Регулаторната комисија, тие прашуваат кој го приватизираше ЕСМ.

Да, навистина треба Тодоров да спроведе сериозна реформа во здравствениот систем. За почеток да воведе редовни систематски прегледи за членовите на Владата. А како пример, треба самиот да се изложи на детален преглед за да се види кои се тоа центри во мозокот што не му дозволуваат да ја согледа реалноста. Има некои медицински термини со кои се толкуваат овие феномени - кога сметаш дека ти си единствениот, можеби дури и божји пратеник, чија задача е да воведува нови системи. Кај Тодоров „синдромот Наполеон“ беше видлив уште додека беше министер за образование, па откако влезе во конфликт со професорите од државните факултети, се префрли на терен што очигледно повеќе го познава - здравството. Жал ми е само што не успеа во целост да го реформира образованието, па да воведе аналфабетски курсеви за него и за неговите колеги за тоа што значи „техно-менаџерска влада“, каква што заговараше неговиот премиер уште од 2006 година. Еве една бесплатна лекција - менаџерот менаџира, односно управува. И преку практичен пример: дали Тодоров ја управува ситуацијата со здравството? Бидејќи луѓето од власта имаат очигледен проблем со видот и слухот, ќе мора да им се помогне. Значи, не. Не управува. Не може да ја изменаџира ситуацијата. Дали за тоа се виновни лекарите? Дали за тоа е виновен министерот? Одговорот на ова прашање вреди милион долари и неколку тендери. Се разбира, секому, кој сака да просперира во ова општество, одговорот му е повеќе од јасен - виновен е Цацко, односно СДСМ.

Но, не е сè така како што изгледа на прв поглед. И перцепцијата на јавноста може да биде погрешна. Еве, на пример, не отиде Никола Груевски во САД за да избега од албанските знамиња и бламажата што ја доживеа во Албанија. Ниту да бара нови инвестиции. Отиде да види како функционираат Лас Вегас и Дизниленд. Претпоставуваме дека ќе се врати со полезни искуства. Има таму што да се научи. Особено од Лас Вегас. Имено, целиот Лас Вегас има приближно исто жители како и Македонија, сличен естетски и културен вкус, а најголемиот број од населението живее од коцка. Како што се знае, Лас Вегас е реобновен од луѓето од таканаречениот организиран криминал, пред сè од Багзи Сигел и Меер Ленски, што значи дека може да се научи многу за менаџирање со луѓето, просторот, а особено со парите. Е, сега, Лас Вегас нема развиено јавно здравство и нема државни високообразовни институции, нешто што очигледно и кај нас не е потребно. А Дизниленд? Дизниленд со години е најголемата американска туристичка дестинација, каде што жителите се преправаат дека не се она што се и дека не живеат во реалниот свет, туку во бајките. Ви звучи познато?

Во меѓувреме, во Обединетите Нации е примена 194-тата држава, Палестина. Иако и Македонија учествуваше во гласањето за Палестина, или токму поради тоа, македонските медиуми некако млако ја проследија оваа вест. Иако, се разбира, станува збор за историски чин и исправање на една многудецениска неправда. Значи, и Македонија, како и повееќето земји од таканаречениот Западен Балкан (освен Србија) беа воздржани во гласањето за прием на Палестина во ОН. Зошто еден народ кој со векови немал држава, кој уште има проблеми со сопственото име и со сопствениот идентитет, сега е против признавањето на палестинската држава? За разлика од Хрватска, на пример, каде што некои интелектуалци гласно протестираа против поданичкиот однос на хрватската држава кон Израел и САД, во Македонија не се слушнаа такви гласови. Иако е сосема јасно дека Палестинците се подложни на континуирано иселување и физичко истребување, очигледно принципите врз кои се раководи човештвото не се битни во однос на додворувањето кон оние што, во принцип, не те ни забележуваат.

Добро, има оправдување и за ваквата надворешна политика на Македонија. Па, Никола Груевски беше во САД. Замислете каков револт кај Американците ќе предизвикаше одлуката Македонија да гласа како и повеќе од 150 земји во светот. Што јајца ќе беа фрлани кон Груевски (башка не од кокошки, туку од мисирки) и колкави знамиња ќе беа палени? Вака, посетата помина во најдобар ред. Ако сè уште може да им се верува на македонските медиуми.

Или можеби јас сум во грешка. Еве, сега ми велат дека министерот Тодоров не видел никакво гласање, ама ќе прати инспекција да ги провери наводите.

Извор: Глобус
Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото